Во одлучувачките политики во театрите многу се поретки жените на клучни позиции

Интервју со Весна Ѓиновска-Илкова, оперска певица, сопран - првенец солист на Национална опера и балет во кое зборува за значењето на 8.Март како светски ден со кој се одбележува борбата за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, за нејзиниот јубилеј - 25 години работа на домашна и меѓународна сцена, за патот да се стигне до посакуваната цел. Говори и за тоа како пандемијата се одразува на уметниците, за нејзиниот настап после 7 месеци пауза, но и за богатата интернационална кариера, за наградите, визијата за нејзината работа како признаен и почитуван уметник

 

МАРИЛИ: Меѓународниот ден на жената 8. Март е во меморијата на многу генерации. Како Вие го паметите овој ден и како денес, според Вас, треба да се одбележува за да биде поттик за рамноправноста на жената и нејзиното реализирање како успешна личност?   

ЃИНОВСКА-ИЛКОВА: 8.Март е светски ден со кој се одбележува борбата за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Од лично искуство во мојата работа постои тенденција која води во нагорна линија, но во многу сегменти преовладуваат мажите. Особено во одлучувачките политики во театрите. Многу се поретки жените на клучни позиции, но сум имала прилика да соработувам на меѓународна сцена со интендантки кои точно знаат што сакаат, со голема визија и јасна цел.

 

МАРИЛИ: Минатата година одбележавте голем јубилеј – 25 години на оперската сцена. Кажете ни што е потребно за да се гради кариера четврт век, кои карактерни особини се потребни за да се опстои толку долг период на врвот?

ЃИНОВСКА-ИЛКОВА: 2020-2021 е сезона каде одбележувам 25 години работа на домашна и меѓународна сцена. Воопшто не е лесен патот да се стигне до една посакувана цел, не би рекла врв.Треба да се тежнее кон остварување на своите идеи, желби и потреби за работа. Конкуренцијата е огромна. Мора да се биде комплетна личност. Со јасно изградени критериуми за работа, многу откажувања, многу посветеност и фокус кон својата професија. Правилен избор на оперски репертоар, добар вокал коуч и секако, малку среќа.

 

МАРИЛИ: Пандемијата ја „спушти завесата“ на оперската сцена повеќе месеци, но и сега, иако се дозволени претстави, се се одвива со протоколи и намален капацитет. Како сето ова се одразува на вас уметниците и како Вие лично се справивте со оваа ситуација?

ЃИНОВСКА-ИЛКОВА: Првиот мој настап го имав после 7 месеци пауза. Се чувствував како да лебдам на сцена. Работата е моја најголема љубов и нормално и природно е да посакувам побрзо враќање во полна пареа. Во спротивно сите мускулни влакна кои се составен чин на гласниот орган омекнуваат и многу потешко е нивно враќање во вистинска кондиција. И на крајот, музиката спасува во една ваква светска епидемија.

 

МАРИЛИ: Вие сте и редовен професор по соло пеење на Факултетот за музичка уметност. Колку Ве исполнува едукативната работа? Има ли интерес кај младата генерација за оперско пеење?

ЃИНОВСКА-ИЛКОВА: Има интерес секако. Работата со млади кадри е задоволство, доколку е взаемно. Почитуваат и она што особено ме одушевува е тоа што комуникацијата ја базираме на доверба и пријателски однос. Нашата настава е индивидуална, следствено на тоа и комуникацијата е поединечна. Персонализирана.

 

МАРИЛИ: На кои интернационални сцени сте настапувале и од каде носите најголеми импресии? 

ЃИНОВСКА-ИЛКОВА: Сум имала турнеи во Америка, Данска, Русија, Италија, со Атлантик опера хаус, рецитали во Москва, Саратов, Рим, Анкара, Софија, Србија, Словенија Хрватска, Албанија, Грција, Романија, САД. Оперски представи во национални театри.

Сликата е различна и во многу нешта зависи од составот на оперската екипа.

 

МАРИЛИ: Добитник сте на голем број награди меѓу кои и на државната награда „Св. Климент Охдиски“. Колку наградите се важни и се сатисфакција и поттик за уметниците за нивната натамошна кариера?

ЃИНОВСКА-ИЛКОВА: Наградите се признание за секој еден вложен труд кој резултира со успех.

 

МАРИЛИ: Колку е тешко како семејна жена да се одговори на домашните обврски, а истовремено да се гради интернационална кариера?

ЃИНОВСКА-ИЛКОВА: Јас велам се во свое време. Домаќинството не го доживувам како обврска, напротив, сакам да бидам дел од домот. Уживам во подготвувањето храна, а истото чувство го имаат и домашните.

 

МАРИЛИ: Сметате ли дека со Вашиот личен успех може да бидете пример за младите генерации успешни жени во уметноста, но и во секоја друга сфера во општеството?

ЃИНОВСКА-ИЛКОВА: Јас работам и творам. Тоа е мојот правец, мојата визија за мојата работа. Доколку сте почитуван и признаен како уметник.

 


Статијата е прочитана 1260 пати.

Сподели: