Интервјуа

Мурали и скулптури – улична уметност за промоција и уникатност на урбаната средина

среда, 11 август 2021

Интервју со Јана Јанеска Ристески, претседател на Уметнички совет на Центар за современа ликовна уметност Прилеп во кое говори за ефектот што уметноста и креативниот израз го имаат врз човечкото разбирање и комуникацијата, за нејзината употреба за терапевтски цели со цел да се зголеми самодовербата, да се подобри комуникацијата и концентрацијата, за полесно справување со стресот, но и за тоа колку е инспиративно да се биде жена менаџер во областа на уметноста и културата во Македонија

 

МАРИЛИ: Од неодамна центарот на Прилеп го красат мурали на Блаже Конески и на Стале Попов. По кој повод тие беа изработени, кои уметници ги нацртаа и каков беше ефектот врз прилепската јавност? 

ЈАНЕСКА РИСТЕСКИ: Проектот „Уличната уметност, можност за реактуелизација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати домашни дејци - поетот и лингвист Блаже Конески и писателот романописец Стале Попов“ е во организација на филмската продукција „Дрим Фектори“ од Скопје во соработка со здружението Центар за современа ликовна уметност-Прилеп и истиот е поддржен од Владата на Република Северна Македонија преку јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани со задолжително ангажирање домашни изведувачи за реализација на настани на теми со кои се одбележува 30 години независност на Северна Македонија. Со овој проект е предвидена реактуелизација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати домашни дејци - поетот и лингвист Блаже Конески и писателот романописец Стале Попов.

Проектот опфаќа изработка на два ѕидни мурали на уникатно избрани локации во центарот на Прилеп и два докуметарни кратки филмови за промоција и презентација на дејноста и делата на Блаже Конески и Стале Попов.

Идејното решение и изведбата на муралите се на нашите познати академски ликовни уметници Сања Јездиќ, Ферди Булут и Александар Џинго.

За документарните кратки филмови заслужни се филмската продукција „Дрим Фектори“ позади која стојат продуцентот Огнен Антов и режисерот Стојан Вујичиќ, тимот на ЦСЛУ - Прилеп со неговите претставници Огнен Јанески, Мартин Милкоски, Горан Ристески и Јана Јанеска Ристески, како и незаменливите „Room 313“ со Александар Митрик и Александар Самарџиjски, чија авторска музика ја исполнува позадината на документарците.

Ефектот беше зачудувачки позитивен и морам искрено да се заблагодарам за тоа неочекувано пријатно искуство. Уште во самиот процес на изработка се појави голем интерес. Добро е што развивме дебата помеѓу пошироката публика, а со тоа и понатамошен интерес за истражување.

Во документарните кратки филмови свое видување од потребата за презентација и реактуелизација на наши истакнати дејци преку улична уметност, како и од потребата од самата уличната уметност во јавните простори во градските урбани средини, говорат и нашите познати прилепски имиња, актерите  Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска Илиеска, Михајло Миленкоски и Ангела Наумоска како и музичарите Златко Карчески, Андријана Чело и Љупчо Трајаноски

Уличната уметност е одличен начин да се промовира една урбана средина, еден модерен град, но исто така одлична можност да се даде и нота на препознатливост и уникатност на самиот град, како и преку истата да се презентираат и реактуелизираат познати и признати дејци од нашата историја и култура. Едно дело улична уметност може да го трансформира предметот на кој се појавува, но може да ја трансформира и целата локална заедница во која престојува. 

 

МАРИЛИ: Од каде потекна идејата и која е целта на Вашиот фокус на муралите како улична уметност? Какви се нејзините предности во творењето во услови на пандемија?

ЈАНЕСКА РИСТЕСКИ: Потребата од континуитет во консумирањето на културните производи дури и во вонредни услови има силен интензитет, но проблемите што ги носи самата пандемија и начинот на ширење на вирусот нѐ принудуваат досегашните познати концепти за одржување на социјалниот и на културно-забавниот живот да ги ставиме во мирување. Културните настани со присуство на масовна публика не се дозволиви и токму затоа имаме обврска да се приспособиме и да отвориме нови начини и можности за задоволување на потребите на мнозинството. Тоа повлекува нови начини на културно изразување и на културно консумирање, начини приспособливи на моментните состојби. Уличната уметност во форма на мурали и скулптури е одличен начин да се промовира една урбана средина и да се даде нота на препознатливост и уникатност на самата урбана средина, а и организирањето на ваков тип настани е одлично за контрола на општата јавна безбедност во вакви услови.

Дополнително, уличната уметност во форма на улично мурално рекламирање, може да биде многу интересна и за бизнис-заедницата кај нас. Насекаде низ светот мега корпорациите почнуваат сѐ почесто да ги користат како начин на рекламирање затоа што муралите се креативна и забавна маркетинг алатка што предизвикува голем интерес и споделувања на сите социјални мрежи во интернет-просторот. Маркетинг муралот или уметничката реклама е одличен начин да ги натерате луѓето да го забележат вашиот бизнис и лично, но и преку интернет. Вашиот бизнис ќе го издвои од другите што сѐ уште ги користат комерцијалните начини на рекламирање. Кога вашиот бизнис е само еден од многуте исти, тешко е да се препознае, но уникатноста на муралот однапред го дава одговорот за што станува збор. Маркетинг муралот и неговата разновидност и уникатност ќе го карактеризираат и вашиот бизнис како посебен и напреден. Еднократната такса за прекрасно уметничко дело што го рекламира вашиот бизнис е многу подобра употреба на вашите финансии планирани за маркетинг, од плаќање светлинска реклама или билборд што преминуваат во секојдневје и можат да не бидат воопшто забележани, а, од друга страна, повлекуваат високи месечни трошоци за нивно поставување и одржување.