Интервјуа

Конгресен сервисен центар совршено добро ве разбира на секој јазик

среда, 22 септември 2021

Интервју со Весна Мицева-Тодоровска, генерален менаџер на Конгресен сервисен центар во кое зборува за услугите што ги нуди компанијата за сите светски јазици, за организираните повеќе од 10.000 конференции со целосна логистичка поддршка и обезбедените толкувачи и опрема на над 5.000 настани, за проширувањето на дејноста со продажба на авиобилети преку сопствената агенција Конгрес Травел Сервис, за отворањето на издавачката куќа „Полица“, но и за работењето во услови на ковид-криза, како и за тоа што значи континуирано успешно да се менаџира една компанија и колку личниот пример претставува поттик за развој на женското лидерство

 

МАРИЛИ: Од кога постои и со што сè се занимава Конгресен сервисен центар? Во Вашето работење воведовте и новини, односно се проширивте во областа на туризмот и издаваштвото, па какви се искуствата со овие дејности? 

МИЦЕВА-ТОДОРОВСКА: Точно е дека, па и не толку неодамна, почнавме да работиме и во издаваштвото со отворањето на нашата издавачка куќа „Полица“ и со продажба на авиобилети преку нашата агенција Конгрес Травел Сервис. Ние сакаме предизвици. Гледаме да се приспособиме на потребите на клиентите и да понудиме заокружен систем на услуги. Конгресен сервисен центар е основан во 1999 година, а нашата цел, уште од првиот ден, беше на нашите клиенти да им понудиме гаранција за квалитетот и навременото обезбедување на услугите, како и да ја олесниме интернационализацијата на претпријатијата на нашите клиенти од лингвистичка гледна точка. Мислам дека успеваме, а своевиден ориентир или доказ се нашите филијали во Белград, Сараево, Тирана и во Софија. Бидејќи нашата почетна дејност беа преводот, толкувањето и организирањето настани, а сè друго дојде како логичен след на развојот, ние се држиме до нашата визија: Да гарантираме дека ќе бидете совршено добро разбрани на секој јазик и дека ќе ја добиете поддршката од најдобриот тим за логистика.

Ме прашавте какви се искуствата во издаваштвото и во туризмот (засега се фокусиравме на продажба на авиобилети). Накратко, уживаме во двете. Двете се тешки и макотрпни дејности, но се возбудливи. Некој ќе праша зошто. Затоа што читаме и патуваме. Тоа се двигателите на светот, ако размислите. Без читање, во каква било форма, нема разбирање и нема прогрес, а без патување, нема нови хоризонти. Овие две парадигми се наоѓаат во срцето на човековата природа. Тие се моторот на човештвото од Гутенберг наваму и од првиот лет на браќата Рајт.

 

МАРИЛИ: Што значи да се работи во услови на криза предизвикана од Ковид-19 и која од дејностите со кои се занимавате успешно опстојува во овој период?

МИЦЕВА-ТОДОРОВСКА: Сложено е, признавам, сите дејности беа во стрмоглав пад првите месеци, но есенцијално за виталноста на една компанија е приспособливоста, моќта да се трансформира. Во организирањето настани ние сме меѓу првите, ако не и првите што понудија професионална организација на онлајн настани. Купивме професионална платформа, обучивме луѓе, т.н. „stage managers“ кои ги водат настаните во смисла на техничка поддршка или модерирање, овозможивме настаните да се одвиваат непречено. Знаете, по првиот шок во јануари минатата година, се појавија неколку платформи, меѓу кои најупотребуваната е ЗУМ и дел од клиентите продолжија да работат. Но првите проблеми се појавија кога требаше да се организираат посложени настани, конференции, обуки, семинари, кои не се едноставно гледање во мониторите. Ние бевме меѓу првите што понудивме комплетна услуга за организација на сите комуникациски платформи, како што се: „Kudo“, „Interprefy“, „QuaQua“,вклучувајќи превод на повеќе јазици.

Во ситуација на карантин и социјална дистанца, за очекување беше дека ќе порасне продажбата на книги. Ова е идеално време за реоткривање на книгата. Со цел изолацијата да не биде изолација, туку можност да прочитаме книга, ги повикувам сите читатели да отвориме некоја нова мисловна дестинација. Кога веќе туризмот, од познати причини, е оневозможен. 

Значаен дел од нашата работа се и консултантските услуги. Нашата компанија има спроведено и спроведува многу проекти од повеќе сфери на мултилатералните партнери и донатори во нашата земја и во регионот, како што се ЕУ, Светската банка и слично. Ние нудиме услуги од областа на комуникациите, управување и градење на институциите, управување со јавните финансии, образование, социјална политика и развој на човечки ресурси, инфраструктура, подигнување на јавната свест и видливост...