Книгата „Пред да падне ноќ“ од Силвија Векини објавена на македонски јазик

Во издание на „Бата прес“ објавена е книгата за деца и млади „Пред да падне ноќ“ од познатата италијанска писателка Силвија Векини, со илустрации на сликарот и дизајнер чие уметничко име е Суалцо. Објавувањето на ова дело е подржано од Министерството за култура и Европската унија и е во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, во оваа и во наредната година во програмата „Креативна Европа“ ќе објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори. Делото од италијански на македонски јазик го преведе Живко Гроздановски.

Станува збор за моќна и чувствителна приказна за храброто момче што има оштетен вид и слух, раскажана во форма на стихови и проза, вклучувајќи ја и азбуката со знаковен јазик.

Карло е тинејџер чие око што гледа почнува да ја губи својата сила и мора да оди на операција за да го спаси видот. Неговата борбена и весела сестра, Ема, е најголемата поддршка за Карло. Таа постојано го бодри Карло да го победи стравот, додека неговото верно куче Лулу е постојано покрај него. Но, дури и со поддршката и влијанието на неговото семејство, на Карло му е тешко да се соочи со таква неизвесност? И што ќе се случи доколку тој нема да може веќе да комуницира со нив?

Книгата, како што во поговорот пишува авторката Силвија Векини, настанала инспирирана од вистински ликови и вистински настани.

„Лека-полека нивната приказна ја инспирираше мојата. Љубов, сила, храброст, надеж, страв, осаменост, болка, невозможност. Сакав и другите да можат да видат што значи да се биде момче, што значи да се биде девојче, што значи да се биде брат и сестра“, бележи авторката.

„Пред да падне ноќ“ е книга за довербата, имагинацијата, емпатијата и јазикот. И покрај страшните предизвици со кои Карло и Ема треба да се соочат, ова е нивната приказна за храброста и чудата.

Наградена е со значајната италијанска награда „Стрега“.


Статијата е прочитана 574 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско