Ќе се формира сојуз на млади земјоделци по примерот во Словенија, најави Николовски

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски најави формирање сојуз на млади земјоделци по примерот во Словенија, пренесува МИА.

Како што рече денеска на прес-конференција, веќе е почната реализацијата на оваа идеја, а млади земјоделци од земјава во октомври ќе заминат на студиски престој во Словенија за да ги слушнат тамошните искуства.

Во процес на креирање е нова идеја, за формирање сојуз на млади земјоделци по примерот на Руралната младинска асоцијација на младите фармери од Словенија кои се дел од Европската организација на млади фармери и кои годинава слават 30-ти роденден.

„Овој пример беше нашиот лајт мотив, она што го видовме заедно во Словенија да го пресликаме дома  и да ги мотивираме нашите млади земјоделци преку ваков сојуз да ги следат модерните текови и полесно да ги исполнат европските стандарди во земјоделскиот сектор тука“, истакна Николовски.

Формирањето на сојузот, напомена, ќе придонесе и формирање потсекторкса група за млади во која ќе се креираат сите политики и програми за младите земјоделци.

„Веќе ја почнавме постапката за реализација на оваа идеја. Организираме студиско патување за наши млади кои ќе го посетат Сојузот во Словенија овој октомври, по што веднаш ќе го формираме сојузот прв пат од независноста на државата“, потенцира министерот.

 


Статијата е прочитана 263 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско