На предизвиците во авиобизнисот мора да се одговори брзо и со висок квалитет

Интервју со Наталија Дренковска, директор на Набавки и администрација во ТАВ Македонија во кое говори за стремежот на компанијата кон надградување на своите вработени со цел да се овозможи постигнување високи стандарди во работењето, за посветеноста и личното ангажирање кон работата, за спецификата на авиобизнисот кој поттикнува одредени предизвици на кои мора да се одговори брзо и со висок квалитет. Дренковска е една од топ 10 најуспешни жени менаџери во 2019 година избрана од агенција „Марили“.

МАРИЛИ: Што се опфаќа вашата менаџерска позиција и од кога сте на оваа позиција во ТАВ Македонија?
ДРЕНКОВСКА:
Позицијата ги опфаќа сите набавки кои се потребни за компанијата. Кога се вели набавки, се однесува и на процесите кои треба да се проследат за да се одржи правилниот синџир на набавки, вклучително и логистиката, се до пристигнувањето на производот или услугата до дестинацијата, односно до крајниот корисник. За сето ова да биде успешно, потребна е беспрекорна соработка и координација помеѓу подсекторите набавки, магацин и администрација, составени од колеги-соработници со долгогодишно искуство во областа, кои работат на највисоко ниво на професионалност. На позицијата сум од почетокот на минатата година, со претходно водство на секторот за набавки.

МАРИЛИ: Што сте по професија и какви квалификации и искуства се потребни за оваа исклучително динамична и специфична работа во авиобизнисот?
ДРЕНКОВСКА:
По професија сум менаџер за синџир на набавки, а благодарение на моето долгогодишно искуство на интернационално ниво, во периодот додека работев надвор од земјата, се стекнав со знаење за квалитетна испорака и тоа во исклучително динамична и специфична средина, која бара целосна посветеност и максимална одговорност. Исто така и во авиобизнисот динамиката и спецификата на дејноста поттикнуваат одредени предизвици, на кои мора да се одговори брзо и со висок квалитет.

МАРИЛИ: Дали за потребите на ТАВ Македонија било неопходно и дали Вие сте посетувале одредени обуки за менаџерската функција што ја обавувате? 

ДРЕНКОВСКА: Да, ТАВ Македонија секогаш се стреми кон надградување на своите вработени и со тоа се овозможува постигнување високи стандарди во областа на своето работење. Со оглед на тоа што се работи за аеродром, имаме обуки специфични за дејноста според меѓународните стандарди, како и обуки за подобрување на меките вештини кои се потребни во секој бизнис. Можностите за дообучување во ТАВ се секогаш отворени, во зависност од потребите на вработениот, а, се разбира и при евентуалните промени на правилата и прописите во работењето кои налагаат обновување или стекнување нови знаења. Секоја работна позиција на аеродромот, вклучително и мојата бара конкретни обуки, според правилата на компанијата, а за позициите во оперативниот дел на аеродромот неопходни се и специфични лиценци за работа. ТАВ Македонија има свој тренинг-центар, којшто ги спроведува и стручните и обуките за меки вештини.

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер во странска компанија која се позиционираше многу високо во македонската економија. Тоа веројатно бара многу пожртвуваност и самооткажувања, па дали имате слободно време и како го поминувате?
ДРЕНКОВСКА:
Посветеноста кон било која работа во животот бара целосно лично ангажирање. Така е и на работното место. Ако сте посветени, ќе сакате стекнатото знаење да го примените најдобро што можете. Тоа често значи дека ќе имате малку слободно време. И покрај ова, сметам дека успевам, благодарение на најблиските, да им посветам внимание во она слободно време кое преостанува. Јас сум мајка на две деца, 12 и 16 години, возраст која бара моја постојана вклученост во нивното воспитување и школување. Посветена сум и на нашите заеднички активности во слободното време, а истовремено ги следам и нивните училишни обврски. Во времето резервирано за моите деца, едноставно сум другар со нив. Најважно ми е да бидат среќни во сè што прават.

 


Статијата е прочитана 2581 пати.

Сподели: