„Макпетрол“ ѝ го продаде на државата делот во ГА-МА за 32,7 милиони евра

„Макпетрол“ ѝ го продаде на државата делот во ГА-МА за 32,7 милиони евра, беше објавено на Македонска берза. 

„На 25.08.2021 преку Македонската берза за хартии од вредност АД Скопје е реализирана блок трансакцијата за продажба на акцијата, сопственост на ‘Макпетрол’ АД Скопје, во ГА-МА АД Скопје, во согласност со Одлуката на Надзорен Одбор“, стои на веб страницата на Македонска берза. 

Во известувањето на „Макпетрол“ до Македонската берза се вели дека предмет на продажба е акцијата која „Макпетрол“ АД Скопје ја има во ГА-МА АД Скопје, а вредноста на зделката во апсолутен износ е 2.015.382.127,00 денари. Висината на зделката е утврдена врз основа на извршена проценка на капиталот од овластен проценител, со која се утврдува пазарната вредност.

Олуката за продажба, всушност е донесена уште во октомври 2019 година и со неа беше одобрена продажба на акцијата во сопственост на „Макпетрол“ во ГА-МА АД Скопје на Владата по цена од 32.773.905 евра во денарска противвредност по средниот курс на еврото според курсната листа на НБМ на денот на пријавување на трансакцијата на Македонската берза.

Инаку, ГА-МА е компанија за пренос на природен гас и управување со системот за пренос на гас, која според Законот за енергетика мора да биде во целосна сопственост на државата. Беше формирана како акционерско друштво во сопственост на државата и на „Макпетрол“ со по 50 отсто од вкупниот основачки капитал, во износ од 37.612.500 евра. „Макпетрол“ требаше да го продаде својот удел од 50 отсто во ГА-МА АД Скопје, бидејќи повеќе не може истовремено да ги врши дејностите трговија и снабдување со природен гас и пренос на природен гас. Пред одлуката за продажба беше направена и проценка на пазарната вредност со што било утврдено дека ГА-МА АД вреди над 65 милиони.


Статијата е прочитана 507 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско