На 1 јули се укинува роамингот помеѓу шесте земји на Западен Балкан

На 1 јули годинава се укинува роамингот помеѓу шесте земји на Западен Балкан: Србија, Македонија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.

Укинувањето е резултат на регионалниот Договор за намалување на цените во роаминг што на 4 април 2019 година на Дигиталниот Самит во Белград го потпишаа ресорните министри задолжени за дигитализација од земјите од Западен Балкан. Овој договор беше предуслов за почеток на процесот за намалување на цените за роаминг и со ЕУ.

Целта е, набрзо после 1 јули 2021 година да дојде и до драстично намалување и на крајот укинување на роамингот помеѓу Западен Балкан и ЕУ.

Укинувањето на роамингот помеѓу државите од Западен Балкан го најави генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.

„Граѓаните ќе имаат малку повеќе пари во џебот, она што би се потрошило доколку ги платат тие сметки во регионот поради тарифите предизвикани од роамингот. Второ, мислам дека е важно да се нагласи дека не само што е зголемен бројот на луѓе кои користат Интернет, туку сфативме и за време на пандемијата дека е зголемено времето што луѓето го поминуваат на Интернет, што исто така дава одредена тежина“, рече Брегу за Радио Слободна Европа.


Статијата е прочитана 527 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско