Култура

Конкурсот за наградата „Роман на годината“ е отворен до 15 јануари

вторник, 05 јануари 2021

Наградата ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“

Конкурсот за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ е отворен до 15 јануари. Право на учество на конкурсот што беше отворен на 15 минатиот месец имаат романите кои за прв пат се објавени на македонски јазик во 2020 година.

„Кандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот, што не се враќаат, во читалницата ’Славко Јаневски’ во Скопје (ул. ’Димитрие Чуповски’ бр. 23/1-1) или по пошта, на адреса на Фондацијата, бул. ’Кузман Јосифовски Питу’ 19/6-40, Скопје. Доколку бидат испратени по препорачана пошта, ќе бидат прифатени оние романи коишто благовремено ќе бидат доставени со дата на печатот заклучно со 15 јануари 2021 година“, се вели во соопштението на Фондацијата.

Оттаму посочуваат дека е пожелно и доставување на романите во електронска верзија на адресата romannagodinata@gmail.com.

Наградата „Роман на годината“ се состои од статуетка, плакета и паричен износ од 150.000 денари. Петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе одлуката за добитникот на наградата најдоцна до 15 март 2021 година и следниот работен ден да ја објави и на прес-конференција. Наградата „Роман на годината“ која беше заштитен знак на сега веќе згаснатиот „Утрински весник годинава ќе биде доделена по 22 пат.

Содржината е прочитана 297 пати.