Дигиталната комуникација помеѓу институциите е итна потреба на нашата држава

Интервју со Анета Пешева, генерален менаџер на „Ултра-Унет“ групација на компании во кое говори за почетоците на интернет-бизнисот во Македонија кога пред 25 години „Ултра-Унет“ за прв пат го донесе интернетот во нашата земја, за компанијата која денес е системски интегратор кој има свој компјутерски клауд систем UnetCloud што го користат огромен број компании, за предизвиците со кои се соочува како претседател на најсилната и највлијателната комора на ИКТ- индустријата - МАСИТ, но и за искустото што го стекнува како почесен конзул на Канада, како и за убедувањето дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството

 

 

МАРИЛИ: „Ултра-Унет“ е првиот македонски интернет-провајдер, па може слободно да се рече дека веќе четврт век ја пишува историјата на интернет-бизнисот во Македонија. Со што точно се занимава компанијата и на што е фокусиран нејзиниот ангажман?

ПЕШЕВА: Нашата компанија е стара речиси 33 години. Формирана е во 1988 година и од првиот ден работи на воведување и имплементација на новите технологии, првенствено во нашата држава. Компанијата е стара речиси колку Microsoft, а првите програми ги правевме со оперативниот систем MS-DOS, претходникот на Windows. Ова го кажувам само како куриозитет и да биде јасно дека повеќе од 30 години нашата компанија ги следи трендовите. 

„Ултра-Унет“ започна како програмерска компанија, низ годините продолжи, покрај производството на софтвер, со инсталација на најголемите информатички системи во државата, а денес е системски интегратор. Ние сме тие што го донесоа интернетот во Македонија пред 25 години, пред сите други. Кога интернетот го донесовме во Македонија, сигналот патуваше од Скопје преку сателитски линк до Европа, а оттаму со втор сателитски линк, преку мрежата на OrionAtlantic, до САД. Денес, покрај сѐ ова, имаме свој компјутерски клауд систем UnetCloud што го користат огромен број компании и каде што се хостираат голем број компании, веб-страници и портали. Ние сме омилената хостинг-дестинација за најмногу посетените македонски информативни портали. Покрај тоа, ние сме меѓу првите македонски регистратори за регистрација на веб-страници. Можеби ова изгледа многу, но тоа ни го наметнаа брзиот развој на технологијата и динамичните промени во нашиот сектор.

МАРИЛИ: Се чини дека пандемијата на коронавирусот немаше големи негативни ефекти врз работењето на ИТ-индустријата, но затоа, пак, остави негативни последици во сите други дејности. Како прв човек на интернет-сервис, но и од позиција на претседател на МАСИТ – Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, кажете ни какво е Вашето искуство да се работи во услови на кризата со Ковид-19? Токму поради кризата МАСИТ самоиницијативно понуди решение за онлајн-настава во училиштата. Каква беше соработката со надлежните институции?

ПЕШЕВА: МАСИТ, секако, е најсилната и највлијателната комора на ИКТ- индустријата. Ние, како компанија, сме еден од основачите на оваа организација уште пред 20 години. Многу сум горда што сум прва жена претседател на оваа Комора, а особено сум горда што денес таа станува сѐ помоќна, станува незаобиколен фактор на економијата на државата. Кога станав претседателка, моја мисија најпрво беше да ја подигнам видливоста за ИКТ-секторот бидејќи имав чувство дека, иако сме најбрзорастечка и најпрогресивна индустрија во која работат млади високообразовани кадри, како никому да не му беше јасна нашата важност. Јас и членовите на Бордот на МАСИТ, заедно со извршната канцеларија, се потрудивме во овие две години да се наметнеме и на целото општество да му разјасниме дека без нас не се може. Тој процес на разбирање за важноста на ИКТ особено се забрза (за жал) и со пандемијата на коронавирусот. 

Денес сме рамноправни членови со другите три комори како дел од Платформата за јавно-приватен дијалог. Платформата е во состав на сите четири комори и министрите од економските сектори. Потпишавме и меморандуми за соработка со многу институции и министерства, како што се МИОА, ФИТР и др. Речиси во секој совет или комисија за менување на регулативи МАСИТ има по еден свој член. Најмногу сме поддржани од амбасадите и од странските институции. Тука морам да ги споменам УСАИД, Швајцарската амбасада, Британската амбасада, како и Американската. Еден од многу важните проекти на кој инсистираме и веќе со години работиме е преквалификацијата на кадрите за да се стекнат со ИТ-вештини.

Оваа работа воопшто не е лесна, да надоместите сѐ што било запоставено со години и не се обрнувало внимание, тоа не може да се случи преку ноќ. Не дека некои институции не се дигитализирани, но некако со години е работено кампањски, без никакво согледување на проблемот на дигитализацијата на државата во целина. Така што сега има разновидност на софтверски платформи и хардверски инсталации во институциите што не се компатибилни едни со други. Речиси и не постои дигитална комуникација помеѓу институциите. Ова мора итно да се реши за да го добиеме крајниот и најважниот резултат, а тоа е граѓаните да не чекаат пред шалтерите за најобичен документ. Добра вест е дека веќе се во процес измените на законите за ИТ-компаниите за да можеме да ги задржиме младите инженери дома. Без нив ништо не ќе можеме да направиме.

Ако ме прашувате за онлајн-наставата, да, МАСИТ го направи првиот чекор да ги охрабри институциите да влезат во тие води. Колку и да го критикуваат системот за онлајн-настава, мислам дека тоа беше историска одлука. Не само заради кризата со пандемијата на Ковид-19 туку за да бидеме на исто рамниште со светот. Нормално е дека на почетокот имаше проблеми, но во наредниот период ќе се согледаат грешките и ќе се решат. Секогаш, кога се на почеток, тешко се прифаќаат новите технологии.

МАРИЛИ: Веќе одреден период сте почесен конзул на Канада во нашата земја. Какви се Вашите обврски и какво искуство за Вас претставува оваа фунцкија?

ПЕШЕВА: Веќе една година сум почесен конзул на Канада. Оваа функција дојде малку неочекувано, по препорака на повеќе организации што се занимаваат со правата на жената од Македонија, пред речиси две години. Мојот силно изразен напор низ годините во борбата за правата на жената и на женската равноправност (Gender Equality) ме стави на врвот на потенцијални кандидати за таа функција, а Канада го препозна тоа. Канада е фасцинантна држава, силна, влијателна, со исклучителен систем, токму таква каква што би сакала еден ден да стане и Македонија.

Да не повторувам нешто што веќе сите го знаат, колку Канада е важна за нас, пред сѐ, заради секогаш пријателскиот однос на државата кон нас и, секако, огромната дијаспора што живее таму. Со паметна политика Канада би можела да стане наш најсилен промотор и поддржувач во нашите напори да станеме дел од развиениот свет. Конзулатот ги покрива речиси сите конзуларни обврски кон граѓаните на Канада што краткотрајно или подолго претстојуваат во нашата држава, а нивниот број со текот на годините сѐ повеќе се зголемува. Нивниот број расте заради зголемениот економски интерес на Канада, но и заради зголемениот број канадски државјани што по престојот во оваа држава решиле да се вратат во Македонија и дел од годината да живеат тука.

МАРИЛИ: Колку е тешко во континуитет успешно да се менаџира со компанија од ИТ-индустријата во која мора секојдневно да се следат модерните текови на напредната технологија? Каде е Македонија во однос на развиениот свет во тој поглед?

ПЕШЕВА: Во поглед на ИТ-индустријата Македонија не заостанува зад светот. За тоа најсилна потврда е бројот на наши млади луѓе што работат во оваа област насекаде во светот. Тоа што особено радува е фактот дека младите луѓе почнуваат да се враќаат, да отвораат компании и да работат за свои клиенти од целиот свет. Модерните текови се менуваат, би рекла, со светлосна брзина. Технологијата, ако во минатото се менувала еднаш годишно, од саем на саем, денес понекогаш се менува и неколкупати во текот на една година. Но тоа и не е толку проблематично колку што е проблематично тоа што и програмерските јазици се менуваат многу брзо, што прави многу силен притисок, особено врз оние што се занимаваат со програмирање. Менаџирањето во овој сектор е дополнително оптоварено со фактот дека работната сила флуктуира внатре во земјата, а често и надвор од неа.

По образование јас сум инженер, а не менаџер. Но, сепак, 30 години сум менаџер и се стекнав со исклучително искуство во тој сегмент. Некако, оваа функција повеќе ми легна. Мислам дека за да се биде добар менаџер, покрај стандардниот пат преку едукација, потребни се и малку талент и многу, многу искуство.

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер. Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството?

ПЕШЕВА: Да, апсолутно. Кога се запишав на студии на Електротехничкиот факултет, отсек Информатика, пред речиси 40 години имаше само неколку девојки. А видете што се случува денес. Ги истражував податоците на запишани студентки на информатичко-телекомуникациските студии и дури и јас не им верував на податоците, сега се 50-50, дури на некои отсеци има повеќе девојки. Ова многу ме охрабрува. Ние како држава во која 36 % во ИТ-индустријата се жени, сме многу понапред од високоразвиените земји во светот. Во земји како Холандија, Белгија и да не ги набројувам понатаму процентот не е поголем од 8 %. Светската статистика е околу 24 проценти. Значи, со ова можеме да се гордееме. Не сакам да си придавам некое поголемо значење дека тоа се случило поради мене, но, сепак, јас и моите колешки, кои бевме пионери во оваа област, сигурно барем со една трошка сме придонеле да се разбие предрасудата дека тоа е само машка професија. Инаку, лоша вест е дека во новите информатички науки, како Artificial intelligence (AI), Machine Learning, Deep Learning и други, кои се иднината на светот, жените се само 5 %. Тоа води кон заклучок дека за неколку децении повторно ќе се врати патријахатот. Можеби ова што го кажувам е смешно, но без економска независност жените ќе немаат рамноправност. Затоа до крајот на мојот живот ќе се борам да им објаснам на младите девојки колку многу е важно да бидат економски независни, а тоа најлесно ќе го постигнат ако се нурнат во водите на информатиката.

 


Статијата е прочитана 1417 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско