„Дрекселмаер“ ќе инвестира 16 милиони евра и ќе отвори нови 1.000 работни места во Кавадарци и во Куманово

Владата и германската компанија „Дрекселмаер“ денеска потпишаа договор за државна помош од 16 милиони евра за проширување на производството во постојниот капацитет во Кавадарци и за изградба на нова фабрика во Куманово. Со оваа инвестиција ќе бидат отворени нови 1.000 работни места.

„Со оваа инвестиција се планира зголемување и проширување на производствените капацитети и опрема за потребите на Мерцедес бенз Е класа во постоечкиот производствен погон во индустриската зона во Кавадарци и зголемување на производствените капацитети со нов производствен погон и опрема во Куманово за потребите на нивните клиенти Мерцедес бенз и БМВ“, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи по потпишување на договорот за државна помош.

Битиќи појасни дека државата ќе ја поддржи оваа инвестиција преку неколку мерки: ослободување од данок на личен доход за новите вработувања во компанијата која е дел од овој проект за период од десет години, потоа преку ослободување од данокот на добивка кој се однесува на новиот инвестициски проект за период од десет години, исплата кон ’Дрекселмаер’ во форма на готовински грант во износ од 10 отсто од износот на оправдани инвестициски трошоци, но не повеќе од 1 милион евра на годишно ниво за максимум пет години, како и исплата кон ’Дрекселмаер’ во форма на готовински грант во износ од 2.000 евра по вработен за креирање нови работни места.

Управителите на „ДММ Дрекслмајер мануфактуринг Македонија“ ДООЕЛ, Лукас Муехрингер и Јосеф Oтто Ерих Кауфман истакнаа дека особено е важно што компанијата соработува со над 700 домашни фирми- добавувачи и оти очекуваат соработката да се интензивира.  

Битиќи потенцираше дека со овој инвестициски проект дополнително ќе се влијае на зголемување на извозот на нашата земја, а особено што отворањето на новиот производствен погон во Куманово ќе влијае на локалниот економски развој, бидејќи тој град припаѓа во Северисточниот плански регион кој има втор најмал БДП по жител и најмалку учествува во создавањето на домашниот бруто-производ.

„Верувам дека гигант како ’Дрекселмаер’ ќе помогне оваа слика да се промени и во економска смисла да го раздвижи Куманово и овој регион кој е на спојот на двата паневропски коридори 8 и 10“, рече Битиќи.

„Дрекселмаер“ е светски познат бренд во автомобилската индустрија со главна дејност производство на кабелски сетови, комплетни електрични системи, а меѓу нивните клиенти има многу кои припаѓаат на топ 100 автомобилските добавувачи, како што се Ауди, БМВ, Бугати, Кадилак, Јагуар и други.

Компанија е пристуна во Македонија од 2012 година и е еден од најголемите работодавачи кај нас со околу 5.500 вработени во нивната фабрика во Кавадарци. 

 


Статијата е прочитана 594 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско