Младоста и амбицијата – поттик да се реализира професионалниот креативен сон

Интервју со Јован Саркањац, режисер и сценарист во кое зборува за значењето на наградите за неговиот краткометражен филм „Последната светлина“ добиени на меѓународни фестивали, за тоа како се градела приказната за филмот, за филмовите кои имале најголемо влијание врз неговото професионално созревање, како и за љубовта и афинитетите кон компонирање филмска музика и за љубовта кон читање и толкување поезија и соништа

 

МАРИЛИ: Вие сте еден од најмладите наградувани режисери и сценаристи во нашата земја, а Вашиот талент неодамна беше верификуван со награда на Стокхолмскиот меѓународен филмски фестивал каде бевте награден за најдобар краткометражен филм со времетраење под пет минути, за Вашиот најнов краток филм „Последната светлина“. Колку Ви значи оваа награда, како и претходните во Турција и Индија и за што беа доделени тие награди? 

САРКАЊАЦ: Овие три награди се прво официјално признание на мое аудиовизуелно дело. Тоа што сите се од странски фестивали докажа не само дека приказната може да се разбере во подалечни делови од светот, туку и дека им се допаѓа на селекторите и на професионалците ширум светот. Наградите во Турција и Индија беа за најдобра музика и за најдобар краток филм. Штотуку дознавме дека добивме уште две награди во Индија: најдобар трилер и најдобар меѓународен филм (по избор на критичарите). Инаку, филмот е исто така дел од официјална селекција на уште 11 меѓународни фестивали.

За мене сето ова претставува голема чест и поттик за уште понапорна работа на понатамошни филмски проекти и се надевам дека исто се чувстува и екипата.

 

МАРИЛИ: Како се градеше приказната и идејата за правење на „Последната светлина“ и колку време беше потребно да се заврши целиот проект?

САРКАЊАЦ: Сето започна со тоа што имав наумено да аплицирам за постдипломски студии во Америка, при што еден од факултетите бараше да се направи краткометражен филм, пократок од пет минути, на дадена тема. Преку разговор со двајца пријатели стигнав до некаква претстава за идејата, потоа дојде на ред пишување и дотерување на сценариото. Наскоро собрав екипа со помош на продуцентката на филмот со која го утврдивме стилот, како и неговата порака, и во рок од два месеца го снимивме. Неколку недели потоа беше измонтиран, музиката беше искомпонирана, звукот истакнат и сликата изострена. Сега преостанува да видиме како ќе се покаже на големото платно.

 

МАРИЛИ: Кои се поважните личности што се дел од овој филм? 

САРКАЊАЦ: Во однос на организација и продукција, се чувствував самоуверено што го имав Батухан Ибрахим како прв асистент на режија. Проектот беше наша прва соработка и од прва рака видов дека пофалбите и препораките за него од страна на колегите воопшто не се без основа. Со Батухан и со Ивана Мирчевска како продуцент, покрај пречките, од кои поголем дел се јавија токму пред снимањето, продукцискиот процес течеше како под конец.

Од креативната екипа безрезервно би ги истакнал Дона Дамеска, директорот на фотографија, Лазар Христов, главниот глумец и Лука Јанкулоски, композиторот, не нужно по тој редослед. Добивме награда за најдобра музика, а во моментов Лазар е во конкуренција за награда за најдобар глумец. Секако стискаме палци и за такво признание на кинематографијата на Дона и останатите сектори.

 

МАРИЛИ: Кој е Јован Саркањац професионално и од каде ги црпеше идеите за филмската уметност, односно, кој изврши најголемо влијание врз Вас? 

