„АСП ПАК“ гради нов супер модерен производствен капацитет во Охрид: Инвестиција од над 10 милиони евра со висока технологија за лидерско место на светскиот пазар

Со инвестиција од над 10 милиони евра, „АСП ПАК“ започна изградба на нов производствен капацитет во индустриската зона на улицата „15-ти Корпус“ во Охрид со кој ќе ги зголеми капацитетите, ќе ја модернизира технологијата и ќе го прошири присуството на меѓународните пазари. Денес беше поставен камен темелникот и потпишан Договорот за стратешко партнерство со Владата на Република Македонија. Со ова, по 26 години работа и раст, охридската семејна компанија прави значаен чекор кон иднината и светските пазари, пренесува ohridnews.com.

На настанот присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за транспорт, Александар Николоски, градоначалник на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, митрополит дебарско-кичевски, г. Георгиј, како и бројни претставници на институциите, деловни партнери, вработени и соработници.

Директорот на АСП ПАК, Кирил Спасески, кој се обрати во име на компанијата и семејството Спасески, упати благодарност до Владата за препознавање на потенцијалот на инвестицискиот план и понудата за договор за стратешко партнерство, како и до локалната самоуправа за создавање на индустриската зона во која ќе се издигне нова фабрика. Посебна благодарност тој упати до семејството чии вредности се темел на успехот на АСП ПАК.

Сè што создадовме до денес и сè што ќе создадеме од денес па натаму е благодарение на ова семејство, на нашата меѓусебна доверба, почит, заедништво и љубов. Но, исто така и благодарение на сите членови на „АСП ПАК“ кои се дел од нашата приказна и нашиот успех. Затоа што „АСП ПАК“ иако е идеја и визија на еден човек, Петар Спасески, не го создава еден човек, го создаваме сите заедно. Партнерството со Владата за нас не е само финансиска поддршка, туку е ветар во грб, признание дека сме на вистински пат, но и уште поголема одговорност која треба да ја оправдаме пред вас во иднина. Со ова партнерство на некој начин добиваме и нов член во нашиот тим, тоа е државата, рече Спасески.

Потенцираше дека новиот производствен капацитет нема да биде само нова производна хала, туку ќе се гради современ, флексибилен и прилагодлив индустриски екосистем.

„Екосистем во кој имплементираме најсовремени технологии од роботика и автоматизација до вештачка интелигенција, а во иднина и супер интелигенција. Екосистем кој ќе може постојано да се прилагодува на секоја нова технологија што може да придонесе за нашето работење. Не градиме фабрика која ќе биде модерна само за денес, туку фабрика која постојано ќе се модернизира. ​Тоа не значи помалку вработени, напротив, ќе ни бидат потребни повеќе луѓе, повеќе вработени. Технологијата ќе му помага на човекот, но човекот ќе биде тој што ќе ја води технологијата. За да успееме сите ние во „АСП ПАК“ ќе мора заедно да еволуираме, да ги развиваме нашите знаења, работни места и начинот на кој работиме. Нашите цели се конкретни: минимална плата со завршување на овој проект од 1.000 евра нето-плата, а просечна плата помеѓу 1.500 и 2.000 евра. 100% квалитет, преполовени рокови за испорака и двојно поголем производствен капацитет“, потенцираше Спасески.

Денес, додаде тој, „АСП ПАК“ е меѓу петте водечки компании во светот во неговата индустрија.

Со овој проект верувам дека имаме можност да станеме број еден во светот. На оваа трансформација работиме веќе 10 години. Според нашите сознанија, нашите конкуренти сè уште не започнале ваква сеопфатна трансформација, а тоа не се прави преку ноќ. Од Охрид, поточно од Лескоец, имаме можност да станеме светски лидери и тоа долго пред конкуренцијата, додаде Спасески.

Дел од развојната приказна на „АСП ПАК“ се и бројните соработници со кои компанијата успешно одржува партнерски односи низ годините. Руди Медар Чарлс ван Хазебрук, партнер од Белгија, се наврати на почетоците од соработката со „АСП ПАК“ потенцирајќи дека низ годините двете компании изградиле силна и долгорочна врска.

„Во „АСП ПАК“ најдовме партнер кој ги разбира нашите потреби. 20 години заедно растевме и се развивавме и изградивме силно и трајно партнерство. Нашата компанија „Рова“ во Белгија ја има истата семејна структура и за нас како татковци значи нешто посебно кога нашите деца го продолжуваат нашиот бизнис на добар начин. Се радуваме што нашата соработка ќе продолжи и во иднина“, рече ван Хазебрук.

Партнерот од Израел, Боаз Шалом изрази благодарност за 18 годишната плодна соработка и пријателски односи кои ги имаат изградено помеѓу компаниите „Амир“ и „АСП ПАК“.

„АСП ПАК“ и „Амир“ се партнери кои заедно минуваат низ предизвиците на пазарот како што се конкуренцијата, подобрување на квалитетот на производите и човечноста во односите, при тоа постојано унапредувајќи го партнерството, рече Шалом, посакувајќи им понатамошен раст и развој.

Премиерот Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите изрази благодарност што инвеститорот во соработка со Владата одлучиле да инвестираат токму во Охрид во нов производствен погон за производ којшто е меѓу светските лидери.

„Нешто што за нас како Влада, но и за Охрид, но и за Македонија како држава претставува посебна гордост, да имаме еден од светските лидери токму тука дома, во Охрид кој ја продлабочува својата трага која ја остава во локалната и во државната и националната економија. Ние како Влада сме партнери, ќе го поддржиме секако овој инвестициски проект, затоа што веруваме дека има голема додадена вредност и на тој начин ќе се потрудиме заедно со инвеститорот дополнително да ја потврдиме лидерската позиција во светски рамки. Инаку она што за мене како претседател на Владата посебно претставува задоволство, но и како професор, е тоа што оваа линија ќе биде комплетно роботизирана, ќе се користат апликации на вештачка интелигенција, нешто што претставува современа, врвна технологија. И јас сум убеден дека токму тука од Охрид, од овој производствен капацитет ќе ги стимулираме сите идни инвеститори во Македонија да применуваат вештачка интелигенција, роботизирани и технолошки напредни системи, со што ќе го зголемат и ќе го оптимизираат своето производство“, рече Мицкоски.

„АСП ПАК“ е основана на 15 јули 2000 година од Петар Спасески, како мал семеен бизнис со дваесетина вработени. Денес, три генерации од семејството Спасески и стотици вработени ја продолжуваат приказната на компанијата, која прерасна во меѓународно препознатлив производител.

Извор: ohridnews.com

Фото: А. Момироска


Статијата е прочитана 125 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete