„Кромберг и Шуберт Македонија“, тимски дух во време на предизвици

Значењето на најголемата странска инвестиција во Пелагонискиот Регион „Кромберг и Шуберт“ за економската стабилност и општествената одговорност.

МАРИЛИ: „Кромберг и Шуберт“ е една од најзначајните странски инвестиции во нашата земја. Кажете ни нешто накратко за почетоците, развојот, денешните капацитети и какво е нејзиното значење за регионот на Балканот од аспект на меѓународна корпорација?
КШМК:
Првпат компанијата беше регистрирана во 2011 година, а со градежните работи во Индустриската зона „Жабени“ се започна во 2012 година, кога беше официјално вработен и првиот работник во КШМК. Постепено низ годините организацијата се оформуваше и растеше. До 2017 година компанијата броеше 3.400 вработени и располагаше со површина од 18.000 квадратни метри, но таа година, по одлуката на Бордот на директори, се започна со проширување на производниот капацитет и моментно компанијата располага со 48.000 квадрати и брои повеќе од 5.000 вработени, со што сме една од најголемите фабрики во регионот и најголемите работодавци во Македонија. Моментно успешно работиме на три проекти и тоа два за Mercedes (Vito и V - Class), Mercedes Sprinter и еден за Audi A4. Оттука, може да кажеме дека имаме големо влијание, директно и индиректно, врз економскиот раст и развој на целиот Пелагониски Регион, имплементирањето на нови начини на менаџирање и развојот на организационата култура и на заедништвото. Понатаму, ние сме социјално одговорна компанија, постојано вложуваме во подобрувањето на животната средина, се грижиме за околината, за здравјето и градиме стабилни односи со партнерите на локалниот пазар. Па, така, и преку соработката со локалните компании имаме влијание врз економијата, при што се подобрува животниот стандард, се унапредува и се зголемува конкурентноста на пазарот, се создаваат нови навики, нови вештини и способности, се применуваат и се разменуваат интернационални искуства, се поставуваат трендови во областа на работата со човечки ресурси и, секако, се влијае врз куповната моќ на граѓаните.

МАРИЛИ: „Кромберг и Шуберт“, како систем што вработува голем број луѓе, е исклучително важен за Пелагонискиот Регион, но и за цела држава. Каква е улогата што ја има КШМК пошироко од економската стабилност што ја носи со себе не само како еден од најголемите работодавци, туку и во смисла на општествената одговорност, иновациите, поддршката во областа на хуманоста, кампањите, акциите, со еден збор, сѐ што значи грижа за општествената заедница?
КШМК:
Свесни сме за влијанието што го имаме врз развојот на Пелагонискиот Регион и тоа претставува голема одговорност за нас, не само кон нашите вработени, туку и кон сите граѓани. Поради тоа секогаш ги поддржуваме културните и спортските настани, ги помагаме граѓанските здруженија, им донираме средства и опрема на државните установи, како што се болници, училишта, градинки и сл., им даваме помош на приватни лица и на наши вработени за да се справат со тешки ситуации… Едноставно, не сме глуви на повикот на граѓаните, сакаме Битола и Пелагонискиот Регион, па и цела држава да ги направиме поубаво место за живеење. Како еден од најголемите работодавци во нашата држава важно е да поставуваме позитивен пример што ќе го следат и другите компании. Па, така и во вонредни услови нашата компанија го помогна опремувањето на молекуларната микробиолошка лабораторија при Центарот за јавно здравје од Битола заради тестирање на болеста предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 со донација на медицинска опрема, односно автоматизиран систем за екстракција на нуклеинските киселини InnuPure C16 touch, заедно со целосната дополнителна опрема, во вредност од 1.800.000 денари. Со оваа донација целосно ќе биде оспособена лабораторијата за да може да работи и да помогне во креирањето на стратегијата за борба против коронавирусот.
Што се однесува до иновациите, ги следиме трендовите во автомобилската индустрија преку водството од нашата централа во Германија. Работиме на производство на прототипи за електрични возила, се подготвуваме за новата фаза бидејќи целата автомобилска индустрија се наоѓа пред голема трансформација што неминовно ќе значи промени и во нашиот производствен концепт. Ни претстои имплементација на таканаречениот „ЛИН“ Менаџмент, кој значи континуирано подобрување во сите области, создавање поголема вредност со помалку загуби. Главен предизвик ќе биде прифаќањето на овој „мајндсет“, односно менталитет или филозофија на функционирање што значи развој на секој вработен да биде мајстор во својата работа.
Да не се случеше пандемијата со коронавирусот веќе ќе ја имавме започнато оваа фаза и со нетрпение очекувавме да ги научиме сите нови вештини што се придобивки од овој концепт и значат личен и професионален развој за сите вработени. Дополнително на овој технички аспект, будно ги следиме сите актуелни настани за раководењето со човечките ресурси и развојот на меките вештини. Исто така, заедно со креативноста на нашиот тим организираме различни настани од мотивационен карактер, се водиме по принципот на лична одговорност и создаваме чувство на припадност кон семејството, градиме заедница, што е многу битно за компанија од ваков размер, каде што има повеќе нивоа на лидерство и особено е значајно како луѓето си ја вршат својата работа кога мислат дека никој не ги гледа, односно каква организациона култура се развива и дали сите или барем мнозинството се раководат од начелото на интегритет. 

МАРИЛИ: Во „Кромберг и Шуберт“ има голем процент на вработени жени, но и на жени на менаџерски позиции. Кажете ни колку изнесува тој процент и во кои сектори и дали забележувате напредок во нивното учество во менаџментот?
КШМК:
Иако полот никогаш не ни бил критериум за избор или напредување за ниедна работна позиција, сепак, можеме да се пофалиме со значајно учество на жените на сите нивоа на менаџментот. Кај жените, како и кај сите вработени се вреднуваат личните карактеристики, како што се: лидерски потенцијал, емоционална интелигенција, добри комуникациски способности, посветеност на учењето и на саморазвојот, способност за унапредување на тимот и на меѓучовечките односи, зголемување на тимскиот дух, интегритет, самодоверба итн. Во нашата компанија на лидерски позиции од среден менаџмент имаме вкупно 72 жени што успешно се справуваат со одговорностите и со секојдневните предизвици како лидери на поголеми тимови и дополнително имаме вкупно три жени во тимот на менаџментот. Секако, и нашиот комерцијален директор, како претставник на топ менаџментот и претставник на жените на највисоки позиции во компаниите.

- Среден менаџмент - 72 жени од вкупно 189 претставници на среден менаџмент - 38% од вкупниот среден менаџмент
- Менаџмент - 3 жени од вкупно 7 менаџери - 43% од вкупниот менаџмент
- Топ менаџмент - 1 жена од вкупно двајца директори - 50% од вкупниот топ менаџмент

МАРИЛИ: Зад нас е една голема светска глобална криза што ја наметна пандемијата со Ковид-19, а со која добро се справивте. Што покажа искуството на КШМК, како функционираат жените во услови на кризен менаџмент и колку храбро донесуваат одлуки во таква кризна состојба, како се справуваат со такви ситуации?
КШМК
: Секогаш може подобро, меѓутоа вложивме максимални напори да преземеме сѐ што беше во наша можност и на располагање за да го заштитиме здравјето на вработените, со примарна цел: ниеден наш вработен да не се разболи од вирусот. Пандемијата со Ковид-19 ни покажа колку силни и лојални вработени имаме, и тоа не само жени, туку и мажи, сите заедно, без разлика на пол, националност, религија, возраст, образование итн. Сите се бореа и се борат за доброто на фирмата и секако за доброто на секој вработен, а сѐ со цел кризата да се надмине на најдобар можен начин и со најмалку можни последици. Но многу работи и не зависеа од нас локално. Бевме сведоци дека светот застана, се смени и сите имавме чувство како да се наоѓаме во некој лош филм што едвај чекаме да заврши. Да се вратиме на прашањето, жените покажаа огромна храброст, грижа, солидарност, борбеност, разумност, сталоженост и упорност, што се клучни за вакви моменти. Стравот и паниката не смеат да надвладеат, а жените многу добро го менаџираа сето тоа бидејќи тоа е во нивната природа. Жените раѓаат живот, се грижат за блиските, ги хранат семејствата, одгледуваат, создаваат домови, прават херои од „клинците“, заштитуваат дури и кога тоа може да биде на сопствена штета. Вистинските жени се такви во сите области во животот, и приватно и на работа. Оваа година нема да биде лесна за никого, до крајот на 2020 година има уште неколку месеци што ќе бидат клучни и ќе биде потребно здравјето, сталоженоста и разумноста да ги задржиме докрај сѐ додека целосно не се надмине кризата. Но имајќи предвид со каков тим располагаме, сакаме да размислуваме само за позитивни сценарија. Секако дека ќе има последици. Здравствената криза е еден аспект од овие чудни времиња што ќе поминат, меѓутоа не знаеме што ќе остават. Прогнозите за економијата се многу неизвесни. Ден за ден планираме колку работа ќе имаме и дали ќе можеме да ги вратиме сите вработени. Бараме мудрост и чесност од секој што донесува одлуки во компанијата, меѓутоа свесни сме дека кога ќе дојде време да се избира, каква одлука и да се донесе, сепак, за некого нема да биде најдобра. На многу услови не можеме да влијаеме бидејќи зависиме од глобалните синџири на снабдување, меѓутоа, она за што сите треба да навиваме е да имаме шанса повторно да вработуваме, да развиваме, да даваме, да креираме можности. Тоа е најдобриот начин да се залекуваат последиците од оваа криза.

МАРИЛИ: Кои се плановите за идниот развој на „Кромберг и Шуберт“ за периодот што следува?
КШМК:
Уште пред почетокот на 2020 година имавме големи планови во поглед на дополнителен раст и развој на компанијата. Но, како и секоја компанија, така и нашата е засегната од целокупните случувања што ги предизвика коронавирусот во светски рамки, па поради тоа некои планови моравме да ги одложиме за понатаму, со тоа што моментно фокусот е ставен на целосната стабилизација на производството и на моментните проекти, започнување со работа на сите смени и, најважно, редовни нарачки од клиентите и испорака од наша страна до нив. Наша цел е да ги заштитиме сите наши вработени и нивните семејства, да го заштитиме нивното здравје и да обезбедиме економска стабилност на групацијата, да задржиме колку што е можно повеќе работни места и, секако, на вработените да им ја вратиме сигурноста и да помогнеме сите заеднички да излеземе посилни и подобри луѓе со научени лекции.
 


Статијата е прочитана 956 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско