Инфо

Од утре брзи Ковид-тестови достапни на Аеродромот „Св.Апостол Павле Охрид“

петок, 07 мај 2021

Поради барањата на многу земји за задолжителен негативен Ковид-19 тест како предуслов за патување по воздушен пат, ТАВ Македонија заедно со Клиниката „Жан Митрев“ и нејзината Лабораторија за генетика и персонализирана медицина од утре овозможува на аеродромот „Свети Апостол Павле Охрид“ да се прават брзи антигенски тестови за патување непосредно пред заминување на патникот.

Почнувајќи од 8 мај, на охридскиот аеродром ќе биде поставен пункт за Ковид-19 тестирање на клиниката „Жан Митрев“, кој се наоѓа во непосредна близина на влезот на терминалната зграда. Пунктот ќе работи на Аеродромот „Свети Апостол Павле Охрид“ секој ден кога ќе има летови до земјите кои бараат негативен брз антигенски тест, 4 часа пред времето на поаѓање до секоја од дестинациите.

Со оваа предност достапна на охридскиот аеродром, покрај спроведените мерки за здравје и безбедност поради Ковид-19 и новиот аеродромски протокол, ТАВ Македонија, како оператор на аеродромот, остварува уште една цел насочена кон безбедно патување.

Центарот за Ковид-19 тестирање на клиниката „Жан Митрев“ ќе им обезбеди погодност на нашите патници кои патуваат од „Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид“, особено до земјите на ЕУ/Шенген, така што ќе имаат доволно време да направат брз антигенски тест пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот и да ги завршат аеродромските процедури, освен ако тие веќе имаат направено негативен тест пред нивното пристигнување на аеродромот.

За повеќе детали во врска со тестовите треба да се контактира лабораторијата „Жан Митрев“, на телефонскиот број +389 2 3091484, или да се посети нивната веб-страница на следниот линк: https://zmc.mk/en/services/microbiological-laboratory/, додека, пак, за повеќе информации во врска со тестовите што ги прифаќаат земјите од ЕУ/Шенген треба да се контактира амбасадата на земјата каде се патува.

„Доколку патниците решат да направат антигенски тест на Аеродромот ’Свети Апостол Павле Охрид’, а со цел да се избегне гужва и групирање пред терминалната зграда на аеродромот, апелираме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 4 часа пред времето на поаѓање“, апелираат од ТАВ Македонија .

Во моментов, на охридскиот аеродром, во пунктот за Ковид-19 тестирање на „Жан Митрев“ можат да се направат брзи антигенски тестови и брзи PCR-тестови, одобрени од СЗО. За сите други Ковид-19 тестови патницитетреба да го направат тоа во овластена лабораторија пред да пристигнат на аеродромот.

„Со оглед на моменталната состојба во која земјите од ЕУ/Шенген зоната постојано ги менуваат правилата за патување поврзани со Ковид-19 и имајќи го предвид фактот дека секоја земја независно прави промени во однос на ограничувањата за патување за граѓаните на Република Северна Македонија, апелираме до патниците пред нивниот лет да ги проверат најновите барања за патување со нивната авиокомпанија и Амбасадата на земјата во која планираат да пристигнат“, потенцираат од ТАВ Македонија.

 

 

 

Содржината е прочитана 162 пати.