Градинки „Светот на Колорес“ – Меѓународните награди се доказ за силните заложби и врвниот квалитет

Интервју со Билјана Караманолевска, генерална менаџерка и сопственичка на приватните детски градинки „Светот на Колорес“ во Скопје, во кое зборува за функционирањето на градинката која располага со три објекти, за успешно реализираните проекти во 2023 година, идните планови и проекти, како и за соработката со други воспитно-образовни установи во земјава и надвор.

Караманолевска е добитничка на многубројни признанија и награди, а неодамна во Белград се закити со трофеј „Најжена на XXI век“ на истоимената регионална манифестација. Градинката „Светот на Колорес“ доби награда за континуиран квалитет, безбедност и здрав развој на децата, како и „Плакета за лидер кој поместува граници“ – најдобра воспитна установа од Скопје. Регионалната манифестација „Најжена на 21 век“ во организација на  Слаѓана Петровиќ постои веќе 23 години и е најстара манифестација од ваков тип во Р. Србија. На истата манифестација се доделува и наградата „Најмаж на XXI век“, а се доделуваат и награди во повеќе области.

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е регионалната награда што ја добивте во Белград на крајот на 2023 година. Дали тоа за Вас значи дека годината којашто измина беше плодна и успешна и што значи оваа награда за Вас?

КАРАМАНОЛЕВСКА:  За сите овие години од самото основање на брендот градинки „Светот на Колорес" па сѐ до денес, со точна визија за она што сакаме да бидеме и каде се гледаме во иднина, прераснавме во бренд кој стана препознатлив и надвор од нашите граници. Не е случајно препознавањето на квалитетот и начинот на работа од другите регионални институции.

Секоја година носи нови предизвици на кои гледаме со уште посилна мотивација да бидеме скалило на успехот. Успехот е максимално искористување на можностите кои ги имаме затоа го даваме најдоброто од нас, а знаејќи дека сме пример за некого, нашата мотивација е уште поголема.

Оваа награда е од посебно значење за нас и големо признание за она што сме денес. Успеавме за овие години да ги поместиме границите во детската едукација како на домашно така и на Европско ниво, на што сме посебно горди! Вложениот труд, дисциплина, идеја, реализација, визија и многу љубов кон работата се главната формула за успех.

МАРИЛИ: Се работи за регионална награда. Дали бевте единствена претставничка од Р.С. Македонија и од кои земји имаше претставници кои беа наградени? Дали вмрежувањето е еден од најважните бенефити на овие настани?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Единствен награден од нашата држава беше „Светот на Колорес", кој се закити со плакета за „Континуиран квалитет, безбеден и здрав развоја на деца од предучилишна возраст". Добитници на награди имаше од целиот регион на Балканот. Комуникацијата со луѓе, проширување и јакнење на мрежата на контакти е од посебно значење на секоја компанија.

Успешно вмрежување и да се има ефективни комуникациски вештини е клучот за добро лидерство и понатамошно остварување на нови пазари.

МАРИЛИ: Вие сте авангарда во згрижувањето на деца во приватни установи, но со сите активности се трудите да останете на врвот. Кои најзначајни активности ги презедовте во изминатиот период, како за вашиот тим, така и за децата?

КАРАМАНОЛЕВСКА:  Последен проект кој беше реализиран пред Новогодишните празници во Виена, Австрија се состоеше со посета на приватна градинка во Виена каде заедно со нашиот тим на воспитувачи разговаравме и споделувавме искуства за начинот на работење кај нас и кај нив.

Слободно можам да потенцирам дека активностите кој ги имаме ние се далеку подобри и покреативни во споредба со нивните.

Начинот на едукација, начинот на грижа и начинот на комуникација, одговорно тврдам дека кај нас се на комплетно друго, повисоко ниво. 

Околу активностите кои ги имаме ние со децата, единствено нешто што во кратки црти можам да кажам е тоа дека тие секоја недела се различни, интересни, забавни и едукативни.

Децата со среќа и задоволство ги исполнуваат и се во исчекување на следниот проект кок секогаш е со цел да допринесе за нивен поквалитетен раст и развој. 

МАРИЛИ: Дали соработувате со други воспитно – образовни установи од регионот и Европа?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Соработката засега се состои во комуникација со повеќе градинки во регионот и во Европа. Често пати сме посетени од тим на воспитувачи од Турција и Србија, а сега последно беше размената на искуства со градинката во Виена.

МАРИЛИ: Имате ли планови за воведување на новитети во 2024 година?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Планови и новитети секогаш ќе има, па така и оваа 2024 година.

Инспирација и мотив секогаш постои, а како и секогаш изненадувањата се најслатки, нели?

МАРИЛИ: Што значи да се биде успешен претприемач и успешна жена менаџер во динамично време и бизнис каков што е вашиот? Што ќе им порачате на помладите луѓе кои сакаат да влезат во бизнисот, на што треба да бидат подготвени?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Уште како многу млада верував дека секогаш треба да се стремам кон совршени достигнувања.

За мене не постои - не можам! Сакам да победувам и да успевам без разлика на сѐ.

Кога работите нешто кое Ве исполнува и го работите со многу енергија и љубов, инстинктивно наоѓате начини да ја сочувате таа страст. Не секогаш ќе успееме да го постигнеме она што го посакуваме, некогаш и ќе погрешиме, но треба да сфатиме дека неуспехот не е спротивен на успехот, туку дел од успехот!

Верувајте во себе, не се плашите да го почнете првиот чекор, позитивно размислувајте ја целта на Вашето постигнување и успехот сигурно ќе е Ваш!


Статијата е прочитана 1740 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско