Интервју со Александра Наќева Ружин: „Потребни се повеќе охрабрувачки политики, менторство и поддршка на жените - и во приватниот и во јавниот сектор“

Интервју со д-р Александра Наќева Ружин, консултант во Светската банка за макро-фискална политика и претседател на Советот на амбасадори. Наќева Ружин е и поранешна македонска амбасадорка во Кралството Шведска, генерален менаџер на финансиска институција, државен советник во Министерството за финансии и специјален советник на министерот за финансии, консултант на Европската Комисија и ООН, исклучителен професионалец со плодно, речиси тридецениско работно искуство во јавниот и во приватниот сектор. Во интервјуто говори за своите професионални искуства, за професорската работа, како и за напредокот на жената во општеството.  

„Се стремам да ги оснажам младите генерации да размислуваат критички, да не земаат ништо здраво за готово — дури и кога тоа доаѓа од највисоки авторитети, да ги преиспитуваат доминантните наративи и статистички интерпретации кои често се претставуваат како научно неоспорни, да не се автоцензурираат во искажувањето ставови, и да бидат храбри и аргументирано потковани во предлагањето промени“, вели Наќева Ружин во интервју за „Марили“.

МАРИЛИ: Почитувана Наќева Ружин, летово Ве избраа за претседател на Советот на амбасадори, како поранешна амбасадорка на Р.С. Македонија во Кралството Шведска. Што претставува за Вас оваа фунција и која е улогата на овој Совет во нашето општество и развојот на дипломатијата?

НАЌЕВА РУЖИН: Изборот за претседател на Советот на амбасадори го доживувам како чест, но пред сè како голема одговорност — пред моите ценети колеги, нашата држава и граѓаните. Советот претставува уникатна платформа која обединува повеќе од едно столетие кумулативно искуство, знаење и мудрост на амбасадори што ја претставувале Македонија ширум светот од самото нејзино осамостојување. Тој капитал ни наметнува не само право, туку пред сè должност активно да придонесуваме со идеи, анализи и со критичка, но секогаш конструктивна мисла во креирањето и спроведувањето на надворешно-политичките приоритети и во јакнењето на позицијата на земјата на билатерален и мултилатерален план.

Максимата „Еднаш амбасадор, засекогаш амбасадор“ произлегува не само од експертизата за извршување на оваа функција, туку пред сè од чувството на одговорност и должност кон државата — чувство кое не згаснува со истекување на мандатот.

Напротив, истото е придружено со дополнителна посветеност и подготвеност целокупното наше искуство да го ставиме во служба на интересите на државата. Промислена и одговорна дипломатија се темели на умешноста на носителите на надворешната политика да го мобилизираат овој потенцијал во остварување на стратешките цели на државата и во зацврстување на нејзината улога во меѓународните односи.

Македонија е релативно млада држава, но со повеќедецениска цврста определба за членство во ЕУ, што е наш заеднички стратешки избор.

Во таа смисла, често се навраќам на мислата на истакнатиот шведски дипломат и поранешен генерален секретар на ООН, Dag Hammarskjöld: „Потрагата по мир и напредок не може да заврши ниту со победа ниту со пораз.

Таа потрага никогаш не смее да се прекине. Оваа мудрост е применлива за нас денес — патот до членство во Европската Унија е долг и комплексен, но токму тој процес нè издигнува и нè формира како современо, демократско и европско општество.

Во постојните турбулентни и крајно неизвесни времиња на геополитички план, улогата на дипломатијата е суштинска бидејќи истата е многу повеќе од само професија — пред сè е уметност на градење мостови и доверба.

Токму тоа е и суштествената водилка на Советот на амбасадори: иако доаѓаме од различни професии, генерации, етнички и идеолошки контексти, сите нè обединува свест за заедништво и цврста определба за надминување на сите разлики кога станува збор за интересите на државата.

МАРИЛИ: Да се осврнеме и на Вашиот мандат како амбасадорка во Кралството Шведска. Кои се Вашите најзначајни проекти кои би сакале да ги потенцирате?

НАЌЕВА РУЖИН: Како амбасадорка во Кралството Шведска во периодот 2014–2018 година, имав чест, но и особен предизвик да ја претставувам државата во една од најчувствителните фази од безбедносно-политички аспект, како во Европската Унија, така и во Македонија. Тоа беа критични години за светскиот мир и безбедност, со повеќе активни воени жаришта и вооружени конфликтиод европско тло (Донбас) до Блискиот Исток и Африка (Сирија, Афганистан, Ирак, Јемен, Либија…), кои предизвикаа мигрантска криза од дотогаш невидени размери и тектонски потреси на институционалната, безбедносната и економската архитектура на Европа, а состојбите не беа ништо помалку сложени и на домашен план.

Сепак, и во таков комплексен контекст, со особено задоволство можам да констатирам дека успеавме да изградиме силни партнерства кои придонесоа за продлабочување на политичкиот дијалог на институционално ниво, зајакнување на економската и културната соработка, како и поврзување на универзитетите, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор од двете земји.

Во текот на мандатот, покрај бројните работни посети од нашите институции и посетите на највисоко ниво,  во Амбасадата организиравме и над триесетина настани — со македонската дијаспора, бизнис асоцијациите од двете земји, промоции на македонските вина, историското и културно наследство, филмската и музичката уметност.

Целта беше да ја доближиме Македонија до шведската јавност, но истовремено и да научиме од нивните искуства — а навистина има многу што може да се научи од нивниот развоен модел.

И покрај тоа што е релативно мала држава, Шведска континуирано ги предводи меѓународните листи кога станува збор за иновативност, зелени технологии, борба против климатските промени и родовата еднаквост — области кои беа централни во моето делување.

Она што, пак, е помалку забележливо, но ми остави силен впечаток, е стабилноста и изграденоста на системот, континуитетот во функционирањето на институциите во какви било околности, и внимателното градење на дипломатските односи во согласност со стратешките интереси на земјата.

Нивните искуства во овој сегмент продолжуваат да се пренесуваат кај нас по повторното институционализирање на шведската развојна помош во Македонија во 2018 г. (преку нивната развојна агенција SIDA) — процес во кој вложив личен кредибилитет и на чии резултати сум особено горда.