Нов интернационален успех на дизајнерката Олгица Ѓоргиева, нејзините беспрекорни костими блеснаа во „Пепелашка“ на Романската опера и балет

Нов меѓународен успех на модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева. Во кусиот разговор за „Марили“, таа открива за соработката со Романската опера и балет, за балетската претстава „Пепелашка“ за којашто Ѓеоргиева комплетно ја изработи костимографијата. Реакциите и коментарите биле одлични, вели Ѓоргиева. 

Таа и претходно работела како костимограф за балетски претстави надвор од Македонија. Меѓу нив се и претставата „Електра“ во Грција, претставата „Амадеус“ во Австрија, претставата „Ајде на валцер“ во соработка со Словенечката опера и балет, претставата „Хамлет“ и др. 

Олгица Ѓоргиева е сопственичка на модното студио „ГО“ , а од 2007 година активно работи како моден дизјанер и e надалеку препознатлива по својата креативност и беспрекорен дизајн. 

МАРИЛИ: Вашиот најнов интернационален успех е вашата костимографија за балетската претстава „Пепелашка“ за Романската oпера и балет во Букурешт. Колку време ги подготвувавте костимите и какви реакции предизвикаа кај публиката, но и кај тимот којшто го подготвуваше и учествуваше во реализација на проектот?

ЃОРГИЕВА: Ова за мене е навистина едно прекрасно и големо искуство! Можам да кажам дека оваа последна претстава е заокружувaње на сите претходни проекти. Во оваа претстава се видов себе си од повеќе аспекти, би рекла како целосен, сестран дизајнер. Многу комплексен проект, со голем тим и доста кратко време. Потребно беше знаење, искуство, талент, организациски способности, техничка подготвеност, способност за тимска работа и водење тим, менаџирање на време итн.  

Скиците беа подготвени пред да се почне со изработката на костимите, а за реализација имавме околу 1,5 месец. Јас како човек во секоја животна ситуација барам смисла, па така и во оваа. Комплетно бев присутна во проектот, од секој аспект.

Го анализирав системот таму, се гледав себеси во процесот, ги гледав другите во процесот и назад се вратив со полно срце.

Како и на секој друг уметник, така и на мене ми беше значајна потврдата што ја добив за мене и мојата работа. Коментарите што ги добивав од тимот беа: Не се сеќаваме од кога не дошол дизајнер, којшто работи како Вас“. 

Сфатив дека цела оваа работа зад, себе сите изминати години не била залудна, туку дека се си има свое време и тоа време доаѓа порано или подоцна.

Инвестицијата во себе приватно и професионално, најверојатно е најголемата инвестиција која никој не може да ви ја земе и не може да остане незабележана.

Претставата беше една модерна верзија на Пепелашка, а такви беа и костимите. Стануваше збор за меки костими. со модерна линија. Тоа што беше специфично за костимографијата е тоа што сите костими беа бели, црни и сребрени и единствените костими во боја беа на Пепелашка.

Претставата во себе носеше комични моменти, така да публиката навистина уживаше.

Аплаузот на крај беше доволен показател за сѐ! Аплауз и довикувања кои долго траеа, а критиките во медиумите само го потврдија тоа. Претставата е ставена на репертоарот на Романската опера и балет.

МАРИЛИ: Дали оваа соработка со Романската опера и балет е резултат на успешните соработки со сруги меѓународни уметнички инстуции? Кои се Вашите искуства на меѓународно поле?

ЃОРГИЕВА: Оваа соработка секако дека е продолжение на моите интернационални соработки, но сепак би рекла дека повеќе е резултат на моето занаење, труд, талент, посветеност, одговорност. Луѓето со кои имав прилика да работам, се големи професионалци, со искуство на светска сцена, не верувам дека би си ја ставиле својата кариера под знак прашање за само да ми дадат прилика да работам.

Во цел процес на работа јас немав ниту едно прашање околу мојот дел од работата. Дојдов и ја сработив работата до крај. Преземав одговорност, одлучував, водев тим, техничкиот дел кој што исто беше доста комплексен, комплетно го владеев, така да немаше простор за импровизации. На некој начин, тимот во овој сектор од проектот, беше сигурен дека работата ќе биде завршена како што треба и тоа не е мала работа. 

МАРИЛИ: Што подготвува Олгица за сезоната пролет-лето 2025 година? Со што ќе ги изненадите Вашите клиенти и јавноста? 

ЃОРГИЕВА: После мала пауза повторно и се враќам на мојата пасија, модниот дизајн. Подготвувам нова колекција, со интересна идеја.

Доста креативна и оригинална од која се разви интересна приказна која прерасна во колекција, наменета е за пролет –лето и е надополнета со чанти.

Периодот кој што следува ќе биде исполнет со доста креативнот.

Нова колекција, нова линија на чанти, свадби, матури и секако уште некои идеи кои ќе дојдат попатно.


Статијата е прочитана 250 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско