Летови од Скопје за Солун од 5 април ама со негативен ПЦР тест

Од 5 април Грција ќе ги укине рестрикциите за летови со Северна Македонија, Албанија и Турција, соопшти Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција. Тоа значи дека летовите од Македонија ќе бидат дозволени кон сите грчки аеродроми, а не само кон атинскиот аеродром „Елефтериос Венизелос“, како што беше до сега.

Сите патници од меѓународните летови кои влегуваат во Грција имаат обврска да презентираат негативен тест на Ковид-19 направен во последните 72 часа пред нивното пристигнување. Оние патници што ќе доаѓаат од ОАЕ и од Велика Британија ќе подлежат на задолжителен брз тест по пристигнувањето, а патниците од Велика Британија ќе треба да направат нов ПЦР тест на седмиот ден од нивниот карантин по што ќе можат да заминат само ако е негативен.

Меѓународните патници ќе бидат проверувани по пристигнувањето врз основа на постапката дадена во образецот за лоцирач на патници. Во случај да има позитивен патник, тој ќе оди во карантин 14 дена.

Истовремено Грција ги продолжува ограничувањата за воздухопловните врски во рамките на самата земја до 29 март во 6 часот наутро, со исклучок на неодложни потреби како што се патувањата од здравствени причини, за деловни цели, за враќање во постојан престој или од објективни семејни причини.


Статијата е прочитана 696 пати.

Сподели: