Д-р Сашко Кедев одликуван со орден „8 Септември“
Претседателката Гордана Сиљановска - Давкова го одликуваше кардиологот и алпинист Сашко Кедев со Орден „8 Септември“, за особените заслуги во медицината, како и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8.000 метри.
Сиљановска Давкова, на доделувањето на орденот во Македонската филхармонија, порача дека академик Сашко Кедев е човек, чијшто персонален и општествен интегритет ги надминува границите на потесната стручна област и се интегрира во колективната меморија на државата и на општеството.
– Сите го знаеме како врвен медицински авторитет, еден од пионерите и лидерите во развојот на интервентната кардиологија. Неговата личност ја красат благородноста, моралниот интегритет и хуманоста… Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква – рече Сиљановска Давкова.
Доктор Кедев, додаде таа, има биографија што не ја опишуваат епитети, туку ја потврдуваат суперлативи.
– Фактите говорат дека тој е меѓу водачите, првенците – интервентни кардиолози на Универзитетската клиника за кардиологија, но и во другите центри во земјата, како и во бројни престижни меѓународни медицински институции, од Канада до Јужна Африка, што од него прави своевиден колумбовски или магелановски докторски профил – порача претседателката.
Освојувањето на 14-те највисоки врвови во светот Кедев го смета за национален успех.
– Тоа што ми даде сила беше токму тоа да го однесам македонското знаме и македонското име на сите врвови. Тој успех го посветувам на сите граѓани и сите Македонци каде и да се во светот – порача кардиологот и алпинист Сашко Кедев, по примањето на Орденот „8 Септември“.
Статијата е прочитана 58 пати.
Видео: Избор на најуспешни жени мејаџери 2022































