„ДЕРМАЕСТЕТИКА“ -  Врвна медицинска козметологија со престижниот француски бренд Guinot

Интервју со д-р Маја Петаноска, доктор по медицина, бренд и тренинг менаџер и косопственик во ДПТУ „ДЕРМАЕСТЕТИКА“ ДОО Скопје. Компанијата којашто успешно работи уште од 2007 година, нуди врвна медицинска козметологија и е овластен застапник и дистрибутер на престижниот француски бренд Guinot Institut Paris, бренд присутен во над 70 земји во светот. 

Д-р Петаноска за овој беспрекорен бренд вели дека не е важно дали клиентите ќе направат третман на лице или тело во салон во нашата држава или во Париз, Лондон, Москва, Токио, Дубаи или Њујорк, тие ќе добијат иста услуга, по ист протокол и со исти производи.

МАРИЛИ: Д-р Петаноска, од кога постои и со што се занимава „ДЕРМАЕСTЕТИКА“? Како ја стекнавте екслузивноста да соработувате со врвниот француски козметички бренд Guinot Institut Paris?

Д-Р ПЕТАНОСКА: „ДЕРМАЕСТЕТИКА“ е семејна компанија што постои од 2007 година. На почетокот идеја ни беше да основаме старт-ап компанија во сопственост на двајца млади интелектуалци со силен претприемачки дух, но без никакво работно искуство. Наша најјака страна беше тоа што имавме одлично теоретско знаење од областа на медицината и биотехнологијата, но имавме и чиста слика и визија каде сакаме да се позиционираме како компанија.

Сакавме да понудиме врвна и професионална услуга во полето на медицинската козметологија со козметичка линија што има традиција, квалитет, стандарди и вистински резултати. Така, сосема случајно, го пронајдовме Guinot Institut Paris, француски бренд со долгогодишна традиција. Брендот потекнува од Париз од 1963 година и името е синоним за престиж, луксуз и префинетост.

Уште при првите неколку контакти се воодушевив од нивниот професионализам и почитта кон мене и покрај тоа што потекнуваме од мала земја, за нив микропазар, од начинот на нивната континуирана едукација, како и трпеливоста заеднички да го позиционираме брендот во нашата држава како нов пазар. Guinot Institut Paris нѐ избра нас и нашата компанија за соработници и таа соработка успешно продолжува до денес.

МАРИЛИ: Кои се спецификите во Вашето работење? По што се разликувате од другите дерматолошко-козметички центри?

Д-Р ПЕТАНОСКА: Благодарение на брендот Guinot и „ДЕРМАЕСТЕТИКА“ нашата држава е една од 70 земји каде што е присутен овој бренд, а нашиот дерматолошко-козметички центар стана премиум салон во центарот на Скопје.

Го применивме и го адаптиравме комплетниот know-how, така што нашите клиенти ја имаат привилегијата да ,,патуваат“ во светот на Guinot, почнувајќи со бесплатна консултација за да одредиме која е главната причина зошто го посетиле нашиот салон.

Потоа препорачуваме индивидуална програма на третмани соодветни за возраста, типот на кожата или нејзината моментна состојба. Најважно е дека третманите за лице и тело се со веќе одреден протокол во неколку чекори, клинички тестирани во универзитетските клиники во Париз и Бордо, како и со сертифицирани резултати од Bureau Veritas.

Така комплетно сме безбедни и сигурни дека избраниот третман е тоа што навистина му е потребно на нашиот клиент. Следуваат препорака и совет за производи за домашна нега за да се заокружи комплетното патување за разубавување на клиентите.

МАРИЛИ: Од каков стручен тим се состои Вашата компанија и колку се важни постојаната едукација и следењето на најсовремените трендови во областа во која работите?

Д-Р ПЕТАНОСКА: Стручниот тим е пресуден. Јас сум доктор по медицина, специјалист по антиејџинг и медицинска козметологија, интернационален тренер Guinot, но привилегијата да ја работите професијата што ја обожавате за мене е достигнување од соништата. Со мојот сопруг, кој е инженер- технолог по прехранбена биотехнологија, постојано се дополнуваме.

Тој ги контролира составот и активните состојки на козметичките производи, начинот на производство и стандардите на брендот, увозот и сите неопходни сертификати за безбедност и добрата производствена практика.

Ексклузивниот договор за застапување на брендот Guinot значи привилегија бидејќи сте дел од елитата во козметологијата, но и огромна одговорност.

Ние имаме мрежа од елитни салони за убавина, дерматолошки центри, но и мали козметички салони што одлучиле да работат со нашиот бренд Guinot.