Интервјуа

Јас со својата работа оставам потпис на лицето на клиентите

четврток, 25 февруари 2021

Интервју со д-р. Весна А. Игњатовиќ-Стојиљковиќ, сопственик и генерален менаџер на ординација ДООЕЛ и ПЗУ „Др Ваис“ во кое говори за тоа дека естетската медицина не треба да се поистоветува со нехируршки процедури за подмладување со ботокс и хијалурон, за работењето во услови на ковид-криза кога луѓето се многу пребирливи и внимателни во здравствена, естетска и во финансиска смисла, но дека медицинските услуги, сепак ги ставаат на прво место, за најсовремените методи кои моментално се применуваат во центрите „Др.Ваис“. Зборува и за тоа колку е тешко и после 30 години фирмата да се одржи во самиот врв со амбициозен, но реален план за развој во перспектива кој наговестува отворање на една естетско-медицинска поликлиника

 

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е големиот јубилеј – 30 години од Вашето работење. „Др Ваис“ е приватна здравствена установа која се занимава со естетска медицина. Какви се услуги им нудите на клиентите?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: „Др Ваис“ е прва здравствена установа која преку форма на естетик центар обедини превентивни и тераписки процедури со цел зачувување на здравјето на кожата, косата и на ноктите, со развивање сосема нови и на нашиот пазар непознати медицински гранки: козметологија, трихологија и подологија.

Козметологијата се занимава со сите проблеми на кожата, од превентивни козметички третмани до третмани на лечење и рехабилитација на кожата, независно дали се работи за млада и проблематична кожа подложна кон воспаленија и акни, или за зрела кожа подложна кон дехидрација и збрчкување.

Трихологија е гранка од медицината која се афирмирала преку проблеми со опаѓање на косата, иако во сфера на нејзино делување се сите патолошки состојби на кожата на главата. Превентивниот сегмент на трихологијата се однесува на нега за здрава кожа на главата и косата, како и да не дојде до проблеми како што се слаб квалитет на влакното, појава на првут, опаѓање на косата и друго.

Подологија, или наука за стопала е гранка која во последните години ја постави „Др Ваис“ во првите редови на светски признати подолоски центри, бидејќи успеавме да ги имплементираме нашите протоколи и во неофицијални нехируршки процедури за решавање на многу проблеми како што се сраснати нокти, брадавици, курје око... На тоа му претходеше повеќегодишно активно учество на сите лекари од „Др.Ваис“ на домашни и странски конгреси на кои со своето сопствено искуство аргументирано стоевме зад сите наши неинвазивни и безболни протоколи, наспроти инвазивните хируршки интервенции по кои е неопходен долг период за опоравување на пациентите.

 

МАРИЛИ: Во денешно време многу се актуелни естетските корекции. Дали под естетска медицина се подразбираат и ваков тип на зафати и дали има вакви услуги во Вашите центри?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: За жал, денес многумина естетската медицина ја поистоветуваат со нехируршки процедури за подмладување, односно, со моделирање на лицето со помош на ботокс и хијалурон. Притоа се занемарува најважниот сегмент не само кај медицината, туку и кај естетиката, а тоа е ПРЕВЕНЦИЈА! Кожа која се негува редовно и е под постојан надзор од лекар и терапевт има намален ризик од воспалителни процеси кои можат да остават непријатни последици како што се лузни, флеки или испукани капилари, како што е евидентно дека негуваната кожа и поспоро старее, па затоа покасно ќе има потреба за дополнително „подмладување“. Она што е специфично за „Др Ваис“ е тоа што нашите естетски интервенции се секогаш ускладени со нашите естетски критериуми, а тоа значи дека се работат по мерка, не по желба на клиентот. Многу колеги, а и клиенти ми замеруваат за тоа, меѓутоа, јас и понатаму се држам до својата изјава од пред 30 години, а тоа е дека човек во снегот остава траги од своите стопала, на кожата траги од своите раце кои зборуваат за нас самите. И затоа јас не сум Др Џубокс кој исполнува „музички желби“ на клиентите, туку имам свој естетски критериум и со својата работа оставам потпис на нивното лице. Моите слогани се: „Едукација, а не манипулација на клиентите“, „Корекција, а не трансформација“, „Бидете уникатно издание од себе си, а не копија на другите околу вас“.

 

МАРИЛИ: Дали и колку во услови на ковид-криза клиентите остануваат доследни на естетската медицина, или ги практикуваат само медицинските услуги?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: Во овој момент клиентите се многу пребирливи и внимателни и во здравствена и во естетска и во финансиска смисла. Долгогодшината стратегија на „Др Ваис“ максимално да се грижи за своите клиенти пружајќи им врвен квалитет на услугите преку континуирана едукација на сите вработени, набавка на најквалитетни препарати, најефикасни апарати, во овој момент им пружа на клиентите чувство на комфор и сигурност при доаѓањето во било кој центар „Др.Ваис“, независно дали е тоа во Белград, Ниш или во Скопје. Финансиската неизвесност предизвикана од ковид-кризата, медицинските услуги, сепак, ги става на прво место, а ако во „прасичка-касичка“ остане уште по некој денар, тогаш се инвестира и во „пакување“, односно изглед. Од друга страна, во Белград таа разлика помалку се чувствува, зашто, многу наши клиенти, свесни дека токму со изгледот владеат со својата животна сцена, не се одрекуваат од „фасадни“ интервенции, бидејќи токму од тоа им зависи и општествениот статус. Јас, сепак, се надевам дека оваа ситуација ќе ја промени менталната склопка кај многумина и дека освен билдање мускули, ќе се премине и на билдање мозочни ќелии на кои и ќе се гради сопствената личност и кариера.

 

МАРИЛИ: Вие сте три децении на врвот на својата професија. „Др Ваис“ има естетски центри во Скопје, Белград и во Ниш. Тешко ли е да се биде успешна жена менаџер во оваа сфера и да се одржува бизнисот толку долго време?

ИГЊАТОВИЌ-СТОЈИЉКОВИЌ: Најтешко беше да се донесе одлуката уште во далечната 1990 година сама да запловам во тие непознати приватни води со екипаж кој има само медицинска база, но не и козметолошка надградба, во време кога немаше интернет, литература, едукација, козметичка понуда за решавање на проблемте..., кога се зависеше само од моите професионални и лидерски способности. Но, кога го направив тимот - се беше полесно. Заедно тргнавме во едукативни и терапевтски активности кои резултираа со огромен број задоволни клиенти и со отворање нови центри во Белград и Скопје. Уште потешко од тоа е и после 30 години да се одржиш во самиот врв на естетската медицина со далеку поброен тим и амбициозен, но реален план за развој на фирмата во перспектива.

 

МАРИЛИ: Вашата мајка е Македонка, по татко сте Србинка. Дали Вашето потекло влијаеше бизнисот да го развивате токму во Македонија и во Србија и какви се Вашите планови за во иднина, ќе се ширите ли дополнително можеби и во други држави во регионот?