„Инспирит Коучинг“ – 10 години водилка за ваш личен и професионален раст
Интервју со м-р Ирена Јакимова, сопственичка и менаџерка на „Инспирит Коучинг“, интернационален тренер за лидерство, личен и професионален развој.
„Инспирит коучинг“ месецов прославува 10 години јубилеј, една декада успешна работа, обучување и водење групи и поединци да го достигнат својот потенцијал и да ги стават своите дарби во служба на заедницата. Специјалност на тимот на „Инспирит Коучинг“ им се лидерските и менаџмент вештините, личната трансформација и програмите за внатрешно зацврствување на жените. Обучени се и сертифицирани по најсовемени светски методи.
М-р Јакимова е етаблиран, врвен сертифициран обучувач и тренер (коуч) по неколку светски методологии, искусна менаџерка и менторка на жени. Во својата работа применува методи на NLP Master, Feminine Power Master, executive coaching (John Mattone), business coaching, feminine leadership (Divine Living Academy), применета психологија, физика, како и знаења од Мастер во бизнис менаџмент.
МАРИЛИ: Од кога постои „Инспирит Коучинг“ и какви видови советодавни услуги нуди? Кои се спецификите во Вашето работење?
ЈАКИМОВА: Летнаа 10 години откако го основав „Инспирит Коучинг“ за да ми биде нова форма на давање услуги и правење промени за подобар свет.
Мојата мисија е да им помогнам на луѓето да го достигнат својот целосен потенцијал, да ги стават своите дарби во служба на заедницата, да почувствуваат самодоверба, јаснотија и позитивно да влијаат врз другите.
Специјализирани сме да обучуваме и да водиме групи и поединци да бидат подобри лидери и лидерки, да менаџираат, да комуницираат на напредно ниво и да растат како личности. Притоа, обучени сме и сертифицирани по најсовремени светски методи.
МАРИЛИ: Вие работите и на меѓународно ниво и постојано внесувате иновации што се најсовремени во личниот и професионалниот развој. Кои се новините што Ве очекуваат во 2026 година?
ЈАКИМОВА: Како што јас се развивав и ги следев трендовите во светот, така креирав и овозможував такви понуди, форми и содржини и кај нас. Било за организации или за поединци.
Продолжуваме со лидерските програми, кај нас и во странство, најпознати сме по програмите за жени лидерки и, воопшто, за јакнење на жената. Одиме надвор за таму да креираме настани.
МАРИЛИ: Според Вас, колку македонската жена денес напредува во личниот развој и колку е блиску до европските жени? На кои суштински промени треба да се работи во иднина по ова прашање?
ЈАКИМОВА: Има напредок и има уште место за да се зголеми оваа посветеност на личниот раст и максимално остварување на личниот потенцијал.
Повеќе се обрнува внимание на техничката едукација и знаењето, а клучот е во развојот на личноста – тоа значи поинакво, понапредно користење и примена на сите знаења, поинаков начин на размислување, поинаков однос со себе, со другите, со контекстот. Поинакво појавување.
МАРИЛИ: За успешна жена менаџер, колку се важни конзистентноста и континуитетот за да се постигне успех? Кои лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?
ЈАКИМОВА: Се радувам што за успех го видовте и моето присуство и на приватниот живот, односно „менаџирање“ со секаков вид предизвици. За да успее фирмата, треба да расте сопственикот, личноста што ја води.
И јас го применив тоа: учење, усовршување, љубопитност, оптимизам, иновирање и истрајност. Верба дека сум „граѓанка на светот“ и, пред сѐ, отвореноста за соработка и успех во тим.
Истрајавме како фирма 10 години, јас уште подолго и продолжуваме понатаму, знаејќи дека за сѐ има вистинско време и нема откажување, само нагодување на пристапот и формата.
МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемништво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?
ЈАКИМОВА: И овде, како и лично, Ви честитам за посветеноста и истрајноста во нешто што е многу важно за жените, а тоа е - видливоста, достапноста на успешни примери, креирање инспирација, мотивација... и креирање мрежа за поддршка и соработка.
Една од нашите слабости, наметнати од тивкото влијание на културата и традицијата е дека треба сѐ да направиме сами и да не се „истакнуваме“.
Ни треба токму спротивното: да побараме и да примиме помош, како и да им даваме корисни примери на другите жени. Имавте голем удел во тоа.
Статијата е прочитана 152 пати.


























