„Евзони“ од денеска ќе работи 24 часа, се отвораат и премините „Дојрани“ и „Меџитлија“

Од денеска најголемиот граничен премин за влез во Грција од Македонија „Евзони“ ќе работи 24 часа, а не како што беше досега од 7 наутро до 23 часот навечер. Исто така со 24-часовна работа почнуваат и другите премини „Меџитлија“ и „Дојрани“ кај Дојран.

Отворање на сите копнени гранични премини на Грција со соседните земји со 24-часовно работно време, почнувајќи од денеска, најавија грчката заменик-министерка за туризам, Софија Захараки и шефицата на канцеларијата на грчкиот премиер во Солун, Марија Андониу.

„Ги зајакнуваме копнените граници, од денеска копнените граници ќе работат 24 часа“, изјави Захараки за грчката телевизија „Скај".

Шефицата на канцеларијата на грчкиот премиер во Солун, Андониу, преку соопштението најави дека од 1 јули 24 часа ќе работат копнените премини „Промахонас“, „Евзони“, „Ники“, „Дојрани“, „Кастањес“, „Кипи“, „Орменио“, „Нимфеа“, „Кристалопиги“ и „Какавија“. Според неа преминот „Ексохи“ кон Бугарија од утре ќе работи 24 часа, а „Мавромати“ кон Албанија до 7 јули ќе функционира под актуелните правила, односно од 8 до 16 часот и дозволен влез на најмногу 250 лица.

Сепак, за начинот на кој ќе функционираат граничните премини и за да може да се примени оваа одлука потребно е одлуката да биде објавена во Службен весник на Грција.

 


Статијата е прочитана 748 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско