Dental International - 20 години успех, иновации и вештачка интелигенција во стоматологијата
Интервју со доцент д-р Тања Дејаноска, специјалист и доктор на науки по стоматолошка протетика, претприемач и иноватор во здравството, со професионална кариера која се развива на пресекот меѓу клиничката пракса, вештачката интелигенција, здравствената економија и институционалните реформи. Таа е основач на Dental International – Prof. Dr. Dejanoski, основач на Dental Travel ДООЕЛ Скопје, ко-основач на Центарот за вештачка интелигенција и доцент на Европскиот универзитет – Скопје. Нејзината професионална биографија претставува редок и конзистентен спој на клиничка извонредност, претприемништво, технологија и општествен ангажман, со јасна визија за долгорочен и одржлив развој на здравствениот систем.
Доцент д-р Тања Дејаноска е еминентен специјалист стоматолог, добитничка на многу награди и признанија во земјава и на на меѓународно ниво.
Годинава беше наградена за континурано и успешно менаџирање и траен придонес кон домашната економија на јубилејната 30-та манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“, во организација на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Почитувана доцент д-р Дејаноска, можете ли накусо да нѝ ги опишете почетоците на вашиот претприемачки пат и професионалната определба?
ДОЦЕНТ Д-Р ДЕЈАНОСКА: Во деловниот свет сум активна од 1995 година, уште од деветнаесетгодишна возраст. Раните професионални искуства не само што ја обликуваа мојата деловна интуиција, туку и ја зацврстија мојата определба за развој во рамките на приватниот сектор. Претприемништвото, со својата динамика, ризик и одговорност, стана клучна рамка во која се формираше мојот професионален идентитет. Особено значајни во тој процес беа неформалното образование во областа на маркетингот и менаџментот, како и професионалното искуство стекнато во стоматолошка ординација во Соединетите Американски Држави.
МАРИЛИ: Dental International годинава одбележува 20-годишен јубилеј, а една од вашите специфики и клучен столб на делување е Денталниот туризам. Накусо, опишете го развојниот пат на ординацијата и што претставува денес?
ДОЦЕНТ Д-Р ДЕЈАНОСКА: Оваа година има особено значење за нас, бидејќи ординацијата Dental International – Dejanoski одбележува 20 години континуирано деловно работење и професионална грижа за пациентите. Во текот на овие две децении, преку јасна визија и стратешки развој, ординацијата се изгради во препознатлив модел на клиничка извонредност.
Наш постојан професионален предизвик е имплементацијата на најсовремените техники и технологии во светската стоматолошка практика и нивна достапност за пациентите, со фокус на индивидуализирано планирање на третманот, високи стандарди на професионална етика и целосна заштита на приватноста, така што довербата и комфорот на пациентот се во центарот на секој терапевтски процес.
Од самиот почеток, ординацијата се позиционираше над пазарниот просек. Во период кога значителен дел од стоматолошките субјекти беа фокусирани на основни модели на надомест зависни од ФЗО и краткорочна одржливост, ние веќе ги воведувавме денталните импланти како стандардна терапевтска опција и континуирано инвестиравме во современи технологии и докажани клинички протоколи. Стратешката ориентација отсекогаш била насочена кон чекор понапред. Денес, Dental International – Dejanoski претставува уникатен академско-клинички модел, предводен од три универзитетски професори.
Денталниот туризам е еден од клучните столбови на нашето професионално делување и област по која сме меѓународно препознатливи.
МАРИЛИ: Она што Ве прави уникатна, иновативна и специфична е вашиот континуиран придонес за развој на вештачката интелигенција во стоматологијата. Опишете накусо, на какво софтверско решение станува збор?
ДОЦЕНТ Д-Р ДЕЈАНОСКА: Како ко-основач на Центарот за вештачка интелигенција, активно работев на развој на софтверско решение засновано на апликативна примена на вештачката интелигенција за предвидување на исходот на стоматолошките третмани. Станува збор за уникатно решение во светски рамки, кое произлегува директно од мојата докторска дисертација и претставува редок пример на успешен трансфер на научно истражување во практична клиничка алатка со значаен меѓународен потенцијал.
Се вбројувам меѓу малкуте стоматолози во регионот со активен и континуиран придонес во развојот на вештачката интелигенција во стоматологијата. За овој придонес, во 2022 година добив меѓународно признание од Здружението на жени претприемачки во Србија, што претставува потврда дека трудот, визијата и стручниот ангажман се препознаваат и надвор од националните граници.
МАРИЛИ: Вие сте и доцент на Европскиот универзитет во Скопје, а до неодамна ја извршувате функцијата претседател на Комората на приватно здравство. Кажете нѝ повеќе за вашиот импакт врз интелектуалниот развој на студентите како и за достигувањата и успесите за време на вашето претседателствување со Комората?
ДОЦЕНТ Д-Р ДЕЈАНОСКА: Како доцент на Европскиот универзитет – Скопје, секој контакт со студентите го доживувам како можност за инспирација и одговорност, насочена кон развој на нивниот интелектуален и професионален потенцијал.
Како општествено одговорна личност, од 2008 година сум активна во Сојузот на стопански комори – организација што во голема мера го обликуваше мојот професионален идентитет и визијата за економски и институционален развој. Во изминатите 18 години, како член на Управниот одбор и основач на повеќе значајни групации, активно работев на поддршка и развој на приватниот сектор и на создавање системски вредности во стопанството.
Покрај мојата професионална работа, ја извршувам и функцијата претседател на Комората на приватно здравство, која ги обединува приватните здравствени установи – матични лекари, специјалистички ординации од различни медицински гранки, стоматолошки ординации, лаборатории, аптеки, веледрогерии, болници, како и други правни субјекти кои делуваат во приватниот здравствен сектор.
По приватизацијата на здравствениот систем во 2006год, се појавија бројни структурни проблеми во приватното здравство кои со години останаа нерешени. Со цел поорганизирано институционално делување, во 2010 година ја формиравме Групацијата на приватно здравство во рамките на Сојузот на стопански комори, на која бев претседател 12 години. По силниот удар што Ковид-пандемијата го нанесе врз здравствениот сектор, во 2022 година ја основавме Комората на приватно здравство, која ги штити економските интереси на приватното здравство. Во изминатите четири години, Комората постигна значајни и мерливи резултати.
Воведовме нов, конструктивен пристап во преговорите со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство, заснован на аргументирани анализи и методологии, со цел создавање поефикасен здравствен систем.
Нашето учество во Управниот одбор на Фондот придонесе суштински промени: капитацијата за примарното здравство беше зголемена во два наврати, цените за специјалистичките стоматолошки услуги, кои беа непроменети 17 години, ги зголемивме за 120% врз основа на изработените методологии; ја зголемивме цената на услугата на фармацевтската дејност во аптеките; исто така, го зголемивме и месечниот буџет на специјалистичките медицински и стоматолошки ПЗУ-и на 150.000 денари, кој со години беше непроменет. Оваа година очекуваме нови промени и на цените на услуги од специјалистичките и болничките пакети.
Комората на приватно здравство е вклучена и во Правилникот за ортопедски помагала, како рамноправен партнер во преговорите со ФЗОРСМ.
Со особена гордост ја истакнувам и обновата на Саемот за медицина, стоматологија и фармација, кој не се одржуваше 19 години. Првата саемска манифестација во организација на Комората, Health Innovation Expo, беше посветена на дигитализацијата и телемедицината како клучни предуслови за одржлив здравствен систем и претставуваше поттик за институциите да го забрзаат процесот на дигитална трансформација на здравството.
Комората беше активно вклучена во изработката на клучни стратешки документи и законски иницијативи кои го обликуваат идниот развој на здравствениот сектор, како изработката на Развојната стратегија на Владата за следните 20 години, Стратегијата за борба против корупцијата во здравствениот сектор и Стратегијата за дигитализација на здравството.
МАРИЛИ: Која е вашата филозофија на работење и живеење? Во што верува д-р Тања Дејаноска и за што се бори?
ДОЦЕНТ Д-Р ДЕЈАНОСКА: Триесет години работа ме научија едно, дека квалитетот никогаш не е случаен ниту неоснован. Тој се гради секојдневно, со знаење, визија и храброст да се менува системот.
Јас не верувам во брзи и површни решенија, туку во системи што траат. Вистинските промени не се постигнуваат со гласни ветувања, туку со сериозна посветеност и работа.
Реформите во здравството започнуваат таму каде што постои сериозен пристап и луѓе подготвени да преземат одговорност за вистински промени.
Гордост е да се биде дел од тој процес и да се остави траен белег во развојот на здравствениот систем.
Статијата е прочитана 218 пати.




























