Игор Стефановски-Иџе ќе се бори за нова европска титула со силна поддршка од „Макпетрол“
Европскиот шампион во ридско-планински патеки за сезоната 2023, Игор Стефановски-Иџе, со силна поддршка од „Макпетрол“ ќе се бори за четвртата титула во ова натпреварување на Светската автомобилистичка федерација (ФИА). Македонскиот спортист и лидерот на пазарот со нафта и нафтени деривати имаат успешна долгогодишна соработка. Нејзиното продолжување се реализира во рамки на стратешките приоритети на компанијата - општествената одговорност.
„Несомнено, за успеси во кое било поле е потребно да се поседува талент, знаење и искуство, но исто толку важно е и да се обезбеди поддршка, да се создадат услови во кои што сите овие карактеристки би можеле и во пракса да се реализираат. Еден од нашите приоритети како компанија е токму тоа, да им дадеме поттик, да овозможиме поткрепа која што би довела до врвни резултати. Спортот, во неговите најразлични форми, е активност во која што безмалку сите наоѓаме задоволство, без разлика дали како учесници или како гледачи и навивачи. Затоа, како и досега, ќе продолжиме да ги поддржуваме луѓето од Македонија кои што нè прават особено горди со успесите што ги остваруваат во најсилните светски натпреварувања - вели Марија Јосифовска-Спасовска“, членка на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.
Автомобилскиот шампион Игор Стефановски-Иџе годинава ќе учествува на 10 трки за кои што се пријавени над 250 натпреварувачи. Европскиот шампионат во ридско-планински патеки на ФИА ќе биде отворен на 14 април во Франција, а ќе заврши на 17 септември во Хрватска. Останатите земји во кои што ќе се одржи ова натпреварување се: Австрија, Шпанија, Португалија, Чешка, Италија, Полска, Швајцарија и Словенија.
„Ова долгогодишно партнерство ми дава сигурност. Тоа е исклучително значајно, затоа што, најпрво, ми овозможува максимално да се сконцентрирам и да се посветам на подготовките, а потоа и на самите трки, да го вложам сиот напор и искуство за да остварам што подобар резултат. Шампионската титула секогаш е највисоката цел. Дефинитивно, патот до неа не е лесен, напротив, бара дисциплина, ангажман и лично вложување, а токму истото низ годините го добивам и од „Макпетрол“ - вели Стефановски за соработката со македонската компанија.
Откако ги освои титулите во 2014 и во 2015 година, Иџе и во 2023 година се закити со титулата европски шампион на ридско-планинските патеки. Тој победи на седум од 10 трки и во текот на целата мината сезона беше најдоминантен споредено со останатите учесници.
Игор Стефановски-Иџе во 2001 година дебитираше на македонскиот шампионат во кружни автомобилски трки. Ова натпреварување тој го освои во 2004, а до 2013 се закити со уште осум титули на домашен терен. Во 2014 и во 2015 Иџе беше најдобар на европскиот континент во ридските натпреварувања, подвиг којшто, со поддршка од „Макпетрол“, го повтори и во 2023 година.
Статијата е прочитана 328 пати.