Безос заминува од лидерската позиција на „Амазон“, на негово место доаѓа Енди Џеси

Најбогатиот човек на светот, Џеф Безос ќе се повлече од функцијата извршен директор на „Амазон“. На негово место доаѓа Енди Џеси, кој ги води веб услугите на компанијата. Безос ќе премине на местото извршен претседател на Бордот директори на компанијата.

„Да се биде извршен директор на ’Амазон’ е голема одговорност и е многу напорно. Кога имате таква одговорност, тешко ќе го насочите вниманието на што било друго“, наведе Безос.

Во писмото до вработените во „Амазон“ тој објави дека се повлекува од функцијата за да се фокусира на нови производи и рани иницијативи. Тука спаѓа Фондот Ден 1, кој дава милиони долари на организациите кои се борат против бездомништвото и финансира изградба на предучилишни установи за семејства со ниски примања, како и Земјиниот фонд на Безос, кој финансира иницијативи за климатски промени. Безос, исто така рече дека сака да посвети време на неговата комерцијална вселенска компанија Blue Origin и на „Вашингтон пост“.

Енди Џеси е во „Амазон“ од 1997 година и работеше како технички асистент на Безос. Тој е малку познат, но моќен извршен директор кој раководи со единицата за клауд компјутинг. Во моментов е извршен директор на „Амазон веб сервиси“ (AWS), профитабилна единица за складирање податоци во облак на „Амазон“, која учествуваше со 67 отсто од оперативниот профит на целата компанија во последниот квартал, потпомогната од зголемената побарувачка на оваа технологија за време на пандемијата.

Под водство на Џеси, AWS се појави како речиси незапирлива сила во индустријата за облак-компјутинг вредна 100 милијарди долари, победувајќи ги „Гугл“ и „Мајкрософт“ и привлекувајќи големи клиенти како „Зум“.

Џеф Безос ја основа „Амазон“ во 1994 година и од е-книжарница ја претвори во мега онлајн трговија на мало, која продава и испорачува различни производи низ светот.

 


Статијата е прочитана 570 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско