Култура

Социјалната драма „Земја на номади“ со три статуетки е големиот победник на годинешните Оскари 2021

понеделник, 26 април 2021

Со два месеца задоцнување конечно се одржа големото оскаровско шоу во Лос Анџелес. Најблескавата ноќ за доделување на најпрестижните филмски награди – Оскар овој пат се одржа во една поинаква - пандемиска атмосфера на сцена на Унион станицата (Union Station) во Лос Анџелес, но сепак, подеднакво гламурозно и возбудливо.

Филмот „Земја на номади“ на кинеската режисерка Клои Жао е победник на годинешното 93. издание на оскарите освојувајќи три златни статуетки.

Социјалната драма за една жена која по глобалната финансиска криза живее како современ номад во комбе на американскиот запад - „Земја на номади“ ја доби главната награда, односно Оскар за најдобар филм, за најдобра режија и Оскар за најдобра главна женска улога.

Клои Жао е прогласена за најдобра режисерка за „Номадленд“ со што стана првата Азијка и втора жена која некогаш ја добила наградата од американската Академија на филмски уметности и науки во оваа категорија. Прва режисерка која го освои Оскарот во оваа категорија беше Кетрин Бигалоу во 2010 година.

Победата на „Земја на номади“ беше сосема очекувана и го круниса неверојатниот подем на Жао, за која ова е само трет филм, снимен за буџет од пет милиони долари и со кастинг од главно непрофесионални актери.

„Секогаш се прашувам како понатаму кога е тешко. Луѓето се добри кога ќе се родат, а Оскарот го посветувам на сите оние луѓе кои имаат верба и храброст да се држат до таа добрина“, истакна Жао на церемонијата.

И главната актерка во овој филм Франсис МекДорманд се закити со Оскар за најдобра главна женска улога.

Филмот „Манк“ на Дејвид Финчер, кој беше фаворит со најмногу номинации - вкупно 10, освои само два Оскари во категориите најдобра фотографија и најдобар декор.

Наградата за најдобра гладна машка улога му припадна на големиот Ентони Хопкинс за улогата во филмот „Татко“ во кој глуми старец што тоне во деменција. Инаку, ова е втор Оскар за Хопкинс, првиот го освои во 1992 година за улогата на познатиот Ханибал Лектор во филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“. Ентони Хопкинс воедно со своите 83 години стана и најстариот актер кој добил Оскар. Пред него најстар добитник беше Кистофер Пламер кој со 82 години доби Оскар во 2012 година во категоријата најдобра споредна машка улога во филмот „Почетници“.

Актерот Даниел Калуја и актерката Ју-Џунг Јун добија Оскари за најдобра машка и женска споредна улога. Калуја освои Оскар за улогата во филмот „Јуда и црниот Месија“, а актерката Ју-Џунг за улогата во филмот „Минари“.

Глен Клоуз и овој пат (74) не успеа да го освои својот прв Оскар. Таа беше номинирана во категоријата најдобра женска споредна улога и тоа и` беше осма номинација во кариерата.

Данскиот филм „Уште една тура“ на режисерот Томас Винтерберг освои Оскар за најдобар странски филм. Винтерберг ја раскажа приказната за загубата на неговата 19 годишна ќерка во сообраќајна несреќа, кога започнал да го снима филмот и која требало да дебитира во него. „Овој филм е за губењето контрола во животот, а тоа на секој му се случува“, истакна режисерот.

За најдобар документарец Оскарот му припадна на филмот „Октоподот, мојот учител“ од Јужна Африка.

Содржината е прочитана 120 пати.