„Пакомак“– Лидери во бoрбата за здрава животна средина и чисти туристички дестинации
Интервју со проф. д-р Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“, непрофитна компанија којашто се занимава со селекција и преработка на отпад од амбалажи. Во интервјуто Ивановски говори за развојот и успехот на компанијата која е основана пред 14 години од 11 македонски компании, а членови се над 700 други компании. Основна дејност на „Пакомак“ е создавање систем преку кој отпадот од пакување од членките-компании ќе се селектира по тип на отпад (хартија, пластика, стакло) и потоа ќе се однесе на рециклирање. Ивановски вели дека 2024-та година ќе ja завршиме со стапка на рециклирање од 65,1% или над 33.000 тони собран и рециклиран амбалажен отпад.
„Македонија е иделна земја за живеење од аспект на географија, клима и природни богатства, но ние како општество мора да поставиме систем тоа да го зачуваме и од нашата земја да направиме атрактивна туристичка дестинација. Модерното управување со отпадот е еден од предусловите за успех на туризмот.“, вели Ивановски во интервјуто за „Марили“.
МАРИЛИ: Пакомак годинава одбележува 14 години постоење, а Вие сте таму од првиот ден. Мал осврт на постигнатото, што успеа „Пакомак“ изминатите години да постигне во сегменитите намалување и селектирање на отпадот, зголемување на екосвеста и почиста животна средина?
ПРОФ. Д-Р ИВАНОВСКИ: „Пакомак“ е основан во ноември 2010 година од компании кои сочинуваат над 80% од пазарот на пакувани води и вино, над 90% од пазарот на пиво и над 70% од пазарот на сокови и масло за јадење. Oсвен овие 11 основачи, во „Пакомак“ членови се и над 700 други компании од земјава кои создаваат над 45% од вкупниот амбалажен отпад во Македонија. Не беше лесно да се насочат кон иста цел сите овие компании кои се меѓусебе конкуренти, но со отворена комуникација, транспарентно работење и градење доверба, успеавме да изградиме реалации на фер и избалансиран однос со сите нив, не само со основачите на „Пакомак“.
Во 2011 година кога почнавме со работа, стапката на рециклирање на нашиот систем беше 12,8% во однос на тоа колку компаниите-членки пријавиле дека пуштиле амбалажен отпад на пазарот. Оваа 2024-та година ќе завршиме со стапка на рециклирање од 65,1% или над 33.000 тони собран и рециклиран амбалажен отпад!
Во нашиот систем рециклираме над 70% од хартијата од нашите компании-членки и 35% од пластиката, но посебно сме горди што собираме и рециклираме над 40% од целото амабалажно стакло што се пушта на пазарот во земјава, нешто на што може да ни позавидат и поразвиени земји од нашата!
Во тек на нашето постоење, секоја втора година правиме истражување на репрезентативен примерок и имаме позитивен тренд во однос на јавната свест. Наодите покажуваат дека свесноста на граѓаните за потребата од селекција на отпадот е двојно поголема од пред 14 години, но се уште има 20% од граѓаните кои не сакаат да го селектираат отпадот дури и ако имаат во непосредна близина контејнер, повратна машина или ако добијат финансиски стимулации!
За жал, очигледно е дека овие граѓани може да се натераат да се однесуваат одговорно кон околината само со казни, а не се поттикнувачки мерки.
МАРИЛИ: Како влијаат поставените повратни вендинг машини за шишиња и лименки од пијалаци и повратот на средства врз свеста на граѓаните? Колку повратни вендинг машини се досега поставени и планирате ли да поставите уште следната година?
ПРОФ. Д-Р ИВАНОВСКИ: До крајот на годинава, со помош на Швајцарската Амбасада во Македонија ќе имаме вкупно поставено 70 повратни вендинг машини (ПВМ) низ повеќе ланци на маркети во неколку градови од земјава.
