Култура

Романот „Божји град“ од Пауло Линс објавен на македонски јазик

вторник, 23 февруари 2021

Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик е објавен романот „Божји град“ од реномираниот бразилски писател Пауло Линс. Преводот го направи Весела Моловска, а романот е објавен поддршка од Министерството за култура и од бразилското Министерство за надворешни работи.

„Божји град“ е врвен роман објавен 1997 година, според кој е снимен и истоимен филм во 2002 година кој што во 2004 година беше номиниран за Оскар. Тоа е трилер сторија која ја отсликува суровата реалност од животот на улиците во Бразил. Божјиот град е еден од најсиромашните квартови во Рио, таму постојано се одвиваат вооружени пресметки на бандите. Сепак, тоа е и местото каде што самбата се игра до зори, каде што блескаат најубавите жени... Се разбира, се игра и фудбал. Тоа е опкружувањето од каде што едно младо момче сака да избега и да стане професионален фотограф...

„Божји град“ е долга, трагична приказна во која мајсторски е раскажана приказната за животот и пресметките на гангстерите и водачите на бандите. Таа е базирана на долгогодишно истражување и потсетува на вистински настани.

Авторот Пауло Линс (Paulo Lins), роден 1958 година, информациите ги има од прва рака, затоа што и самиот е роден и израснал во тој простор, а во творештвото, покрај другото, пишува и се бори против расизмот во бразилското општество. Покрај овој роман, најпознати дела му се Sobre o Sol (За сонцето) објавено во 1986 година и Desde que o Samba é Samba (Бидејќи самбата е самба) од 2012 година.

 

 

 

Содржината е прочитана 28 пати.