Антикризни мерки за ученици, студенти, пензионери, приватниот сектор
Ученици, студенти, ранливи категории семејства, пензионери со ниски пензии, лица со посебни потреби, самохрани родители приматели на гарантирана минимална помош, земјоделци, како и компании, се опфатени со 26-те нови антикризни мерки што вчера ги усвои Владата.
Новиот пакет мерки е во вредност од 662 милиони евра, а според премиерот Димитар Ковачевски, тој е поддршка за ранливите категории граѓани и компании, како и за надминување на потешкотиите во услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти од енергетската криза.
Мерките ќе важат од 1 декември, а со нив се опфатени 120 илјади млади лица, над 74 илјади социјално ранливи категории граѓани, над 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, речиси 540 илјади корисници на апликацијата МојДДВ, 600 илјади домаќинства и над 70 илјади компании.
Со системските мерки за 2023 и 2024 година опфатени се над 338 илјади пензионери и 106 илјади вработени во администрацијата.
Мерките наменети за граѓаните, домаќинствата и земјоделците се во износ од 156 милиони евра. -Над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните шест месеци ќе добиваат по 1.200, односно по 1. 800 денари месечно за што од Буџетот ќе се издвојат 14,3 милиони евра. Таа мерка е предвидена за ученици од семејства со ниски примања до 50.000 денари, соопшти вчера премиерот Ковачевски, по владината седница.
Поддршка ќе има и за 15 илјади студенти кои живеат надвор од местото на студирање, кои ќе добијат ваучер за превоз во наредните седум месеци во износ од 600 до 1.200 денари за што се предвидени два милиона евра. Во наредните пет месеци по 1.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надомест заради попреченост, самохрани родители, корисници на гарантирана минимална помош, и родители на деца со попреченост до 26 години.
Со таа мерка опфатени се 16 741 граѓанин со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра. Во наредните пет месеци за поддршка на пензионерите ќе бидат потрошени 35 милиони евра.
Пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, тие со пензија од 14.000 до 16.000 денари по 2.000 денари месечно, а по 1.500 денари ќе биде месечната поддршка за тие со пензии од 16.000 до 19.000 денари. За таа намена се предвидени 35 милиони евра.
Меѓу останатото, со новиот пакет е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата и тоа за 40 илјади земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади, и кои се занимаваат со сточарство за што се предвидени 8,1 милион евра.
Преку програмата за енергетска сиромаштија, за 5.000 семејства ќе се исплатат милион евра во вид на финансиска поддршка.
Предвидени се 1,1 милион евра за околу 2 250 корисници за финансиска поддршка на домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, односно поддршка за фотонапонски панели до максимум 80.000 денари, максимум 15.000 денари за соларни системи, и до максимум 25. 000 денари за инсталација на ПВЦ прозорци и врати.
Ќе продолжи и мерката за субвенционирање на струјата и 90-процентното субвенционирање на цената на струјата за 611 илјади домаќинства и 68 илјади мали потрошувачи за што се проценува дека ќе бидат потребни 35 милиони евра.
Ќе се субвенционира и цената на топлинската енергија за 63 илјади корисници во Скопје за што се предвидени 7,4 милиони евра.
Исто така, ќе продолжи и финансиската поддршка за сметките за струја за домаќинствата со ниски приходи, корисници на гарантирана минимална помош и социјална пензија, со по 1.200 денари месечно во наредните шест месеци. Опфатени се над 50 илјади корисници и е во вкупен износ од 5,9 милиони евра. Дел од пакетот се и мерката Мој ДДВ каде е предвиден зголемен праг до 2.100 денари за секое тримесечје поединечно, како и законско решение со кое се ограничува затезната камата до висина на долгот.
Со 492 милиони евра ќе се поддржи одржување на ликвидноста, поттикнување на конкурентноста и на инвестициите во обновливи извори на енергија во приватниот сектор.
Ќе има, како што најави премиерот, заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку издавање на зелена обврзница.
Во соработка со Европската инвестициска банка е предвидена поволна седма кредитна линија за зелена транзиција вредна 100 милиони евра за инвестиции во ЕЕ и ОИЕ по принципот 1+1, а во соработка со Француската агенција за развој поволна кредитна линија во износ од 50 милиони евра за поддршка на женско претприемништво, дигитализација и проекти што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и проекти со позитивен придонес за животната средина.
Планирани се и 50 милиони евра во соработка со Банката за развој на Советот на Европа за поволни заеми за мали и средни претпријатија, создавање и зачувување на работни места, поддршка на женско претприемништво за зелени инвестиции.
Преку инструментот на ЕБОР за зелено финансирање се ветува поддршка за малите и средните претпријатија, за поединци и домаќинства да инвестираат во ОИЕ и иновативни решенија за ЕЕ во висина од 790 илјади евра.
Како дел од пакетот предвидена е и одлука за одобрување на користење на дехидрирано млеко за производство на млеко и млечни производи со цел да се намалат малопродажните цени, но и финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите за нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 до 9.000 денари. За разлика од претходното законско решение, со кое имаше можност за зголемување на платите во приватниот сектор од 600 до 6.000 денари, како што појасни вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, новата мерка има неколку ограничувања, со можност за зголемување на платите од 3.000 до 10.000 денари.
За зголемениот износ на платата работодавачот ќе плаќа само данок на личен доход, а ќе биде ослободен од плаќање придонеси.
-Оваа мерка директно ќе влијае на намалувањето на неформалната економија и е дел од активностите од стратегијата на неформална економија.
Ограничувањето е дека оваа мерка можат да ја користат сите вработени кои имаат плата до една и пол просечна плата исплатена последните три месеци.
Тоа значи дека доколку во декември, ноември и октомври, просечната исплатена плата на вработен не е поголема од една и пол просечна плата, можат да ја искористат мерката во наредните 12 месеци за зголемување во износ од 3.000 до 10.000 денари, кои ќе се договорат со работодавачот. Притоа ослободувањето го добиваат истиот нареден период, прецизираше Битиќи на новинарско прашање.
Премиерот Ковачевски најави и дека ќе продолжат системските мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетската криза за што се предвидени 516 милиони евра од кои 189 милиони евра во 2023 година и 327 милиони евра во 2024 година од кои 36,2 милиони евра за зголемување на платите во јавниот сектор како усогласување со минималната плата за 2023 година, 52 милиони евра за зголемување на платите во јавниот сектор врз основа на општиот колективен договор за зголемување од 10 отсто и исплата на К-15.
За истата мерка во 2024 година се предвидени 150 милиони евра.
За 2023 година обезбедени се 100 милиони евра за исплата на зголемени пензии за над 338 илјади пензионери, а за 2024 година се предвидени 178 милиони евра за покачувањето на пензиите согласно новата методологија.
Како што соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими, антикризните мерки се финансираат од приливи од јавни давачки и се предвидени во буџетите за 2023 и 2024 година каде, како што рече, има неколку извори на финансирање – даночните приходи или финансирање преку задолжување.
-Овие мерки не се финансираат со кредитирање, затоа што буџетот како што е кроен во 2024 година, задолжувањето, односно дефицитот е понизок од капиталните расходи коишто се на ниво од 733 милиони евра, а дефицитот е на ниво од 545 милиони евра.
Од тие 545 милиони евра, скоро 300 милиони евра се за плаќање на камати за вкупното задолжување во досегашниот период.
Дефакто ова ќе го финансираме од средствата што се приливи врз основа на јавни давачки од страна на граѓаните и стопанството со цел да се направи поддршка и редистрибуција на средствата за поддршка на најранливите категории граѓани и стопанството, појасни министерот за финансии.
Како што најави претходно Владата, за финансирање на антикризните мерки ќе се наменат парите од солидарниот данок од компаниите за чија исплата истече рокот.
На компаниите кои не ја платиле оваа давачка им се блокирани сметките.
Статијата е прочитана 401 пати.