Интервју со Анета Антова - Пешева, генерална менаџерка на групацијата „Ултра-Унет“: „Финансиската независност е клуч на женската сила“
Интервју со Анета Антова-Пешева, генерална менаџерка на групацијата на компании „Ултра-Унет“ и почесен конзул на Канада во Македонија. Минатата, 2025 година, групацијата славеше двојно, односно компанијата „Ултра“ одбележа 35 години успешно работење, а компанијата „Унет“ славеше 30-годишен јубилеј.
Антова - Пешева, која е на менаџерска позиција повеќе од три децении, во интервјуто зборува како е да се биде авангарда во ИКТ-секторот во Македонија и да се биде визионер кој поставува стандарди. Таа говори за новините кои ги воведуваат компаниите, за нејзиниот работен пат, за неопходноста од континуитет во работата за да се постигне успех, но и за значењето на манифестацијата „Избор на Најуспешни жени менаџери“ која успешно опстојува 30 години, и на која и самата Антова - Пешева е наградувана со статуетка „Жена водилка“ за нејзината беспрекорна работа.
МАРИЛИ: По повеќе од три и пол децении успешна работа на Вашата групација на компании „Ултра-Унет“, што значи да се биде авангарда во ИКТ-секторот во нашето општество? Со што денес се занимаваат „Ултра“ и „Унет“ и кон што е насочена визијата?
АНТОВА-ПЕШЕВА: Да се биде авангарда во ИКТ-секторот во Македонија значи да се оди неколку чекори пред времето. „Ултра“ постои веќе три и пол децении, а пред три децении беше основана и „Унет“, компанија што го донесе интернетот во Македонија, пред многу други европски држави. Тоа беше време на вистинска технолошка револуција и ние може гордо да кажеме дека бевме меѓу првите што ја започнаа дигиталната ера кај нас. Нашата визија отсекогаш била да создадеме локално знаење и домашна експертиза, паралелно да ги развиваме луѓето и технологијата. Денес групацијата „Ултра-Унет“ работи на дигитална трансформација, системска интеграција, развој на сопствени софтверски решенија, но и на обука и консултантски услуги во областа на новите технологии. Нашата визија е насочена кон паметна и етичка употреба на технологијата, каде што човекот останува во центарот на иновациите.
Голем дел од таа визија ја гледам и низ моето семејство, син ми Петар Пешев, кој се врати од Силиконската Долина и денес во „Ултра“ развива процеси поврзани со вештачка интелигенција, и мојата ќерка Теа Пешева, која живее и работи во University of Toronto во Канада. Таа е пример за млада жена што успеала во академскиот и професионалниот свет благодарение на трудот, интегритетот и знаењето. Горда сум што и двајцата продолжуваат по патеката на посветеност и иновација.
МАРИЛИ: Што конкретно се презема и на што се работи во однос на вештачката интелигенција (ВИ) во Вашите компании? Дали планирате да се проширите и во сферата на консултантството кога станува збор за ВИ (вештачка интелигенција)?
АНТОВА-ПЕШЕВА: Во моментов работиме на развој и интеграција на ВИ-модули во постојните системи што ги користат нашите клиенти, особено во делот на автоматизацијата, анализата на податоци и поддршката на одлуки. Особено ми е драго што овој процес го води мојот син, Петар Пешев, кој дипломираше на престижниот Brown University во САД, еден од осумте универзитети „Ivy League“, најелитна образовна групација во Америка. Таму беше студент-асистент по предметот Deep Learning, а денес е експерт за вештачка интелигенција. По три години работа во META, во Силиконската Долина, Петар се врати во Македонија и денес, во рамките на „Ултра“, развива нови ВИ-процеси и модели применливи во реалниот бизнис-свет.
Да, планираме и ВИ-консултантска насока бидејќи компаниите сè повеќе бараат партнер што ќе ги води низ процесот, од идеја до практична примена. Ние веруваме во „humane AI“, интелигенција што му служи на човекот, а не обратно.
МАРИЛИ: Колку долго сте на менаџерска позиција? Како менаџер во компанија што е успешна во континуитет и има значаен импакт во развојот на македонската економија, според Ваше мислење, што е клучно за да се постигне успех на такво ниво?
АНТОВА-ПЕШЕВА: На менаџерска позиција сум повеќе од три децении и секој ден е нов предизвик. Клучот за успех не е само во добрата стратегија туку во луѓето, вредностите и доследноста.
Верувам во тимска работа, доверба и постојано учење. Ако организацијата ја изградите врз здрави основи - чесност, професионализам и љубов кон тоа што го правите - тогаш успехот е само прашање на време.
И можеби најважно: секој менаџер мора да има јасна визија, но и храброст да донесува тешки одлуки кога е потребно.
МАРИЛИ: Како успешна жена менаџер, кои лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?
АНТОВА-ПЕШЕВА: Најмногу истрајноста и љубопитноста. Отсекогаш сум сакала да научам нешто ново, да истражувам и да гледам пошироко. Никогаш не се плашам од промени, напротив, тие ме мотивираат.
Мислам дека секоја жена треба да верува во себе и да не дозволи патот да ѝ го одредуваат предрасуди или стереотипи. Патот на успехот е комбинација на работа, интегритет, емоционална интелигенција и страст кон тоа што го правиш.
„Жената не мора да избира меѓу домот и кариерата - може да ги има и двете, ако има храброст и финансиска независност“ - Анета Антова-Пешева.
МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?
АНТОВА-ПЕШЕВА: Оваа манифестација има огромно значење - не само како признание туку и како мотиватор и симбол на поддршка меѓу жените. Триесет години континуитет зборуваат за зрелост и визија. Со овие признанија се менува перцепцијата за жената во бизнисот.
Денес жената не мора да биде само домаќинка, да готви, пере и да чува деца - сè тоа таа може да го прави паралелно со својата кариера, ако има волја, енергија и добра организација. Јас сум жив пример за тоа. Верувам дека жената не станува независна преку протести или невладини организации, туку преку финансиска независност и сопствен труд. Само кога жената е економски силна, таа може да биде вистински слободна и рамноправна. Како почесен конзул на Канада во Македонија често имам можност да видам примери на жени што со визија, труд и емпатија градат општество на еднаквост. Канада е земја што покажува дека еднаквоста не се зборува - таа се живее, а тоа е вредност што се обидувам да ја пренесам и овде, преку мојата работа и пример.
Со овие вредности и со личен пример може да покажеме дека успехот е можен и во Македонија, ако се работи со љубов, посветеност и интегритет.
Статијата е прочитана 188 пати.


























