Интервјуа

Во време на корона-криза секој сака домот да го направи пријатно место за живеење, но и за работа

петок, 23 април 2021

Интервју со Марјана Ѓорѓиевска, генерален менаџер на „Урбан спејс“, компанија која на своите клиенти им нуди „all in one“ пакет што опфаќа проектирање, 3Д-визуализација, изведба на мебел и ентериер и менаџирање на целиот процес. Во интервјуто таа зборува за функционирањето во услови на корона-криза, за новиот стил на уредување кој претставува враќање кон природата, без јаки бои и со доминација на земјенитe тонови и нијанси, за постојаната надградба на сопствениот личен развој, следењето нови трендови во ентериерите, како и за тоа што треба да поседува една жена за да биде успешна во она што го работи

 

МАРИЛИ: Како дојдовте на идеја да ја формирате компанијата „Урбан спејс“, од кога постои и која е нејзината основна дејност?

ЃОРЃИЕВСКА: Дипломирав на Шумарскиот факултет, отсек Дизајн на мебел и ентериер. Oд денот на дипломирањето до денес, речиси 19 години работам како дизајнер на ентериери и на мебел. Со секојдневната работа низ годините, многуте проекти зад себе и, секако, искуството, некако природно дојде и потребата да се има свое студио за дизајн, односно компанија.

„Урбан Спејс“ е релативно млада компанија која сака на своите клиенти да им понуди „all in one“ пакет, што опфаќа проектирање, 3Д-визуализација, изведба на мебелот и ентериерот, како и менаџирање на целиот тој процес. Клиентите кај нас имаат еднаков третман и добиваат врвна услуга и квалитет, ним им останува само да се опуштат, да се сконцетрираат на нивните секојдневни обврски, а од нас да го чекаат крајниот резултат.

 

МАРИЛИ: Како функционирате во услови на корона-криза, колку луѓето се свртени кон уредување на просторот со оглед на бројните ограничувања во нормалниот живот?

ЃОРЃИЕВСКА: За среќа, ако тоа така може да се каже, во нашава професија работата се зголеми. Секако, тоа се должи на новите услови на живеење и функционирање на луѓето во својот дом. Домовите се реновираат, се купуваат нови станови, викендици, куќи, едноставно, секој сака домот да го направи пријатно место за живеење, но и за работа.

 


МАРИЛИ: Какви типови ентериери работите и дали работите и надвор од границите на Македонија?Дали имате изработени ентериери на кои сте особено горда, кои се тие?

ЃОРЃИЕВСКА: Работам секаков тип на ентериери, различни стилови, едноставно, не се ограничувам, работам по желба на клиентите, но со моја сугестија како може тоа да се сработи најдобро. Моите клиенти во најголем број се од нашата држава, но имам и клиенти и надвор од нашите граници, благодарение на целата технологија и интернет лесно се комуницира и работи.

После 19 години работа навистина имам многу проекти реализирани зад себе. Ме прави посебно кога клиентите се задоволни од мојата работа и кога тоа ќе го кажат гласно, тогаш знам дека мојата мисија е успешно завршена и се чуствувам среќно и задоволно.

Минатава година имав особено задоволство и чест да го уредувам кабинетот на генералот на НАТО организацијата SEEBRIG во Македонија, на што сум навистина горда. Истата година работев и на реновирањето и уредувањето на кафе барот SUNSHINE CAFFE. Од претходни години, значајни проекти ми се Клиниката за плодност „Њуборн“, туристичката агенција „Елит травел“ и многу индивидуални станови и куќи на кои сум навистина горда. 

 

МАРИЛИ: Од каде црпите инспирација за Вашите проекти?

ЃОРЃИЕВСКА: Последниве години друштвените мрежи станаа едно од примарните платформи за генерирање креативни идеи и пронаоѓање инспирација. Освен визуелно, овие платформи служат и за едукација. Секако, тука неизбежни се и саемите за мебел надвор од нашата држава, но, за жал, поради новонастаната состојба остануваме да се инспирираме виртуелно.

 

МАРИЛИ: Што е во моментот најактуелно како стил, боја и материјал?

ЃОРЃИЕВСКА: Пандемијата која започна во 2020 година ни го смени начинот и стилот на живеење. Домот, освен што претставува прибежиште, истовремено стана и мултифункционален простор за сите потреби на членовите на семејството, од канцеларија, училиште, теретана..., така што овој тренд ќе продолжи и во 2021 година.