Поради доцнење на петтиот пакет мерки 10,7 отсто од работодавачите не исплатиле плата за февруари

Дури 10,7 отсто, или 6.888 работодавачи не исплатиле плата за февруари, изјави денес на прес конференција директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Иако Лукаревска не кажа директно, сепак, факт е дека во голема мера тоа се должи и на доцнењето на петтиот сет мерки. УЈП е подготвена за петтиот пакет економски мерки, особено во делот на процедурата за аплицирање на финансиската поддршка за исплата на плати.

Лукаревска нагласи дека ќе се направат соодвети известувања за сите чекори како да се врши аплицирањето од страна на компаниите и на самостојните вршители на дејност, со тоа што ќе треба да се направат одредени корекции на самите МПИ пресметки со соодветна шифра.

„Во делот на оние компании кои немаат исплатено плата од претходно земената помош, дали станува збор за првиот или за вториот пакет мерки, со последната состојба што ја имаме од 1 април годинава тоа се 133 работодавачи на кои им била одобрена финансиска поддршка, а не исплатиле плата за некој од овие месеци“, рече Лукаревска.

Поточно, 110 работодавачи не исплатиле плата за еден месец, 18 за два месеци и пет работодавачи немаат исплатено плата за три месеци.

„Врз основа на тоа сите мерки кои што ги имаме во Законот за даночна постапка и во делот на спроведување на присилна наплата се преземени. Кај дел заедно со Државниот инспекторат за труд направивме контроли, секој во својата надлежност, а започнати се контроли и кај другите работодавачи кои што направиле злоупотреба во месец декември“, рече Лукаревска.

Зборувајќи за компаниите кои немаат испратено МПИ пресметки чекајќи ја финансиската поддршка, таа рече дека до нов се доставени опомени, но УЈП како даночен орган ќе покаже толеранција во делот на блокирањето.

„Го имаме во предвид фактот дека треба да се помогне на компаниите кои не по нивна вина доцнат во некој сегмент во исплата на платите, иако стриктно постапуваме во однос на даночниот календар за преземање дејствија за присилна наплата. Зборуваме за ситуација во која во моментов одредени компании ја чекаа финансиската поддршка и можеби затоа во нивните сметководствени калкулации што ги имаат направено како даночни обврзници очекувале дека навремено ќе пристигне оваа финансиска поддршка“, рече таа.

Кај овие компании кои во моментов немаат средства да исплатат плата, во евиденцијата на УЈП е детектирано тоа и доставени се навремено опомени за кои што има соодветни рокови. 

„Кога петтиот пакет ќе ја помине собраниската процедура, оние кои што исплатиле, а чекале финансиска поддршка, ќе добијат инструкции како целиот овој процес да го спроведат“, рече Лукаревска.

Во однос на толеранцијата за исплата на платите, таа посочи дека тоа ќе зависи од времето кога ќе се донесат економскитте мерки, односно финансиската поддршка за која е надлежна УЈП, но оти онаму каде што се утврдени злоупотреби и каде што не се исплатени плати неколку месеци  наназад, тогаш ќе се постапува согласно надлежностите за присилна наплата.


Статијата е прочитана 556 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско