SIGAL Life Insurance Group - Сигурност со европски квалитет, мост меѓу локалните потреби и глобалните трендови

Интервју со Александра Шкемби Антовска, генерален директор на SIGAL Life Insurance Group, осигурителна компанија која долго и успешно опстојува на македонскиот пазар и е лидер во осигурувањето во регионот. Друштвото за осигурување „SIGAL Македонија“ нуди продукти за осигурување на моторни возила, имотно, здравствено осигурување, а од 2011 година основано е  „SIGAL Life“ со фокус на животното осигурување како клучен сегмент.

„Со над 25 години искуство во регионот се фокусираме на персонализирани решенија што ги надминуваат традиционалните осигурителни модели - на пример, флексибилни полиси што се адаптираат на животните промени на клиентите. Како менаџер со долгогодишно искуство во осигурувањето, гордa сум што водиме со етика, брза обработка на барањата и континуирана финансиска едукација на клиентите за ризиците, што нè прави доверлив партнер во развојот на финансиската култура во Македонија“, вели Шкемби Антовска во интервјуто за „Марили“. 

Шкемби Антовска е една 30-те овогодишни лауреатки, добитничка на статуетка „Жена водилка“, наградена за долгогодишно, континуирано, успешно менаџирање и траен придонес кон македонската економија на 30-та јубилејна манифестација „Избор на Најуспешни жени менаџери“ 2026 година, која се одржа на 23 април 2026 година во Скопје, во организaција на агенција „Марили“.

МАРИЛИ: Од кога датира „SIGAL Life Insurance Group“ во Македонија и какви видови осигурување нуди? Кои се спецификите во Вашето работење?

ШКЕМБИ АНТОВСКА: „SIGAL Македонија“ има долгогодишно присуство на македонскиот пазар, градејќи ја својата репутација на професионализам, доверливост и иновативност како дел од регионалниот лидер во осигурувањето, кој започна со операции во земјата во 2004 година со основање на Друштво за осигурување „SIGAL Македонија“, кое нуди продукти за осигурување на моторни возила, имотно, здравствено осигурување, а од 2011 година основано е  „SIGAL Life“ со фокус на животното осигурување како клучен сегмент.

Друштвото брзо се позиционира како иноватор во животното осигурување. „SIGAL Life“ нуди широк спектар на производи, вклучително традиционално животно осигурување, осигурување на живот поврзано со инвестициски фондови, осигурување на живот без штедна компонента, како и дополнителни осигурувања од незгода и здравствено осигурување. Спецификите во нашето работење лежат во комбинацијата на локалното разбирање на македонскиот пазар со европски стандарди за квалитет и транспарентност.

Со над 25 години искуство во регионот се фокусираме на персонализирани решенија што ги надминуваат традиционалните осигурителни модели - на пример, флексибилни полиси што се адаптираат на животните промени на клиентите. Како менаџер со долгогодишно искуство во осигурувањето, гордa сум што водиме со етика, брза обработка на барањата и континуирана финансиска едукација на клиентите за ризиците, што нè прави доверлив партнер во развојот на финансиската култура во Македонија.

МАРИЛИ: Колку процесите на дигитализација се важни во Вашата компанија и колку се имплементирани во Вашето работење? Каде дејствува „SIGAL Life Insurance Group“ и што ѝ дава европски лик на компанијата?

ШКЕМБИ АНТОВСКА: Дигитализацијата е клучна компонента на модерното работење во осигурувањето. Во „SIGAL LIFE Insurance Group“ континуирано инвестираме во дигитални алатки за автоматизација на процесите, електронска обработка на полисите и управување со штети, како и алатки за анализа на податоци и подобрување на клиентското искуство. Имплементацијата на овие процеси во секојдневното работење овозможува брзина, прецизност и транспарентност, а истовремено ја подобрува комуникацијата со клиентите. Денес над 80% од процесите, од апликација за полиса до плаќање и управување со барања, се извршуваат онлајн, што го намалува времето за обработка од денови во минути.

„SIGAL Insurance group“ дејствува и присутен е не само во Македонија туку и во регионот, со мрежа од осум компании што опфаќаат животно и неживотно осигурување, како и пензиски фондови. Европскиот лик ни го даваат меѓународните стандарди за управување со ризици, усогласени со регулативите на ЕУ и нашата посветеност на одржливост, а тоа се гледа преку примена на најдобри меѓународни практики, професионални стандарди и постојано усовршување на вработените, што ја прави доверлива и современа компанија на пазарот. Ова, комбинирано со експертиза од регионот, нè прави мост меѓу локалните потреби и глобалните трендови, обезбедувајќи сигурност со европски квалитет.

МАРИЛИ: Колку долго сте на менаџерска позиција? Како менаџер во компанија што е успешна во континуитет и има значаен импакт во развојот на македонската економија, според Ваше мислење, што е клучно за да се постигне тоа ниво?

ШКЕМБИ АНТОВСКА: Моето искуство на менаџерска позиција во осигурувањето започна како директор за животно осигурување, член на Управен одбор на Друштвото во 2011 година, а од 2018 година сум на чело на компанијата. Оваа долга патека ми овозможи да ја видам еволуцијата на пазарот од криза до раст, со фокус на иновации што го зајакнуваат секторот.

Клучно за континуиран успех и импакт врз македонската економија е комбинацијата од визија, тимска култура и адаптибилност. Во „SIGAL LIFE“ постигнуваме стабилен раст преку инвестиции во дигитализацијата и финансиската едукација на пазарот, што придонесува за зголемување на пенетрацијата на осигурувањето од 1,5% на околу 2% од БДП во последните години. Клучот е во градењето доверба - преку транспарентни производи што штитат бизниси и семејства, стимулирајќи инвестиции и стабилност. Исто така, соработката со локалните институции, како Стопанската комора, нè прави катализатор за економскиот развој, каде што осигурувањето станува алатка за одржлив раст.

МАРИЛИ: Како за успешна жена менаџер, конзистентноста и континуираната работа се неизбежни. Која Ваша лична карактеристика Ве донесе таму каде што сте денес?

ШКЕМБИ АНТОВСКА: Како за успешна жена-менаџер, конзистентноста и континуираната работа се навистина неизбежни. Токму тие ме држат фокусирана и ми даваат сила да ги надминам секојдневните предизвици. Ако треба да издвојам една лична карактеристика што ме донесе таму каде што сум денес, како CEO на „SIGAL Life Insurance Group“, тоа е упорноста.

Од првите денови како менаџер во осигурување, па сè до оваа позиција, секој чекор бараше да останам цврста пред пречките - пазарни промени, тимски динамики и балансот меѓу кариерата и приватниот живот. Упорноста ме научи никогаш да не се откажувам на првото „не“, туку да барам нови решенија и постојано да учам. За време на пандемијата на КОВИД-19, благодарение на таа упорност успеавме брзо да се приспособиме на новите околности, да ја зајакнеме дигиталната трансформација и да постигнеме значителен раст во следните години. Оваа карактеристика ја негувам и кај моите колеги, особено кај младите жени во тимот, за да градиме култура на отпорност и постојан напредок.

МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?

ШКЕМБИ АНТОВСКА: Манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, со своите 30 години традиција, има огромен удел во подобрувањето на женското лидерство во Македонија - таа е вистински катализатор за промени. Преку признавање на достигнувањата на жени како мене, таа не само што ја зголемува видливоста туку и создава мрежа за менторство и соработка, што директно влијае врз зголемувањето на женското менаџерство од 25 % во раните деведесетти години на над 40 % денес.

Преку доделувањето признанија манифестацијата не само што ги наградува постигнатите успеси туку и ја зголемува видливоста на жените-лидери, промовира родова еднаквост, поттикнува соработка меѓу нив и инспирира млади генерации да се стремат кон лидерски позиции. Во време кога сè уште постојат предизвици за поголема вклученост на жените во економијата и на одлучувачки позиции, ваквите иницијативи се вистински мотор за промени и градат култура на инклузивност, отпорност и иновации.

Како жена-менаџер и CEO на „SIGAL Life Insurance Group“, лично сум уверена дека придонесот на оваа манифестација е траен и суштински и дека таа значително придонесе општеството да ги препознае и вреднува жените на лидерски позиции.


Статијата е прочитана 189 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete