Со 40 години јас сум додадена вредност во клубот и во репрезентацијата

Интерву со Кирил Лазаров, капитен на ракометната репрезентација на Македонија, во кое говори за тоа како пандемијата се одрази на професионалниот спорт, за иднината на македонскиот ракомет, за својата исклучително богата кариера, трнливиот и тежок пат до успехот, за предизвикот да се обиде да се докаже во една од најсилните лиги во светот – Франција, како и за ракометната школа „Кирил Лазаров 7“ и за тоа каде ја гледа својата иднина кога ќе му заврши професионалната играчка кариера

 

МАРИЛИ: Како најдобар спортист во најпопуларниот спорт во Македонија, кажете ни како се работи во услови на кризата со Ковид-19, како се тренира во Европа, односно во Вашиот клуб „Нант“, а како во нашата земја и колку сегашните тренинзи и подготовки пред секој натпревар се разликуваат од оние што ги имавте пред пандемијата, односно колку го смени животот воопшто?

ЛАЗАРОВ: Многу специфична година во секој поглед. Не е воопшто лесно да се пронајде најдобриот начин за да се функционира успешно. Мислам дека најадаптибилните во оваа ситуација ќе излезат и најуспешни. Професионалниот спорт е на голем удар од пандемијата. Се надевам дека како што дојде пандемијата, така и ќе си замине и ќе продолжиме да функционираме како порано, со уште поголем ентузијазам и желба.

Се надевам дека по сите овие поминати тешкотии ќе проработи свеста кај луѓето и ќе функционираме многу „почовечки“, ќе бидеме похумани и заеднички ќе го градиме општеството...

Година за заборав со надеж и желба дека ова брзо ќе биде минато...

 

МАРИЛИ: Колку подмладокот на македонската репрезентација е подготвен да го понесе товарот на одговорноста и очекувањата на домашната публика за пласман на ЕП 2022? Според Вашето мислење, каква е иднината на македонскиот ракомет?

ЛАЗАРОВ: Македонија сака спорт, сака ракомет. Спортот е нешто што како ретко нешто друго може да нѐ обедини како нација. Затоа се потребни инвестиции во спортот, особено да бидат поголеми во ракометот. Како македонскиот ракомет, така и македонскиот навивач е популарен во Европа и во светот, сите нѐ познаваат по нашиот менталитет и страст за квалитетен спорт и резултат. Во контекст на ова сакам да кажам дека, без оглед на смената на генерациите што доаѓаат, македонскиот ракомет треба да работи со уште посилно темпо, да се постават уште поголеми цели и да се работи тие да се реализираат. Не смееме да дозволиме македонскиот навивач да го оставиме без квалитетен национален тим што досега беше најголем промотор на нашата држава. Континуитетот треба да се задржи и да се постават нови повисоки цели и треба да се работи за да се исполнат...

 

МАРИЛИ: Вие сте единствен македонски ракометар што го освоил националниот Куп во четири различни земји - Македонија, Хрватска, Унгарија, Шпанија. Сега сте во Франција. Што Ве однесе во веројатно најдобрата ракометна лига во светот, каков спортски предизвик Ви беше „Нант“ за да се одлучите за овој клуб?

ЛАЗАРОВ: Во текот на мојата кариера настапував во големи клубови со огромна ракометна традиција и резултати. Во секој клуб се задржував минимум четири години, каде што го достигнував максимумот. По некое непишано правило ги менував клубовите и државите по престој од четири и пол години, во повеќето случаи најмногу на мое инсистирање бидејќи по одредено време се јавува заситување од средината, а со тоа и индивидуално заситување при што веќе не си во можност да го даваш својот максимум. Така дојде до ситуација кога сакав да се обидам во една од најсилните лиги во светот – Франција, а наедно и да играм во државата чија национална селекција доминара во последната деценија. За мене тоа беше предизвик и огромно искуство што би го користел во иднина во моите спортски проекти.

 

МАРИЛИ: Пред името на Кирил Лазаров има многу НАЈ – најдобар стрелец на европско и на светско првенство, најдобар десен бек во светот, прв ракометар во европската Лига на шампиони што постигнал 1.000 голови, најмлад македонски ракометар на европски купови, најмлад македонски сениорски репрезентативец... Што сѐ е потребно за да се стане врвен спортист и да се одржува високо ниво на подготвеност, талентот секако не е единствен предуслов?