САРКАЊАЦ: Една од поважните карактеристики на врвни режисери е тоа што крадат од туѓи филмови, што во филмскиот свет е сосема дозволено, дури и охрабрено. Не би можел да одвојам некој филмски уметник како врвен, главно бидејќи сечија филмографија содржи пропусти. Можам да кажам дека најголем впечаток ми имаат оставено филмови како Vanilla Sky, Black Swan, The Butterfly Effect, кои ме имаат принудено да се нурнам во интроспекција; Bill and Ted, филм кој не само што е преплавен со добра музика, туку низ кој главните ликови го спасуваат светот и се возвишуваат над страдањето; потоа Euphoria, Joker, The Perks of Being a Wallflower - кои за мене се незаменливи во нивната прецизност и живост во доловување и прикажување чувства.

 

МАРИЛИ: Каква е улогата на филмскиот автор како раскажувач од аспект на она што е Ваша потесна специјалност?

САРКАЊАЦ: Филмската дејност е захтевна и прецизна алатка за раскажување, би сакал да верувам дека е најсовршена од уметностите поради симбиозата на музика, слика и текст. Филмскиот уметник, и уметникот воопшто, е пред сѐ раскажувач. Ако приказната е наједноставната единка полна значење со која човекот најлесно може да си го претстави и разбере светот околу себе, тогаш раскажувачот е несомнено најдревната и најнеопходната улога во општеството. Затоа мислам дека се ценат филмаџии кои поседуваат уметнички знаења надвор од својот занает. Се стремам кон тоа да можам да раскажам преку сите медиуми од кои е сочинет филмот за да можам да раскажам поцелосна приказна. Германците тоа го нарекуваат Gesamtkunstwerk - Уметничко дело во целост. 

 

МАРИЛИ: Како млад успешен човек докажавте дека може и од својата земја да се работи за европски и светски фирми од креативната индустрија. Дали за тоа е „виновна“ пандемијата?

САРКАЊАЦ: Пандемијата е заслужна за растот на создавање и конзумирање видео игри, посебно оние на телефон. Оттаму произлезе и далеку поголема побарувачка за работна сила за да може да се справи со зголемениот број играчи. Тоа сигурно ги создаде околностите кои ми овозможија да се покажам како квалитетен и креативен работник и да успеам да се вработам како режисер и монтажер на реклами за видео игри во една од водечките компании за мобилни видео игри во светот.

Во однос на филмот, пандемијата создаде глад за филмови и серии поради престанокот на снимање. Ние не престанавме со пишување за време на кризата. Сега, откако започна олабавување на мерките се надевам ќе можеме да претставиме што сме направиле за време на карантинот и допрва да го снимиме.

 

МАРИЛИ: Во кои области на филмот би сакале да се насочите во иднина и кој е Вашиот потесен интерес?

САРКАЊАЦ: Покрај мојот восхит за сценаристика кој почнав да го негувам пред некоја година, од мали години се стремам кон музика. Да не бев филмаџија, ќе се насочев кон компонирање. Но, со примери кaко Карпентер и Иствуд, верувам дека би можел да научам да компонирам музика за филмовите кои ги режирам. Ако ја дотерам мислата до самиот крај, на трето место би се обидел да бидам архитект, или барем критичар на архитектура. 

 

МАРИЛИ: Што Ве исполнува дополнително во Вашето слободно време, освен филмот?

САРКАЊАЦ: Религиозно слушам музика која знае често да се покаже како инспирација за некое ново аудиовизуелно дело, или, пак, да ми помогне со некој предизвик во работата или приватниот живот. Постојано се трогнувам од нејзината моќ и ја користам секоја шанса да се доближам до толкување на нешто речиси невозможно да се артикулира на кој било друг начин освен музички.

Во моментов не е толку лесно целосно да се оддалечам од филмот, затоа што сум целосно обземен. Ете уште едно нешто што сметам дека не е директно поврзано, е читање и толкување поезија и соништа. Тие комуницираат на истиот јазик како и филмовите и е просто феноменално да се стигне до сржта на значењето на двете и да се искуси еуфорија на знаење преку кое не само што можам да станам подобар раскажувач, туку и индивидуизирана личност.


Статијата е прочитана 2040 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско