Македонија

Аплицирање за субвенции преку „Купи куќа, купи стан“ до крајот на годинава

понеделник, 25 јануари 2021

 Министерството за финансии објави јавен повик за доделување субвенции за станбен кредит преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Граѓаните ќе можат да поднесат барање заклучно со 31 декември годинава за државна субвенција на учеството или на месечната рата за купување стан или на куќа.
Субвенцијата се одобрува за станбен кредит до 50.000 евра со рок на отплата што не е пократок од 20 години и може да достигне и до 20.000 евра, согласно избраниот модел на субвенционирање и висината на кредитот. Согласно избраниот модел субвенционираниот период може да биде и до 11 години.

Граѓаните можат да аплицираат за шест различни модели кои нудат различни поволности согласно тоа дали сакаат да аплицираат за субвенционирање на месечна рата на кредитот или за учество, во зависност од тоа дали аплицираат за купување стан или куќа и во зависност од возраста. Повеќе за моделите може да се види на прирачникот објавен на веб-страницата на Министерството за финансии. Од Министерството велат дека каматната стапка за станбениот кредит преку проектот е исто така исклучително поволна. За моделите каде се субвенционира ратата, каматата за првите три години изнесува 2,9 проценти, а за четвртата и петатта година 3,9 проценти. Кај моделите каде се субвенционира учеството, каматата изнесува 4 проценти за цело времетраење на отплатата плус 6-месечен еурибор.

Дополнителна поволност која ја дава проектот за корисниците е дека за секое новородено или посвоено дете ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти. За проектот може да аплицираат лица кои се или не се во брак, a ги исполнуваат следните услови: не смеат да имаат стан или куќа на свое име или на име на брачниот другар, месечните приходи не смеат да надминуваат 900 евра доколку не се во брак или 1.300 евра доколку се во брак, продажната цена на станбениот објект мора да биде до 900 евра за квадратен метар и станот и куќата кои се купуваат или градат мора да бидат новоградба, односно да се купат од инвеститор или изведувач. Исто така, станбената површина не смее да надминува 150 квадратни метри.

Сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат овие услови и се кредитноспособни согласно условите од банката можат да аплицираат во една од осумтте банки кои учествуваат во проектот: Тутунска банка, Стопанска банка-Скопје, Шпаркасе банка, Стопанска банка-Битола, Силк Роуд банка, ТТК банка, Охридска банка и Прокредит банка.  

Од Министерсвото за финансии сооштуваат дека минатата година преку проектот се одобрени 278 барања за субвенциониран станбен кредит, од коишто 259 се за купување нов стан, а 19 за изградба на куќа. Вкупно, од почетокот на проектот досега одобрени се 1.693 барања за купување стан или куќа, или речиси 1.700 граѓани или семејства преку проектот дошле до сопствен дом.

Содржината е прочитана 59 пати.