Бизнис вести

Петтиот пакет економски мерки е 50 милиони евра, таргет се малите фирми

среда, 13 јануари 2021

Петтиот пакет економски мерки е „тежок“ 50, парите се обезбедени во буџетот, а таргет овој пат ќе бидат малите компании, односно оние кои имаат до десет вработени и кои се покажаа како најпогодени од кризата што ја наметна пандемијата. За да се реализира, ќе биде потребно да се изгласа уште еден закон за финансиска поддршка.

Според најавите на министерот за економија, Крешник Бектеши мерките ќе бидат таргетирани секторски каде пандемијата имала најголемо влијание на намалување на приходите и на отпуштање на работници. Министерството за економија деновиве ќе достави до стопанските комори драфт-верзија на измените на Законот за финансиска поддршка, во кој ќе се дефинира кој се ќе влезе на списокот за државни пари.

„Ние ќе ја искористиме можноста да направиме дополнителни промени и да го зголемиме опфатот на компании кои можат да ги искористат мерките од овој закон. Сите мерки и предлози ќе бидат дискутирани со стопанските комори, ќе ги собереме сите предлози кои доаѓаат од различни институции, вклучително и на Министерството за економија и на почетокот на февруари, во согласност со нашите планови и динамика ќе излеземе со мерките и ќе почнеме да ги реализираме“, изјави Бектеши.

А, бизнисот веќе ги испорача барањата. Според Сојузот на стопански комори најважно е да има финансиска поддршка која ќе биде неповратна и да има кредитирање кое би било повластено за одржување на ликвидноста, даночно олеснување и за субвенции за плати. За Стопанската комора на Македонија, пак, приоритет би требало да имаат инвестициите, извозот и институциите, потоа царинските олеснувања, како и да се креира фонд за иновации за големите компании.

 

Содржината е прочитана 34 пати.