„Ламинати Ком“ - висококвалитетни композитни материјали присутни на три континенти

Интервју со Евгенија Ѓорѓиеска, извршен менаџер на „Ламинати Ком“ од Прилеп. Ѓорѓиеска во интервјуто говори за развојот  на компанијата, која заедно со компанијата ќерка „Еуропрофил АД“, се занимава со производство и прецизна машинска обработка на изолациски напредни композитни материјали, кои како извозно ориентирана компанија ги пласира на дури три континенти. Извршната менаџерка зборува за грижата за клиентите, вработените, поддршката од блиските и тимот, но и за корпоративната политика на компанијата - грижата за чиста животна средина. Според Ѓорѓиеска, успехот никогаш не е индивидуален, туку заслугата е на целиот тим и колегите што обезбедуваат непроценлива поддршка.

МАРИЛИ: Повеќе од две децении „Ламинати Ком“ успешно опстојува на македонскиот и на странските пазари. Како производна компанија, со што точно се занимавате и каде наоѓаат примена Вашите производи?

ЃОРЃИЕСКА: „Ламинати Ком“, заедно со компанијата ќерка „Еуропрофил АД“, се занимава со производство и прецизна машинска обработка на изолациски напредни композитни материјали.

Материјалите и финалните делови од тие материјали се издвојуваат со нивните извонредни карактеристики, значително надминувајќи ги тие на конвенционалните материјали во поглед на перформанси и квалитет. Композитните материјали, кои ги произведуваме, нудат уникатна комбинација од изразени ниска телесна маса и неповторлива отпорност на механички, електрични, топлотни и УВ- дејства.

Како резултат на оваа комбинација на својства, нашите производи наоѓаат широка примена во електроиндустријата, служејќи како изолатори на висок напон на големи енергетски трансформатори, стабилни и транспарентни на радиофреквентни сигнали, шасии за телекомуникациски антени, напредна изолација за трансформатори на брзи електрични возови итн. 

Покрај нашите производствени услуги, ние обезбедуваме постојана инженерска, технолошка и логистичка поддршка на клиентите. Често нашите инженери и технолози активно учествуваат во развојот и оптимизацијата на технички ефикасни решенија, обезбедувајќи врвни резултати за нашите клиенти.

Покрај тоа, нашиот посветен тим за логистика обезбедува целосна поддршка и консултации за сите логистички прашања на глобално ниво, обезбедувајќи лесни и ефикасни операции низ целиот синџир на снабдување.

МАРИЛИ: Кои се предусловите за континуирано и успешно да се опстојува на странските пазари? Колку се инвестира во едукацијата, стручноста на вработените и во дуалното образование наспроти постојаното опремување со високософистицирана опрема?

ЃОРЃИЕСКА: Има многу предуслови, но по некоја логика сите се поврзани едни со други. Тврдам дека еден од најважните аспекти за успешно и одржливо конкурирање на странскиот пазар е континуирано инвестирање во различни области.

Тука спаѓаат инвестиции во современи технологии, стандарди, дигитализација, автоматизација, инфраструктура, маркетинг, но, пред сѐ, во човечките  ресурси. Овие паралелни инвестиции, кога се во балансиран спој, обезбедуваат производство на производи со докажан и одржлив квалитет по соодветна цена. 

Сепак, не е доволно едноставно да се направат овие инвестиции. Клучно е да се обезбеди безусловна посветеност и поддршка на клиентите, третирајќи ги како деловни партнери и давајќи му приоритет на нивното задоволство. Нашите клиенти добиваат третман на бизнис-партнери и посветеноста и задоволството на клиентот е јадро околу кое гравитираат сите други корпоративни политики.

Нашиот тим е главна предност бидејќи тој ефикасно ги спроведува инвестициите, произведува висококвалитетни производи и се грижи за задоволството на клиентите. Посветени сме и инвестираме во понатамошна едукација, раст и развој на нашите луѓе. Од оваа година учествуваме во програмата за дуално образование по германски модел, а веќе имаме воспоставено и долгорочна соработка со повеќето државни факултети за финансиска и менторска поддршка на проекти, дипломски и постдипломски студии.

Оттука доаѓа и нашиот спој од циклус на инвестиции што веќе е во тек. Тоа се повеќекратни инвестиции во модерна и софистицирана опрема, која значително ги зголеми ефикасноста, продуктивноста и прецизноста. Во изминатиот период се фокусираме на долгорочни инвестиции во дигитализацијата и автоматизацијата. Така ги оптимизираме процесите, ја зголемуваме ефикасноста и ја подобруваме следливоста. Целосно имплементиравме систем ERP, што ни обезбедува широк спектар на бази на податоци во реално време што нѝ овозможуваат брзи и правилни одлуки. 

МАРИЛИ: Вие сте една од ретките производни, извозно ориентирани компании. Колку е важна поддршката на државата за вакви компании и како, според Вашето мислење, тие треба да се стимулираат?