Интервјуа

Нема поголема награда од довербата на луѓето и на тимот што ги водите

среда, 03 февруари 2021

Интервју со Тања Милисковиќ, комерцијален директор во „Кромберг и Шуберт“ Македонија“ во кое зборува за тоа што значи континуирано успешно да се менаџира со еден голем систем, како што е „Кромберг и Шуберт“, компанија која е еден од најголемите работодавци во Македонија во приватниот сектор и спаѓа во првите пет најголеми извозници со просечен годишен обрт од околу 230 милиони евра, но посочува и на целосно новата реалност, новите предизвици и приоритети како што е зачување на здравјето на вработените

 

МАРИЛИ: Што значи континуирано успешно да се менаџира со еден голем систем, како што е „Кромберг и Шуберт“, кој е една од најзначајните странски инвестиции во регионот?

МИЛИСКОВИЌ: Првенствено значи голема одговорност, но претставува и огромна чест. Во моментов во „Кромберг и Шуберт“ има повеќе од 5.000 вработени, распоредени на вкупно три проекти, два за „Мерцедес“ и еден за „Ауди“. Изработуваме кабелски снопови за возилата „Вито“, „В-класа“, „Марко Поло“, „Спринтер“, „Ауди А4“ и „Авант“ што ги извезуваме во Шпанија и во Германија. Ние сме еден од најголемите работодавци во Македонија во приватниот сектор и спаѓаме во првите пет најголеми извозници. Компанијата работи во согласност со најновите принципи на концептот на „Lean Management“ и сите други алатки за континуирано подобрување.

Како што рековте, ние сме голем систем со комплексна организациска структура и тој што раководи мора постојано на ум да ја има големата слика, целиот колектив, разновидноста на тимовите и да знае како сите алки во тој систем да ги поместува постојано напред, кон остварувањето на целта. Во нашиот случај главна цел се задоволни вработени, кои секоја година имаат повеќе, успешна компанија, која е финансиски независна и задоволни клиенти со кои ќе ги обезбедиме иднината и работните места за сите. Интерно, овие цели значат: да бидеме најголеми и најдобри, во групацијата на „Кромберг и Шуберт“ и во нашата држава. Секако сме најголеми и секој ден се трудиме да бидеме и подобри колеги, подобар тим, подобри професионалци, подобри мајстори во работата, подобар пример во заедницата во која функционираме преку социјалната одговорност и, на крајот, секој ден да бидеме посложни и подобри луѓе.

 

МАРИЛИ: Како „Кромберг и Шуберт“ се бореше и се бори со Ковид-19, какви мерки беа преземени за полесно справување со пандемијата?

МИЛИСКОВИЌ: На почетокот на март кога започна целата оваа работа, искрено мислевме дека ќе трае неколку недели и сѐ ќе се врати во нормала. Меѓутоа, не беше така. По ескалирањето на ситуацијата во Европа, нашите клиенти ги затворија фабриките и престанаа да работат и поради тоа и ние моравме да го стопираме нашето производство. Повеќе од еден и пол месец луѓето беа дома, погонот празен, машините исклучени. Tежок и тажен период со многу неизвесност и стрес. Изгубивме одреден број работни места, меѓутоа, имавме среќа кон крајот на април да почнеме повторно со работа, постепено, проект по проект, смена по смена и дел од луѓето да вратиме на работа. Додека вработените беа дома, менаџерскиот тим и специјалниот дежурен тим работеше на подготвувањето на процедурата за безбедно враќање на работа. Таа специјална процедура го опфаќа целиот процес, од превозот на вработените од дома до работа, влезот во фабриката, распоредувањето по работни места, целото работно време, користењето на паузите, кантината и зоните за пауза, па сѐ до излезот од фабриката и превозот од работа до дома. Во сите смени имаме специјален тим што врши надзор за почитување на мерките, дава совети и ги потсетува колегите на сите чекори, исто така, вршиме мерење на температурата на сите вработени на секои два-три часа. Доколку се случи кај некој вработен да се појават некакви симптоми, тој со специјално опремено возило и со соодветна заштитна опрема се носи дома и се советува да му се јави на матичниот лекар. Нашите одговорни за БЗПР и целиот Оддел за човечки ресурси имаат одлична соработка и комуникација со здравствените институции и, иако не е едноставно, досега успешно се справуваме со кризата.

Имаме зголемен број отсуства бидејќи не сакаме да ризикуваме и веднаш ги праќаме вработените дома доколку пријават ризичен контакт или не се чувствуваат добро, но немаме трансмисија во фабриката и во текот на работното време. Вработените што биле афектирани, тоа им се случило преку членови на семејството и надвор од работното време. Имаме строга процедура, по секоја смена се врши целокупна дезинфекција на халата, тоалетите, соблекувалните и автобусите, а вршиме и озонирање и посебна дезинфекција со одложено дејство во неработните денови, со што се зголемуваат сигурноста и безбедноста на нашите вработени. Од ноември 2020 година воведовме и бесплатни брзи тестови што помагаат, од една страна, вработените секогаш да имаат можност да се тестираат и да бидат психички ослободени во тој поглед, а, од друга страна, помагаат и подобро да го менаџираме зголемениот број отсуства со кои се соочуваме. Целосно нова реалност, нови предизвици. Ако некогаш главна цел беше да произведеме квалитетно и според нарачките, денес најважно е да го зачуваме здравјето на вработените и да продолжиме да функционираме здрави и живи.

