„ЕЛЕНА ЛУКА ГРУПАЦИЈА“ – Компании со вистински вредности и реален импакт врз економијата
Интервју со Елена Пандева, сопственичка и генерална менаџерка на „ЕЛЕНА ЛУКА ГРУПАЦИЈА“, во која спаѓаат модната куќа ELENA LUKA, ELENA LUKA HOME, Temel Construction, ЕLENA LUKA TEXTILE, FASHIONEL и ЛУКАРД.
Најнов реализиран проект е FUTURA 2, станбено-деловен простор на булевар „Борис Трајковски“ кој е свечено предаден во употреба.
Пандева на менаџерска позиција е повеќе од две децении. Таа е етаблирана и успешна лидерка и сопственичка која се карактеризира со силна визија, дисциплина и адаптибилност. Верува дека за континуиран успех е потребна јасна стратегија, инвестирање во луѓето, финансиската одговорност и храброст за донесување одлуки. За нејзината успешна работа и квалитет е наградувана во повеќе наврати во земјава, но и на меѓународно ниво.
„Компаниите што имаат реален импакт врз економијата се оние што создаваат вредност, а не само профит“, вели Пандева.
Годинава беше наградена за континурано и успешно менаџирање и траен придонес кон домашната економија на јубилејната 30-та манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“, во организација на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Почитувана г-ѓа Пандева, Вие сте сопственичка на повеќе бизниси. Накратко, кои бизниси ги поседувате и во кои дејности дејствуваат? Колку семејната традиција во градежништвото ја продолжувате успешно и денес? Кои се новините во оваа област за 2026 година?
ПАНДЕВА: Јас сум сопственичка и генерална менаџерка на ЕЛЕНА ЛУКА ГРУПАЦИЈА, во која спаѓаат ELENA LUKA – модна куќа, ELENA LUKA HOME – компанија за инвестиции, развој и продажба на недвижности, Temel Construction – компанија за градежни извршни работи, ELENA LUKA TEXTILE – производство на облека FASHIONEL – моден портал и ЛУКАРД - лиценциран управител на станбен и деловен простор.
Семејната традиција во градежништвото ја продолжувам со современ и системски пристап, надградувајќи ја со јасна визија, високи стандарди и фокус на долгорочна вредност.
Денес таа традиција е трансформирана во стабилна бизнис-структура што обединува инженеринг, изведба и развој на недвижности.
Во 2026 година фокусот е насочен кон нови инвестиции и проекти со современи архитектонски решенија, одржливи материјали и повисоко ниво на квалитет и функционалност, со цел да се одговори на современите потреби на пазарот.
МАРИЛИ: ELENA LUKA e авангарда во македонската модна индустрија. На што се работи актуелно во оваа сфера, во однос на освојувањето на светските пазари?
ПАНДЕВА: ELENA LUKA континуирано се развива како луксузен моден бренд со јасен авторски идентитет.
Актуелно работиме на интернационално позиционирање преку селектирани пазари, со посебен фокус на Блискиот Исток и Европа.
Развиваме колекции наменети за глобална публика, со акцент на couture пристап, врвна изработка и силна визуелна приказна.
Паралелно, инвестираме во стратегиски партнерства, присуство на меѓународни платформи и зајакнување на брендот како симбол на современ луксуз.
МАРИЛИ: Колку долго сте на менаџерска позиција? Како менаџер во компанија што е успешна во континуитет и има значаен импакт во развојот на македонската економија, според Вашето мислење, што е клучно за да се постигне тоа ниво?
ПАНДЕВА: На менаџерска позиција сум повеќе од две децении. Во тој период научив дека долгорочниот успех не е резултат на случајност туку на визија, дисциплина и постојана адаптација.
Клучно за континуиран успех е јасната стратегија, инвестирањето во луѓето, финансиската одговорност и храброста за донесување одлуки. Компаниите што имаат реален импакт врз економијата се оние што создаваат вредност, а не само профит.
МАРИЛИ: За успешна жена менаџер неизбежни се конзистентноста и континуираната работа. Кои лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?
ПАНДЕВА: Ме одликуваат истрајноста, работната дисциплина и јасното чувство за одговорност.
Секогаш сум водена од силна внатрешна мотивација и верба во сопствената визија.
Конзистентноста, подготвеноста за учење и способноста да останам фокусирана и во најпредизвикувачките моменти се клучните карактеристики што ме донесоа до позицијата на која сум денес.
МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?
ПАНДЕВА: Манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ има значаен удел во афирмацијата на женското лидерство и претприемаштво.
Таа создава простор за видливост, размена на искуства и мотивирање на нови генерации жени лидери.
Континуитетот од 30 години зборува за нејзината важност и влијание, а ваквите иницијативи се клучни за градење посилна, поинклузивна и порамноправна деловна средина.
Статијата е прочитана 271 пати.




























