Отворена ретроспективна изложба на Решат Амети во Даут пашин амам

Вчера во Даут пашин амам беше отворена ретроспективната изложба на академскиот сликар Решат Амети со наслов „30 години уметност“. На отворањето присуствуваа голем број гости, претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери кој е и долгогодишен пријател на Амети, министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, амбасадорите на Албанија и на Косово во РСМ, како и уметници и професори на државните и приватните универзитети.

„ Националната галерија како стожер на уметноста во земјата оваа година ја помина во исклучителни околности поради светската пандемија. Овие времиња се тешки за културата и уметноста. Нашата мисија е да се истрае, со цел и понатаму да бидеме културен, едукативен и стручен сервис за граѓаните токму преку организирање настани кои ја одбележуваат креативната истрајност на творците. Оваа вечер, под посебни протоколи ја посветуваме на изложбата ’30 години творештво’ на нашиот драг и ценет пријател, истакнатиот уметник Решат Амети“, рече директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.

Изложбата официјално ја отвори министерката за култура, Ирена Стефоска која го поздрави својот пријател и колега Решат Амети и му посака успех во понатамошната сликарска кариера.

Решат Амети емотивно им се заблагодари на сите кои присуствуваа на отворањето на изложбата, негови долгогодишни пријатели, некои пријателства стари и триесет години колку трае и неговото ликовно творештво.
Изложбата е достапна во Даут пашиниот амам секој ден, освен понеделник, од 10-18 часот.
 


Статијата е прочитана 752 пати.

Сподели: