Бесими: „Наскоро стартува Гарантниот фонд – гаранции за кредити до 500.000 евра за микро, мали и средни фирми и фирми-извозници“

Гарантниот фонд ќе гарантира кредити до 500.000 евра за микро, мали и средни претпријатија, како и големи трговци чии приходи по основ на извоз учествуваат најмалку со 30 отсто во вкупните остварени приходи. Договор помеѓу Владата и Развојната банка за издавање на гаранции преку Гарантниот фонд веќе е потпишан, а наскоро се очекува и потпишување на договорите помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки и штедилници, пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими во новото издание на билтенот на Македонската банкарска асоцијација (МБА).

„Еден од инструментите во Планот за финансирање на заздравување и забрзан раст е Гарантниот фонд, преку кој ќе се спроведе државната гарантна шема. Неодамна потпишавме договор со Развојна банка за Гарантниот фонд, од кој ќе се издаваат гаранции за новоодобрени кредити од банки и штедилници кои ќе им бидат од полза на микро, малите и средни претпријатија и на големите трговци кои вршат извоз, за непречено финансирање на тековните активности, како и на издржани бизнис проекти за купување на основни  средства. Наскоро се очекува и потпишување на договорите помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки и штедилници кои ќе пројават интерес за овој инструмент. Со обезбедувањето на гаранциите сметаме дека ќе се охрабрат банките и штедилниците да ја зголемат понудата на поволни кредити за компаниите, а истовремено ќе се намали ризикот на нивниот пласман“, наведува Бесими. 

Преку Гарантниот фонд е предвидено да се издаваат портфолио гаранции за микро, мали и средни фирми и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз. Со гаранциите ќе се гарантира за главницата на новоодобрени кредити за обртни и основни средства дадени од банки и штедилници кон приватниот сектор. За да станат дел од гарантната шема, банките и штедилниците треба да имаат адекватност на капиталот од минимум 12 проценти позитивен финансиски резултат во последната година и кредитно портфолио кое најмалку 70 отсто е класифицирано во А и Б категорија. 

„За портфолио гаранциите, кои се наменети за микро, мали и средни трговски друштва, ќе се гарантираат кредити од 300.000 до 30.750.000 денари, со рок на отплата од 1 до 8 години со вклучен грејс период до 1 година за основни средства и со рок на отплата од 1 до 3 години со вклучен грејс период до 1 година за обртни средства. Износот на гаранциите кај портфолио гаранциите е предвидено да биде до 80 проценти од кредитите за обртни средства и до 50 проценти од кредитите за основни средства. За индивидуалните гаранции кои се однесуваат на големи трговци чии приходи по основ на извоз учествуваат најмалку 30 отсто во вкупните остварени приходи, ќе се гарантираат кредити од 3.075.000 до 30.000.000 денари, при што износот на гаранцијата може да биде максимум до 50 проценти од главницата на кредитот“, вели Бесими.

Преку имплементирање на гарантната кредитна шема, како што посочува министерот, ќе се зголеми пласманот на кредити на банките и штедилниците, со што фирмите ќе имаат олеснет пристап до капитал, а со тоа ќе расте и инвестициската и економска активност.


Статијата е прочитана 475 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско