Со 45 милиони долари компании од Балканот ќе се обучуваат за влез во меѓународниот синџир за набавки

Парите ги обезбедува Меѓународната финансиска корпорација на Светска банка ИФЦ, а во проектот е вклучена Дирекцијата на ТИРЗ

 

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски и регионалниот менаџер на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за Централна и Југоисточна Европа, Ари Нам вчера потпишаа договор за соработка со кој преку практични механизми ќе им се помогне на компаниите да го подигнат нивото на технолошка подготвеност, да имаат зголемена продуктивност и да добијат меѓународно признаени сертификати со што ќе влезат во синџирите за набавка. Покрај советодавната, домашните компании ќе добијат и финансиска поддршка за технолошки напредок.

Преку овој нов модел на соработка, ТИРЗ се вклучува во советодавната програма на ИФЦ која ќе обезбеди 45 милиони американски долари за производствени фирми од Балканот, поточно од Северна Македонија, Србија и Косово да се обучуваат како да влезат во меѓународниот синџир за набавки.

Првиот човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски рече дека цел на Дирекцијата е на домашните компании да им се овозможи да земат поголем дел од колачот во зоните каде годишно се создава извоз близу 4 милијарди евра, или 50 отсто од вкупниот извоз во земјава.

„Ова значи долгорочно и стратешко вложување во повисоки плати за сите наши сограѓани, нови вработувања и дејности, како и засилен рамномерен економски развој. Заедно со реномираниот меѓународен партнер, ИФЦ креираме програма со која домашните компании ќе станат конкурентни и на глобално ниво. Овој модел потоа би го пресликале и на регионално ниво, бидејќи верувам дека компаниите од земјите во регионот се соочуваат со слични предизвици како нашите кога им пристапуваат на странските инвеститори за соработка“, рече Деспотовски.

Ари Нам истакна дека ИФЦ има за цел да ѝ помогне на Северна Македонија да привлече нови приватни инвестиции кои ќе придонесат кон опоравување од кризата предизвикана од Ковид-19.

Во рамките на овој проект ИФЦ креираше и дигитална платформа која од јуни ја започна пилот фазата со 100 компании од регионот. Целта е да се зголеми поврзаноста помеѓу фирмите од Западниот Балкан и регионалните и глобалните синџири на вредност, како и да се подобрат производствените капацитети на компаниите што ќе придонесе економското закрепнување на регионот од пандемијата ковид-19.

Проектот во чии рамки се остварува соработката на Дирекцијата за ТИРЗ со ИФЦ е финансиски поддржан со билатерални фондови од Владата на Швајцарија и е предвидено да трае до 2025 година.

 


Статијата е прочитана 470 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско