Да создадеме услови во Македонија за да им овозможиме на младите да ги остварат своите потенцијали

Интервју со Никица Мојсоска-Блажевски, извршен директор на „Македонија2025“ во кое говори за мисијата на организацијата, за имплементацијата на конкретни програми и активности во кои е вклучена и нашата дијаспора, за резулатите од последниот Самит „Македонија2025“, но и за плановите и очекувањата од идниот.

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е Вашето присуство на редовната средба на Управниот одбор на организацијата „Македонија2025“ во САД на почетокот на годинава и програмата што беше усвоена за работењето во 2020. Дали ќе има промени и на што ќе се фокусирате оваа година? 
МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ:
Општо, активностите и проектите на „Македонија2025“ се тесно поврзани со мисијата на организацијата, а тоa е поддршка на економскиот напредок на Македoнија и создавање „посилна нација“ која ќе ги подобри можностите за граѓаните, домашните компании и странските инвеститори. „Македонија2025“ промовира одржлив економски раст преку поттикнување на конкурентноста, претприемаштвото, иновациите и лидерството базирано на вредности. За да ја оствариме нашата мисија, фокусирани сме на неколку области или цели на делување: забрзување на економскиот раст; подобрување на образованието и развој на лидерство; промовирање на транспарентно, демократско и инклузивно општество; вклучување на дијаспората во економскиот и демократскиот развој на Македонија.
Во овие рамки „Македонија2025“ имплементира конкретни програми и активности заради исполнување на мисијата и целите. Во сите активности е вклучена и компонентата на нашата дијаспора, што ја прави организацијата уникатна. Некои од програмите се повеќегодишни, веќе имаме искуство во имплементација и ефектите се значајни. Тука главно би ги напоменала лидерските и образовните програми за обуки за македонски менаџери. Но, ние постојано сме во контакт со деловната заедница и со носителите на политиките и развиваме нови програми согласно потребите. Во таа насока, наша определба (на Управниот одбор на организацијата) е во следниот период да ги засилиме програмите со кои даваме поддршка на македонските бизниси за раст, подобрување на конкурентноста и интернационализација. Веќе имплементираме две такви програми, но започнуваме уште две нови. Само силни бизниси, меѓународно конкурентни бизниси можат да доведат до повисок раст на економијата и подобар животен стандард.

МАРИЛИ: Од минатата година Вие сте новата извршна директорка на „Македонија2025“ и под Ваша „палка“ се одржа последниот Самит. Какви се Вашите оценки за него, дали ги исполни очекувањата?
МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ:
Самитот „Македонија2025“ е дел од нашите активности веќе осма година по ред, а истиот претставува динамична платформа за поврзување на бизнисите во Југоисточна Европа, размена на искуства, иновации, итн. Самитот веќе има традиција, а преку истиот сметаме дека директно и индиректно помагаме кон забрзување на економскиот развој, поддршка на конкурентноста на економијата и развојот на македонските компании. Главниот акцент на Самитот во 2019 година беше ставен на темите: иновации и нивното влијание врз намалување на загадувањето на животната средина/ воздухот, како и иднината на работните места и вештините. Можам да кажам дека имавме навистина квалитетни дебати и врвно случување кое ги надмина нашите очекувања. Не изостанаа и позитивните реакции од многубројната публика, составена од 400+ менаџери, директори, претприемачи, членови на академијата, успешни млади професионалци, високи функционери и дипломати. Покрај тоа, околу 500 лица го следеа и преносот во живо на Самитот.
Како новитет, последниот Самит на домашните компании и учесниците им понуди одлична можност за поврзување со странските компании, со потенцијални инвеститори, како и со наши истакнати членови на дијаспората, при што беа остварени над 50 Б2Б средби. За време на Самитот, „Македонија2025“ потпиша и Меморандум за соработка со Стопанската комора на Македонија, со цел зацврстување на деловната комуникација меѓу македонската бизнис заедница и македонската бизнис дијаспора. Како дел од активностите организиравме и средношколски натпревар, како и два бизнис натпревара за стартапи. Тука беше и засебниот настан „Кодирање со Претседателот”, каде под менторската палка на Алис Стајнглас, претседателот ги покажа своите кодирачки вештини. Земајќи го сето ова предвид, сметам дека настанот успешно ја оствари својата главна цел за споделување знаење, поврзување на бизнисите со дијаспората и инспирирање на промени и иновации во регионот на Југоисточна Европа.

МАРИЛИ: Што можеме да очекуваме на следниот Самит по однос на содржините и гостите кои како врвни стручњаци ги каните од целиот свет?

 МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ: После така успешно реализиран Самит, пред нас е голем предизвик како да се подобриме и да ги исполниме очекувањата на нашите верни партнери и следбеници, па и на јавноста. Сѐ уште сме во фаза на развој на концептот на Самитот 2020 година и консултации со деловната заедница. Во 2019 година малку беше променет концептот во смисла на поголемо учество на панелисти од Македонија, прикажување успешни македонски приказни, нивно поврзување со дијаспората итн. Сличен концепт ќе задржиме и во 2020 година и ќе се обидеме да донесеме уште повеќе учесници кои се успешни бизнисмени и професионалци од дијаспората ширум светот, сѐ со цел поврзување на двете страни и зголемена соработка. Во меѓувреме ќе работиме на изработка на онлајн платформа преку која ќе овозможиме поголемо вклучување на нашите ширум светот во поддршка на бизнисите во Македонија. 

МАРИЛИ: Со бројни едукативни програми работите на развивање на вештините на македонските менаџери и извршни директори, како и на младите луѓе. Дали ќе продолжи ова и во кои области?
МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ: Нашата втора стратешка цел како организација е токму поддршка на лидерството и претприемаштвото преку спроведување на образовни програми и предавања за млади професионалци, менаџери и извршни директори. Секако дека и понатаму ќе продолжиме со инвестирањето во професионалниот и личен развој на најдобрите македонски бизнис лидери. Во моментов е отворен повикот за престижната Програма за извршни директори - Зафировски, преку која се доделуваат стипендии за светски познатата Келог-школа за менаџмент во САД. Годинава ќе доделиме шест стипендии за најуспешните. Програмата ќе ги обнови и надогради веќе стекнатите вештини на македонските бизнис професионалци и ќе придонесе кон понатамошен развој на македонската економија и работна сила. Истата вклучува дополнителни можности за менторство, вмрежување и практично учење. Нашата цел, како организација е преку оваа програма, основана и финансирана од еден од основоположниците на „Македонија2025“, Мајк Зафировски да придонесеме кон подобрување на вештините на идните 100 бизнис лидери во земјата. Досега низ програмата поминаа вкупно 20 менаџери.
Исто така, во тек е аплицирањето за Студиската програма за извршни директори во Торонто, што претставува комбинација од еднонеделен курс во Извршниот образовен центар „Шулих“ заедно со пракса во реномирана северноамериканска компанија. Во склоп на програмата кандидатите имаат многу можности за вмрежување, што на компаниите ориентирани кон извоз им помага да ги промовираат своите производи и услуги ширум светот. Би сакала да напоменам дека „Македонија2025“ работи и на други едукативни програми за лидерски развој. Преку обуката „Лидер“, во соработка со Ричард Ајви бизнис школата од Канада се подобруваат вештините на младите претприемачи од земјава и им се нуди менторска помош за развивање на нивните деловни идеи или веќе основани бизниси. „Македонија2025“ основа и Фонд за поддршка на талентирани млади со што придонесуваме кон развојот на инклузивно општество и даваме поддршка на младите во државата да ги остварат своите целосни професионални и лични потенцијали.

 

МАРИЛИ: Дали имате сознанија како овие едукативни програми им помагаат на младите луѓе да станат претприемачи и менаџери и да помогнат во развој на претприемаштвото во нашата земја со што би се запрел процесот на иселување, пред се, на младиот стручен кадар? 
МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ:
Низ годините, над 500 претприемачи и менаџери од Македонија учествувале на едукативните програми за лидерство овозможени од „Македонија2025“. Можам да издвојам дека обуката „Лидер“ им помага на младите луѓе во земјата да ги развијат своите деловни вештини и успешно да ги реализираат своите нови бизнис идеи во земјата, или, пак, да ги унапредат веќе основаните компании. На тој начин се унапредува претприемаштвото и економијата, воопшто. Исто така, преку Битов-програмата за претприемачи, во соработка со канадската организација за економски развој CESO SAC, им помагаме на домашните компании да ја подобрат својата конкурентност, да растат и да се прошират кон странските пазари. Како новитет, а со цел развој на претприемаштвото, во процес сме на создавање и на две пилот програми: менторска програма за стартапи и програма за интернационализација на малите и средни компании, за кои се надеваме дека ќе прераснат во успешни македонски приказни. 

МАРИЛИ: Како професор во високото образование, кои се Вашите согледувања за тоа каде треба да се насочи нашето образование и економијата за да ги задржиме квалитетните стручни кадри и во таа насока, колку и дали воопшто образованието ги следи потребите на нашето стопанство?
МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ:
Ова е доста комплексно прашање или прашања, за кои треба поголема елаборација. Ќе се обидам да одговорам релативно кусо, со фокус на три поенти. Најпрвин, мора понатаму да работиме на подобрување на квалитетот на образованието со цел младите да се стекнуваат со знаења и вештини кои се потребни за функционирање во 21-от век (или во денешницата), но и да можат лесно да се приспособуваат на новите текови. Наставните програми, помагала и начинот на предавање треба да бидат флексибилни и адаптибилни кон новините, дигитализацијата итн. Со достапноста на пребарувачи (како Гугл, на пример), образованието веќе не треба да биде насочено кон знаење (и меморизација на факти), туку кон примена на знаење и кон вештини. Тука сме многу слаби и тоа го покажуваат сите меѓународни мерења на знаењето и постигнувањето на македонските ученици и студенти. И тука започнуваат сите проблеми на општеството и на младите. На возраст на студенти веќе не може многу да се промени, тие се релативно развиени личности. До тој момент, 13 години од редовно образование, од нив се барало да меморизираат факти и да прераскажат лекција како во учебник, а вие одеднаш им велите да размислат критички кон тоа што го пишува во учебникот, да бидат поаналитички итн. Тешко се менува нивниот пристап кон учењето. 
Несомнено постои неусогласеност меѓу вештините на младите и потребите на работодавачите. Треба постојано да се работи на зголемување на усогласеноста, вклучување на работодавачите во формулирање на наставни програми итн. И, има доста иницијативи во оваа област. Но, треба да имаме на ум дека светот на работата и професиите се менува многу брзо и дека додека дојдат основците до пазарот на труд, се проценува дека околу 50 проценти од професиите кои постојат денес ќе ги нема. Во такви услови, фокусот на образованието мора да се стави на развој на генерички вештини, вештини кои би биле потребни на кое било работно место (способност за решавање предизвици, комуникација, љубопитност, истрајност во работата, прилагодување, итн.).
Прашањето на задржување на младите во земјава е „цела наука” сама по себе. Според мене, на младите мора да им овозможиме да ги постигнат своите потенцијали, само така ќе бидат среќни професионално и приватно. Ние треба да се трудиме да создадеме услови во Македонија за да им го овозможиме тоа, но, кога велам услови тука вклучувам многу елементи, од квалитетно образование, до професионални можности, поддршка за основање и водење на бизнис ... сѐ до квалитетно здравство, услови за спорт, нетолеранција за корупција, итн. Некои млади, сепак ќе емигрираат, и тоа е загуба за нашата земја, но, да бидеме среќни ако тие успеат во странските земји. И, да се трудиме да ги „држиме” блиску до нас, да ја сакаат Македонија и да помагаат на нови генерации. Наместо да бидат несреќни и нереализирани граѓани. 

МАРИЛИ: Дали сметате дека нашите млади луѓе располагаат со доволно нови бизнис идеи, изуми и иновации, дали тие се препознаваат во нашето општество и дали соодветно се вреднуваат и им се создава простор за реализација?
МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ:
Младите луѓе навистина се преполни со идеи, но ние како општество малку ги потиснуваме. Тоа започнува во семејствата, ретко кои млади луѓе имаат поддршка од родителите да започнат бизнис. Сѐ уште доминира желбата на родителите нивните деца да најдат „сигурна” работа, а на второ место е да емигрираат. Потоа доаѓа притисок и од општеството, осудата на претприемачи кои нема да успеат од првпат, недоволно развиената инфраструктура за почетни бизниси, за поддршка на младите. Состојбата се менува, голема промена направи Фондот за иновации и технолошки развој преку програмите и финансирањето почетни бизниси. Мислам дека сѐ повеќе млади ја гледаат својата иднина во започнување бизнис, а се надевам дека ќе се доразвива еко-системот за нивна поддршка. Веќе споменав дека „Македонија2025“ им помага на младите да започнат бизнис и да ги унапредуваат своите бизниси, преку обуки и менторирање, а организираме и натпревари за бизнис планови на средношколци итн. Оваа година имаме планови да ја засилиме таа поддршка, особено за средношколците, но ќе ве информираме навремено за тоа. 

МАРИЛИ: Нашата економија воглавно се потпира на претставништва, франшизи, лон-системи, а оригиналните бизнис идеи премногу се копираат, со што се создавава сериозен проблем, со оглед дека сме мала земја и сме неконкурентни надвор. Дали тоа се должи на немањето идеи, на неинвентивност, или се избира полесниот „истапкан“ пат, а можеби и на отсуството на соодветна строга законска регулатива која ќе го штити авторството и индустриската сопственост?
МОЈСОСКА-БЛАЖЕВСКИ:
Се согласувам со констатацијата, некако на крајот сами си создаваме конкуренција „на мало”. Наместо да се напреваруваме со светот, се натпреваруваме на овој мал простор или пазар. Апсолутно сметам дека мора да се почитува авторството и индустриската сопственост, но, некако сѐ уште немаме доволна свесност за тоа. Да се надеваме дека токму таа „стартап” заедница и иновативните компании ќе направат притисок на општеството за подобро регулирање и спроведување на оваа проблематика.
 


Статијата е прочитана 2578 пати.

Сподели: