Успешен е оној кој се води од својот внатрешен поттик и решителност за да постигне некоја повисока цел

Интервју со Елена Младеновска - Јеленковиќ, директор на М6 Едукативен центар и менаџер за корпоративни комуникации на М6 во кое говори за бројните ангажмани и одговорности во рамки на групацијата М6, за асоцијацијата „Вина од Македонија“ која работи на полето на развој на македонскиот вински сектор, за тоа што значи континуирано успешно да се менаџира во смисла на квалитет, посветеност и постојана едукација, за нејзиното мото „Чекор напред“ во сè што прави, како и за тоа колку личниот пример на успешна жена менаџер го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското лидерство во нашата земја

 

МАРИЛИ: Која е Вашата моментална позиција во рамки на системот М6 и Тиквеш и што значи да се биде дел од еден голем систем. Кои се и останатите Ваши работни обврски

МЛАДЕНОВСКА-ЈЕЛЕНКОВИЌ: Имам неколку ангажмани и одговорности во рамки на компаниите што се дел од групацијата М6. Истовремено сум директор на М6 Едукативниот центар и менаџер за корпоративни комуникации на М6, грижејќи се за компаниските комуникации на ВВ „Тиквеш“ и останатите компании што се дел од М6. Работењето во рамки на групацијата е исклучително динамично, а фактот што сте дел од поголем систем бара одлична координација и синхронизација на активностите. Секојдневно се среќавам со различни теми и предизвици кои се однесуваат не само на компаниите во системот туку и пошироко за општеството.

Преку М6 Едукативниот центар работиме во насока на трансформирање на нашето општество и креирање бленд/спој меѓу бизнисот, академската и стартап заедницата. Особено ме исполнува фактот што позитивното влијание во општеството го остваруваме и преку нашата долгогодишна соработка со компаниите членки во нашиот Одбор на старатели – приказна која успешно продожува.

Покрај овие активности, имам ангажман и како извршен директор на асоцијацијата „Вина од Македонија“, организација која работи на полето на развој на македонскиот вински сектор. Во изминатите неколку години направени се значајни чекори напред и во периодот кој следи ќе треба да се воспостават стандарди преку кои македонското вино ќе го добие своето заслужено место во светот. Допрва ќе се видат резултатите од нашите напори како асоцијација. 

Веќе неколку години предавам и на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје на предмети од област на Стратешки маркетинг и преку тој ангажман секогаш се мотивирам да сум во тек со новите трендови во оваа област, како и полесно да ги разберам потребите на сите генерации чие време допрва доаѓа. Работата со младите луѓе и пренесувањето на знаењето и искуството е нешто што сите кои имаат искуство и знаење треба да го пренесат истото, да дадат насоки да не се повторуваат истите грешки и едноставно наредните генерации да не мора да го изодат трнливиот пат.

 

МАРИЛИ: Што значи континуирано успешно да се менаџира во смисла на квалитет, посветеност и постојана едукација и притоа постојано да се напредува

МЛАДЕНОВСКА-ЈЕЛЕНКОВИЌ: Живееме во многу динамично време, а за да бидеме чекор пред останатите и да ја оствариме визијата потребно е да бидеме храбри, да знаеме да ги предвидиме случувањата, да имаме визија и да знаеме како да ги истражиме и анализираме сите потребни ризици, но и елементи за успех. Оттаму, професионалното и личното унапредување се задолжителни за секој менаџер. Моето мото е „Чекор напред“ во сè што правиме. Сметам дека е особено важно да се предизвикуваме самите себеси, но и луѓето кои не опкружуваат, почесто да излегуваме од удобната зона и да загризуваме повеќе отколку што мислиме дека можеме. Многу често ваквата ситуација на неудобност прави да имаме нови дострели и да ни се отвораат нови хоризонти. Мислам дека е важно во целиот овој процес да имаме холистички пристап и цел која значи развој, бидејќи единствено така самозадоволството ќе биде на високо ниво и нема да има потреба да мериме дали професионалниот аспект надвладува над приватниот. 

Уште една од најважните работи за секој менаџер претставува вмрежувањето. За континуиран успех на полето на менаџментот потребно е да се посвети многу време на стекнување релевантно искуство на ова поле, да работите со ментори или соработници кои се веќе успешни менаџери и кои можат да ви помогнат да го достигнете вашиот потенцијал и да ги зајакнете способностите кои ги имате. Исто така, особено важно е вмрежувањето со други лица надвор од вообичаениот професионален круг што дополнително ги проширува вашите видици надвор од границите на вашата компанија.

Кога станува збор за стремежот за постојан напредок, главна мотивација ми претставуваат успешно реализираните проекти, одличниот тим, новите предизвици и видливите промени во општеството кои се резултат на вложениот труд на сите од тимот. Меѓутоа, една од главните пречки со која се соочуваме сите ние е недостатокот на време. Затоа, наместо да се оптоваруваме со фактот дека тоа е ограничен ресурс и никогаш го немаме колку што ни треба, подобро е да се фокусираме на начинот на кој ја црпиме и трошиме енергијата. Ова значи дека за успешен перформанс не можеме долгорочно да се потпреме на долги работни часови и прекувремена работа, туку потребно е низ позитивни ритуали и навики да ги негуваме телото, умот, емоциите и духот. 

 

МАРИЛИ: Дали сметате дека личниот пример на успешна жена менаџер го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското лидерство во нашата земја?

МЛАДЕНОВСКА-ЈЕЛЕНКОВИЌ: Жените менаџери се покажаа како доста успешни за време на моменталната криза и тоа заради некои заеднички карактеристики. Луѓето најчесто сакаат лидери кои се флексибилни и учат нови вештини, кои го поддржуваат развојот на вработените, кои се искрени и имаат разбирање и сочувство за стресот и анксиозноста која ја чувствуваат вработените. Овие особини почесто се наоѓаат кај женските комуникациски стилови и тоа помага да се изградат постабилни и посилни тимови.

Моето знаење и искуство се обидувам да го пренесам и на младите во мојот тим со цел да помогнам на новите генерации да не мора одново да го изодуваат трнливиот пат и побрзо да се изградат во млади лидери кои ќе ги менуваат работите!

Успешен човек е оној кој се води од својот внатрешен поттик и решителност за да постигне некоја повисока цел. Тоа е личност со позитивен и оптимистичен став кон светот и промените, личност која се адаптира но притоа не ја губи визијата. Ваквиот човек е храбар во преземање ризици, но истовремено и истраен во моменти на неприлики и назадувања. Успешен е оној кој успева да се адаптира кон промените во светот, да ги адаптира своите погледи кон светот и кој секогаш ги проширува своите хоризонти, и добива сила и желба да оди напред а при тоа да остане смирен дури и кога се случуваат лоши работи.

 


Статијата е прочитана 2336 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско