Интервјуа

Поликлиниката „Дента ЕС“ е синоним за современа стоматологија со примена на револуционерни методи

четврток, 09 септември 2021

 

Интервју со д-р Елена Василевска-Ѓеоргиева, специјалист по ортодонција, член на Управниот одбор на поликлиниката „Дента ЕС“ во кое зборува за модерната ортодонција, за американскиот систем Damon кој како водечки во светот на ортодонцијата се применува во поликлиниката, за причините за имплементирање услуги од областа на фацијалната естетика при целосен третман на пациентите и тоа не само како медицински оправдано, туку и по барање на пациентите и за разубавување, но ги открива и мотивацијата и енергијата што ги користи за раст, развој, постојана едукација и одново вложување на секое ниво, а со една единствена цел - да остави белег зад себе

 

МАРИЛИ: Д-р Василевска-Ѓеоргиева, накратко претставете ни ја поликлиниката „Дента ЕС“, со што се занимава, од кога постои и колку високостручни кадри имате вработено?

ВАСИЛЕВСКА-ЃЕОРГИЕВА: Поликлиниката „Дента ЕС“ ја формиравме заедно со мојот сопруг пред повеќе од 15 години, во 2005 година. Најпрво започнавме како стоматолошка ординација, а во 2012 година, по неколку проширувања на капацитетите и на самиот тим, прераснавме во стоматолошка поликлиника со стоматолози специјалисти од областа на орална хирургија, ортодонција, протетика, како и тим од општи доктори по стоматологија. Од самиот почеток нашата визија беше да се погрижиме нашите пациенти да добијат висококвалитетна услуга со применети најнови светски трендови. Бројот на задоволни клиенти се зголемуваше како резултат на препораките, а тоа одеше рака под рака со нашата континуирана едукација и усовршувања. Секој од нас специјализираше во областа што најмногу му лежеше. Јас завршив специјализација по ортодонција, а сопругот по орална хирургија. Така природно дојде и потребата да ја прошириме својата дејност, да се прошириме и просторно, како и да го прошириме тимот.

Денес поликлиниката „Дента ЕС“ е синоним за современа стоматологија со специфичен и интегративен пристап што го имаме во третманот на нашите пациенти, вклучително  најнови уникатни, револуционерни светски методи применети во Македонија. Сместени сме во наменски проектирани и модерно опремени простории за нашата дејност. Располагаме со најсовремена апаратура од областа на модерната стоматологија, а веќе две години го применуваме и процесот на дигитална стоматологија. Дигиталната стоматологија, всушност, претставува имплементација на протетски изработки со само една посета, а започнува со земање дигитални отпечатоци. Земањето дигитални отпечатоци ми помогна и мене за развој на дигиталната ортодонција, т.е. изработка на дигитални алајнери, односно невидлива ортодонција. 

Денес, имаме 21 вработен, од нив осум доктори, а другите се дентални хигиеничари и асистенти, како и администрација.

 

МАРИЛИ: Ваша специјалност е ортодонцијата. Објаснете ни го накратко системот Damon и кои се привилегиите од неговата примена?

ВАСИЛЕВСКА-ЃЕОРГИЕВА: Јас сум специјалист по ортодонција од 2011 година, но оттогаш, па сѐ до денеска во континуитет се надградувам во сферата што ми е од интерес. Почнувајќи од специјализацијата следев голем број едукации, семинари, курсеви, од кои најголем дел во странство: Германија, Франција, Италија, Унгарија, Шпанија, Америка.

Сѐ оди напред, па и во нашата професија се менуваат пристапите во третманот. Денес модерната ортодонција еволуира и сѐ повеќе се работи функционална ортодонција, т.е. се земаат предвид функцијата, виличниот зглоб, дишењето, зборувањето, фонацијата, а естетиката и убавата насмевка финално да ја заокружат целината. За да напредувам и за да го применувам успешно наученото се сертифицирав за работа со пасивни самолигирачки ортодонтски системи, а системот Damon е американски систем што е водечки во светот на ортодонцијата. Поради сето ова и го избрав системот Damon како иновативен систем што овозможува индивидуален пристап за секој пациент. 
Во меѓувреме со доедукација за третман на нарушување на темпоромандибуларниот зглоб и кога работам реконструкција на зглоб на пациенти, потребен ми е систем со благи сили бидејќи третманот е многу суптилен. Исто така, имплементирав и дополнителни дијагностички средства и третмани, од електромиографски мерења, кондилографии, до мерење на постура кај деца, која може да  е нарушена и заради лоша позиција на темпоромандибуларниот зглоб (виличен зглоб). 

 


МАРИЛИ: Вие сте едукатор по ортодонција не само во нашата земја, туку и пошироко. Може да го објасните ова!