Поддршка од 100 милиони евра од ЕИБ за македонските мали и средни претпријатија

Најмалку 300 проекти на домашни мали и средни компании ќе бидат подржани со 100 милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) преку македонската Развојна банка. За ова денеска беше потпишан договор меѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими, потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова и директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир.

Кредитната линија е дел од поддршката на ЕУ и на ЕИБ за адресирање на ефектите на Ковид-19 пандемијата врз економијата.

„Денеска потпишавме исклучително важни договори со ЕИБ со кои се обезбедуваат 100 милиони евра поволни средства за малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија, или една значајна ликвидносна поддршка за заздравувањето од ковид-пандемијата. За нашата економија овие средства значат нови вработувања, нови инвестиции, а со тоа и придвижување на економската активност“, изјави министерот Бесими по потпишување на договорот.

Развојната банка ќе ги пласира средствата до фирмите преку комерцијалните банки, а условите под кои ќе се даваат кредитите се исклучително поволни. Рокот на отплата е до 12 години со вклучен грејс-период од 2 години, зависно дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или за зголемување на потребите за обртни средства. Каматната стапка е поволна и повластена и за првите транши би изнесувала до 1,6 отсто.

Бесими истакна дека претходните кредитни линии од ЕИБ од 450 милиони евра покажаа добри резултати и со нив се поддржани над 2.090 проекти. Од вкупната сума, 75 отсто се за инвестиции и се отворени над 8.000 работни места.

Според амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир малите и средните претпријатија се сржта на секоја економија и тие обезбедуваат работни места, создаваат додадена вредност и предводат со иновативни решенија, особено за приоритетите на ЕУ, како зелената и дигиталната агенда.

„Затоа ’Тим Европа’, односно ЕУ, како и поврзаните финансиски институции преземаат чекори за поддршка на малите и средните претпријатија во РСМ од почетокот на пандемијата. Тие можат да инвестираат и да креираат иновации и да ја одиграат својата улога во заздравувањето на економијата“, рече Гир.

 



Статијата е прочитана 458 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско