Инфо

Бензините поскапуваат за еден, а дизелот за половина денар по литар

понеделник, 11 јануари 2021

Од вечерва на полноќ малопродажните цени на горивата се зголемуваат во просек за 1,64 проценти, објави Регулаторната комисија за енергетика. Тоа значи дека бензините ќе поскапат за еден, а дизелот и екстра лесното масло за домаќинство за половина денар по литар.

Според одлуката малопродажната цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 62 денари за литар, Еуросупер БС-98 ќе чини 63,5 денари литар, додека литар Еуродизел ќе чини 53,5 денари/литар.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,888 денар по килограм и ќе изнесува 29,651 ден/кг.

„Денешната одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати е резултат на зголемените берзански цени од изминатата недела. Растот на сите референтни цени на светските берзи следува по изјавата на министерот за енергетика на Саудиска Арабија, принцот Абдулаиз бин Салман, кој соопшти дека Саудиска Арабија ќе ги надмине договорените квоти на кратење, со цел да ја задржи сопствената економија и пазарот со нафта, по што од вторникот цената на нафтата Брент на берзите порасна за пет отсто и истата има вредност над 53 УСД $/t“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

 

Содржината е прочитана 47 пати.