Тоа е еден од најсовремените начини на собирање на пластични шишиња и лименки во светот и нашите машини се во врвот на таа технологија. Секој граѓанин кој ја има инсталирано нашата мобилна апликација на својот телефон, добива по еден зелен поен за секое парче амбалажа кое го пушта во овие машини.
Еден поен има вредност од половина денар, но во некои општини се добиваат и два и три поени, пари од општината која ги стимулира своите граѓани да го рециклираат својот отпад.
Месечно веќе собираме во просек над 1,5 мил. парчиња амбалажа од пластика и лименки, а во 2025 очекуваме да собереме над 25 мил. парчиња! Тоа е речиси 10% од вкупниот број на пластични пакувања за пијалоци кои се продаваат во земјава!
Освен собирање на пластична амбалажа, овие машини и нашата мобилна апликација значајно влијаат на менување на навиките на граѓаните, особено на помладите.
Убедени сме дека сме на правиот пат и дека воведувањето на овие повратни вендинг машини ќе го забрза менувањето на односот кон отпадот како ресурс генерално.
МАРИЛИ: Каков е односот на „Пакомак“ кон туристичките дестинации и центри, посебно на езерските крајбрежја? Дали на овие места има повеќе контејнери и повратни вендинг машини со оглед на тоа дека се зголемува бројот на странски туристи во земјава?
ПРОФ. Д-Р ИВАНОВСКИ: „Пакомак“ посебен акцент става на зачувување на нашите природни богатства. Имавме проекти со Националниот Парк Шар Планина, скијачките центри Попова Шапка и Маврово, а заедно со Пивара Скопје и општините Охрид и Струга направивме неколку акции за чистење на крајбрежјето и езерското дно.
Во општините Дојран и Охрид имаме поставено солиден број контејнери за стакло и пластика, а собираме отпадно стакло од речиси сите угостителски објекти.
Во соработка со општините поставуваме и урбана опрема- специјални канти за одлагање на отпадот од пакување, а од оваа година во Охрид и Струга поставивме по две повратни машини кои граѓаните масовно ги користат! Летово за 2 месеци собравме 150.000 парчиња пластика и лимени само од нив, а паралелно собираме и по 20тина тони стакло месечно од угостителските објекти.
Македонија е иделна земја за живеење од аспект на географија, клима и природни богатства, но ние како општество мора да поставиме систем тоа да го зачуваме и од нашата земја да направиме атрактивна туристичка дестинација. Модерното управување со отпадот е еден од предусловите за успех на туризмот.
МАРИЛИ: Дали сметате дека треба да постои посебен Правилник или регулатива за туристичките и угостителски објекти коишто се меѓу најголемите потрошувачи на храна и пијалаци и креирачи на отпад?
ПРОФ. Д-Р ИВАНОВСКИ: Согласно Законот, сите малопродажни и угостителски објекти се обрзани да го селектираат отпадот кој се генерира кај нив. Ние во Скопје собираме стаклена амбалажа од над ХОРЕКА 550 објекти и од повеќе од 600 низ другите општини во земјава. Во дел од нив ја собираме и пластичната амбалажа и картонот.
За жал, постојат барем уште толку објекти кои не гледаат интерес во селекцијата на отпадот, иако им е законска обврска, а пред се граѓанска!
Тука очекуваме поголема ангажираност на локалните комунални инспектори кои пак честопати се или премалку или зафатени со погорливи прашања.
Веќе три години законски е забрането во заштитени подрачја и национални паркови да се продаваат пијалоци во пластика, но тоа се уште се практикува.
Веруваме дека ова ќе заживее и ќе се намали употребата на пластиката во тие делови од земјата, а со тоа и потенцијалот за загадување.
МАРИЛИ:Сметате ли дека „генералните чистења“ и граѓански иницијативи, односно колективно волонтирање за собирање на отпад, акции кои вие ги организирате со години, ќе придонесат за зголемување на еколошката свест кај граѓаните?