ЛАЗАРОВ: Лесно е да се набројуваат овие достигнувања, но патот, искрено, многу е трнлив и тежок. Некогаш кога славиме успех свесни сме само за моментот на успехот, а доколку направиме анализа на минатото ќе увидиме дека имало многу повеќе неуспеси отколку успеси. Најважно е никогаш да не се откажуваш, да се слушаш само себеси и твојата внатрешна интуиција што ти кажува, да бидеш вреден, посветен и храбар, да не живееш од тоа што некој ќе те фали во секоја пригода. Секој ден е нов ден и ново докажување. Светот оди напред, не се живее врз база на постигнувањата во минатото. Како животот, така и спортот еволуира и треба да бидеш чекор напред за да бидеш во друштво на најдобрите. Животот на врвните спортисти не е лесен, потребна е голема индивидуална и фамилијарна жртва, но, сепак, јас се одлучив за ова затоа што го сакам многу и живеам за спортот и за ракометот...

 

МАРИЛИ: Целиот Ваш спортски „стаж“, клупски и репрезентативен, го носите дресот со број 7, евентуално седумката е дел од двоцифрениот број. Зошто токму 7, дали овој број има некое посебно значење за Вас?

ЛАЗАРОВ: Бев фан на кошаркарот Тони Кукоч кој носеше број 7. Пред да почнам со ракомет играв кошарка. Кога почнав со ракометот, еден од моите тренери, покрај татко ми, исто така, носеше број 7 како играч и беше левучар. Како дете мислев дека ако си левучар треба да носиш број 7 по примерите на Кукоч и тренерот Ике Јанев од Свети Николе. Така се одлучив и се заљубив во овој број и до денес сите ме поистоветуваат со седумката.

 

МАРИЛИ: Имате 40 години, што е солидна возраст за еден активен спортист. Но не изгледа дека набрзо ќе го напуштите ракометниот терен. Какви се Вашите планови, дали со „Нант“ ќе ја завршите кариерата и каде се гледате по активното играње?

ЛАЗАРОВ: Велат дека годините се само бројка, а јас така и се чувствувам. Благодарен сум му на Бога што во кариерата немав некои посериозни повреди. Мислам дека посветеноста во тренажниот процес ми овозможи да можам да играм на високо ниво на оваа возраст. Присутноста на теренот ме прави среќен и сигурен затоа што можам да донесувам одговорни одлуки на самиот терен на натпреварот. По кариерата останувам во спортот, тоа е мојата професија каде што најмногу можам да дадам и да им пренесам знаење и искуство на помладите генерации. Горд сум што се чувствувам среќен на терените и со 40 години, каде што не се срамам што сум таму, напротив, јас сум додадена вредност во клубот и во репрезентацијата каде што настапувам.

 

МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе за школата за ракомет „Кирил Лазаров 7“, колку школи има, колку тренери, кој може да биде дел од неа и која е целта на нејзиното постоење?

ЛАЗАРОВ: Веќе подолго време функционираат нашите ракометни школи во различни градови низ Македонија. Имаме околу 1.000 деца што одлучија да се занимаваат со ракомет. Во прилог на ова е и нашиот ракометен камп што се одржува секоја година во Охрид со повеќе од 400 учесници и кој е интернационален. Идејата е да овозможиме колку што е можно повеќе деца уште од мали нозе да ги насочиме да се занимаваат со спорт, да создаваат спортски и животни навики да станат добри луѓе, а се надеваме дека повеќето од нив ќе станат и професионални ракометари. Зад сето ова стои цел тим што е задолжен за организација и функционирање, на кој сум му бескрајно благодарен.

 

МАРИЛИ: Колку е важна поддршката од семејството за да може еден врвен спортист да има успешна, пред сѐ, интернационална кариера? Вие сте семеен човек и сиве овие години Вашето семејство Ве следи секаде каде што имате ангажман. Успеваат ли тие брзо да се приспособат на новите услови затоа што релативно често ја менуваат средината?

ЛАЗАРОВ: Во целата оваа приказна избегнувам да го споменувам моето семејство со цел да ги заштитам. За мене фамилијата е светост и тие добро го знаат тоа, нема потреба, а и не сакаат да се експонираат медиумски, што кажува многу за нив и како мојата фамилија е воспитана. Благодарен сум им на моите родители и на мојата сопруга за поддршката што ја имав и ја имам во текот на сите овие години...

 


Статијата е прочитана 3450 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско