„Л&Н&Т Диагностик“- 20 години сведоштво за визија, упорност и доверба

Интервју со Наташа Паунова Блажевска, сопственичка и генерална менаџерка на „Л&Н&Т Диагностик“ ДОО Скопје, компанија која годинава прославува 20-годишен јубилеј, две децении успешна работа во областа на лабораториската, биохемиската и медицинската дијагностика. 

„Л&Н&Т Диагностик“ е партнер од доверба кој работи со најреномирана медицинска опрема и помагала, и ги носи во земјава наjсовремените производи од врвни производители.

Паунова Блажевска е докажана претприемачка, врвна менаџерка и мајка - борец,  која со многу труд, знаење и пожртвуваност, успева да го осветли патот за своите деца, но и да биде вистински, позитивен пример за идните генерации. 

МАРИЛИ: Што претставува „Л&Н&Т Диагностик“ Скопје? Кои се нејзините капацитети и кон што е насочена главната дејност?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: „Л&Н&Т Диагностик“ Скопје денес е добро препознатлива компанија во Македонија во областа на лабораториската, биохемиската и медицинската дијагностика. Главната дејност е насочена кон набавка, имплементација и поддршка на современи дијагностички системи – од хематологија, биохемија и имунологија, па сè до најиновативни технологии, како молекуларна дијагностика, POCT-решенија, EXOSOME и PRP-системи.

Особено оваа година, регенеративната медицина ја достигна својата највисока точка, а ние сме препознаени како пионери во многу автологни методи кои отвораат нови перспективи за третман и за подобрување на здравјето.

Компанијата располага со силен технички тим, континуирана едукација и широка партнерска мрежа од реномирани светски производители.

Нашата мисија е јасна - да обезбедиме врвен квалитет во лабораториската и регенеративната дијагностика и со тоа да придонесеме за подобро здравје.

„Да се регенерира, не значи само да се обнови телото – тоа е симбол на надеж и на иднина.“

МАРИЛИ: Колку воведувањето стандарди, иновации и современи технологии придонесоа за европски лик на Вашата компанија?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Воведувањето европски стандарди е темел на нашата работа. Инвестираме во технологии кои се користат во референтни европски лаборатории, а истовремено вложуваме во континуирана едукација на здравствените професионалци во земјата.

Со системи кои носат брзина, прецизност и автоматизација, „L&H&T Дијагностик“ стана симбол на подигнување на критериумите во македонското здравство. Среќни сме што новите методи се повеќе сè применуваат и се барани од пациентите – важно е тие да бидат запознаени со нивните предности и бенефити.

„Иновацијата е мост меѓу сегашноста и иднината – секој чекор напред е чекор кон зрелоста на едно општество.“

МАРИЛИ: Колку долго сте на менаџерска позиција? Како менаџер во компанија која е успешна во континуитет и има значаен импакт во развојот на македонската економија, што сметате дека е клучно да се постигне тоа ниво?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Веќе повеќе години ја извршувам функцијата генерален менаџер, период во кој компанијата постојано расте и го проширува своето портфолио. Водам тим кој верува во професионалност, високи стандарди и тимска одговорност.

Како и секоја вистинска претприемачка приказна, и мојата имаше моменти на предизвици и падови — но токму тие ме направија посилна. По секој пад се издигнав како феникс, уште пофокусирана, повисоко мотивирана и решена да продолжам напред.

Клучот на мојот успех е во три нешта: упорност, визионерство и способност да се станува повторно и повторно. Тоа ја создава вистинската сила на еден лидер — не само да води кога е лесно, туку да создава можности кога е тешко.

„Успехот не е случајност – тој е резултат на секојдневна дисциплина и верба во луѓето.“

МАРИЛИ: Вие често донирате секаде каде е потреба помош, и како компанија но и како член на „Марили Бизнис Клубот“. Кои најнови хуманитарни акции би ги издвоиле?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА:  Трагедијата во Кочани беше лекција за сите нас – од најмали до најголеми. Ние, како општествено одговорна компанија која дистрибуира најсовремени автологни продукти без нуспојави по здравјето на пациентите, реагиравме веднаш.

Дониравме голем број ПРП-китови, ехозоми, ПРФ и дермонине во Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ и Општата болница со проширена дејност Кочани. Пациентите беа третирани веднаш, резултатите беа видливи и воодушевувачки. Во септември, за првпат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, под донација на нашиот партнер T-LAB, беше промовиран производот SVF – кој користи мезенхимални матични клетки од масно ткиво. Тој беше применет кај пациент од Кочани и резултатите се извонредни.

„Вистинската сила на една компанија се гледа во моментите кога општеството најмногу ја треба.“

МАРИЛИ: Како успешна жена менаџер, конзитентноста и континураната работа се неизбежни. Која Ваши лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?

Мојот пристап секогаш се темели на три вредности: конзистентност, интегритет и посветеност. Верувам во работа која се гради врз чесност и професионализам, без компромис за квалитетот.

Како жена менаџер научив дека упорноста, смелоста да се носат одлуки и способноста да се гледа „пошироката слика“ се клучни за градење стабилна и успешна компанија.

Секогаш се ставам на место на пациентите и реагирам како што би сакала со мене да реагираат – затоа успехот е загарантиран.

Поддршката од семејството и бизнис-партнерите само потврдува дека патот по кој се движиме е правилен.

 „Лидерството е уметност да инспирираш – не со зборови, туку со пример.“

МАРИЛИ: Што да очекуваме од „Л&H&T Дијагностик“ во годината кога слави 20 години постоење?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: „Л&H&T Дијагностик“ продолжува по патеката на успехот и на иновацијата. Ќе настојуваме да ги зацврстиме уште повеќе нашите позиции и да ја прошириме нашата мисија.

Планираме да одржуваме месечни курсеви со кои ќе го пренесеме нашето знаење на сè поголем број доктори. Ќе продолжиме да ги следиме пациентите од Кочани и да им помагаме колку што е во наша моќ. Ќе ја заокружиме нашата 20-годишна работа со нови проекти и иницијативи кои ќе ја потврдат нашата улога како лидер во дијагностиката и во регенеративната медицина.

„Дваесет години не се само бројка – тие се сведоштво за визија, упорност и доверба.“

МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрување на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво имаше  манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ која се одржува веќе 30 години?

ПАУНОВА БЛАЖЕВСКА: Оваа манифестација, која веќе три децении го слави женското лидерство, има огромно значење.

Таа создава платформа каде жените-претприемачи се видливи, поддржани и охрабрени да ја продолжат својата мисија.

Со истакнување на успешните женски приказни, се гради нова култура на лидерство во Македонија – култура која инспирира, мотивира и отвора врати за идните генерации.

„Кога една жена се искачува, таа повлекува со себе цела генерација – тоа е силата на лидерството.“

 


Статијата е прочитана 160 пати.

Сподели:


oxxete