 

МАРИЛИ: „Кромберг и Шуберт“, како општествено одговорна компанија, со повеќе донации ѝ помогна на заедницата полесно да се надминува кризата со Ковид-19. Што беше најзначајно во оваа помош?

МИЛИСКОВИЌ: Како најзначајна би ја издвоила донацијата за опремување на лабораторијата за вршење тестирања за утврдување на Kовид-19, која е единствена од таков вид надвор од Скопје. Кога слушнавме дека битолската болница ќе биде регионален центар, а ние сме најголем работодавец во регионот, што значи дека имаме најмногу луѓе за кои треба да водиме грижа, знаевме дека наша должност е да направиме нешто и да придонесеме за заштитата на колективното и на јавното здравје, односно да дадеме поддршка за работата и трудот на здравствените работници. Во еден исклучително турбулентен период успеавме за многу брзо време да издејствуваме испорака на опремата и почнаа да се спроведуваат тестирања, со што барем на некој начин се зајакнаа вкупните капацитети во државата и се олесни пристапот на луѓето до тестови. Бевме многу радосни што во време кога како компанија се соочуваме со голема неизвесност, успеавме преку овој гест да ја вратиме мотивацијата кај целиот тим и повторно да почувствуваат дека не се откажуваме од добрите дела дури и кога ни е тешко.

 

МАРИЛИ: Минатата година во соработка со Средното техничко училиште во Битола и Германската стопанска комора обезбедивте практична настава за средношколци во проектот „Дуално образование“. Колку ученици посетуваа практична настава во „Кромберг и Шуберт“ и дали по завршувањето на образованието тие ќе можат да се вработат во компанијата?

МИЛИСКОВИЌ: Да, во проектот „Дуално образование“ КШМК се вклучи во 2019 година, при што во соработка со Средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ и со делегацијата на Германската стопанска комора во Македонија се оформи и првата паралелка од струката техничар за индустриска мехатроника, во која моментно има 11 ученици и во октомври 2020 година тие веќе започнаа со практична настава во компанијата. Оваа учебна година се запишани 10 ученици во оваа струка. Новоста во проектот за дуално образование, за разлика од класичниот систем на образование, е тоа што учениците посетуваат практична настава во посебно опремен кабинет во состав на фабриката, каде што сѐ она што теоретски се изучува во училиште практично ќе биде усовршено во компанијата под менторство на специјално обучени ментори што се наши вработени. Покрај техничките знаења, внимание му се посветува и на нивно развивање и изградување во професионалци што дополнително ќе се запознаат со условите и со начинот на работа во една компанија што работи по светски стандарди и ќе видат што значи да се функционира во интернационална, мултикултурна средина.

Целта поради која КШМК се вклучи во овој проект е да придонесе кон развивањето и поддршката на образовниот систем бидејќи како општествено одговорна компанија приоритет на компанијата е поддршката на сѐ што значи подобрување на квалитетот на животот на луѓето. Сакаме да бидеме пример и се надеваме дека учениците ќе ги искористат престојот и времето поминато во нашата компанија како искуство што понатаму ќе им отвори нови врати и можности во животот, ќе им ги зајакне самодовербата и вербата и ќе им помогне да се изградат во професионалци и луѓе со вистински вредности. 

 

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер. Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството?  

МИЛИСКОВИЌ: Дефинитивно да, личниот пример е најважен. Тоа треба да биде модел за однесување и за дејствување за сите други околу вас. Јас се инспирирав од многу жени, тие ми биле примери од кои сум учела и учам, меѓутоа не само од жени. Учев и од многу мажи што, според моето мислење, биле сила за доброто во светот. Мислам дека лидерството е (или треба да биде) човечки принцип, натпревар во добро, во помагање, споделување, обединување, големина да се биде мал пред оние што зависат од тебе или имаат помалку или знаат помалку... за да им помогне да се издигнат, да ги изненади или инспирира дека не постои невозможно или да им ја врати вербата во животот. Успех за секој човек значи нешто различно. Многу е важно човек никогаш да не заборави зошто почнал да работи одредена работа, зошто влегов во приказната, да не се занесе дека е најдобар, па да престане да учи и, најважно, да не заборави дека на позицијата не е заради себе и личниот интерес, туку за да служи на нешто поголемо од себе.

Успехот не е само за „сликање“ или за претстава на материјалните нешта што ги имате. Успехот е чувството што го имате во себе кога ќе ги видите резултатите и кога ќе знаете дека поради вашата работа нечиј живот е барем малку подобар и полесен. Тоа е богатството, нема поголема награда од довербата на луѓето и тимот што имате сре